Против ејџизмот: Сигурни Вивер е незапирлива и на 73 години

Нејзините неодамнешни филмски улоги имаат широк тематски опсег од социјално ангажирани (Повикај ја Џејн) и политички напнати (Мајстор градинар) до научно-фантастична (Аватар: Патот на водата).

Не сме изненадени што Сигурни Вивер е воодушевена од разновидноста. Во минатото, ако играте постара жена, тоа веројатно ќе беше стереотипна досадна улога на свекрва или нешто слично.

Последниот проект, мини-серијата од седум дела, продуцирана од Prime Video, се вика „Изгубените цвеќиња на Алис Харт“. Адаптиран од дебитантскиот роман на австралиската авторка Холи Рингленд, тоа е потресна семејна приказна што нè соочува со прашања за контрола и злоупотреба.

Фото: Wikipedia/Gage Skidmore

Без некаква помпезна најава, на мапата за стриминг се појави мини-серијата и во првата недела од објавувањето, оваа семејна драма доби одлични критики и стана една од најгледаните серии. Доколку сте заинтригирани, ќе ве воведеме малку повеќе во дејството кое се одвива во две наративни линии.

На почетокот ја среќаваме протагонистката Алис Харт, чие детство се одвива на изолирана австралиска фарма, покрај нејзината мајка и насилниот татко. За еден ден домот на семејството Харт е уништен од подметнат пожар, а девојчето останува без двајцата родители.

Втората наративна линија се одвива на цветната фарма Торнфилд и се фокусира на ликот на Џун Харт, која ја презема грижата за својата внука по смртта на нејзиниот син.

Наративот на оваа семејна драма со елементи на мистерија е уникатен по многу нешта. Почетокот на секоја епизода е поврзан со цвет од богатата флора на Австралија. Ваквиот концепт создава дополнителна мистика и го комплетира целото искуство за гледачот. Покрај совршено исполираните ликови, оваа мини-серија гарантира и вистински визуелен спектакл, исткаен од флората и невидено убави пејзажи на јужна Австралија.

Заплетот носи со себе силна порака – прецизно истражува како семејните трауми од далечното минато влијаат на новите генерации.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.