КОСА: Модерни фризури за зима 23/24

Од залижан кок како на балерина, преку лежерни бохо-бранови, до интересни додатоци како шноли и скулптури на горниот дел од главата.

Директно од модните писти, ви пренесуваме преглед на главните трендови на фризури оваа сезона.

БОБ

Во сите должини и текстури, боб-фризурата дефинитивно доминира оваа година, а нејзината популарност се чини дека не опаѓа. Таа ги „прошета“ модните писти на најугледните модни куќи – како Диор и Шанел – со патец на средината, со права и брановидна текстура, достасувајќи до брадата.

СЛОЕВИТО

Не е чудно што на модните писти „прошетаа“ скалести фризури со силно нагласени слоеви, како волчјиот крој (wolf cut) и шаг-фризурата, но оваа есен и зима, судејќи според препораките на светските фризери, ни доаѓаат посуптилни верзии на слоевити фризури. Во стилот на „тивок луксуз“, кој неодамна го преплави светот на модата и убавината, на улиците ќе владее таканаречениот хаш (hush) и лисичест крој (fox cut).

НИСКО ОПАВЧЕ + ВИСОК СЈАЈ

Се носи опавче, но не какво било! Како што можеше да се види на ревијата на модната куќа Шанел, за целосен ефект, ниското опавче сега е украсено со XXL-шнола. Но не застанувајте тука – слободно додајте и други детали, а изгледот надополнете го со залижана коса со висок сјај. Без грешка!

ВОЛУМЕН ВО СТИЛ ОД 1960-ТИТЕ

На модната писта на куќата Ланвин блеснаа женствените фризури во стилот на 1960-тите. Волуменозната и блескава долга коса исчешлана наназад, а во некои случаи и лежерно обвиткана врз рамениците, изгледаше како „да е исчешлана со прстите“. Лежерен шик идеален за секоја пригода.

ПАНДЕЛКИ ЗА КОСА

Романтичната и едноставна панделка го украде вниманието на модните писти. Женствени, но храбри, црни панделки во сите големини ги красат опавчињата, коковите, плетенките…

КРКМИ ВО СИТЕ ДОЛИЖИНИ

Густите кркми што ги допираат трепките, оние кои допираат само до половина од челото или само неколку тенки и ретки прамени расфрлани врз челото… велат дека кркмите се многу актуелни – и ќе ѝ дадат нов изглед на вашата фризура.

НИЗОК КОК

Фламенко-инспирацијата се гледа главно во карактеристичните широки фустани, огнени нијанси, чевли и цветови во косата, а кога сме во светот на косата, и во нискиот кок. Некои се совршено обликувани, додека други, како што можевме да видиме на ревиите на YSL и на Ели Сааб, се лежерно испреплетени за порелаксиран изглед. Вие избирате!

ДОДАТОЦИ ЗА КОСА

Лентите за глава, како некогаш популарните грејачи за уши, шарените марами во стилот на Шанел, впечатливите обрачи налик на тијара и тенките венчиња украсени со „дијаманти“ го подобруваат изгледот, но и стајлингот, а се добар избор за деновите кога немате фризура.

УЛТРАКРАТКО

Ултракратките фризури, исто како оние резервирани за мажи, владееја на ревиите на модните куќи како Џамбатиста Вали, Диор, Спортмакс и Цимерман. Невозможно е да останете незабележани со нив.

ПРИРОДНИ БРАНОВИ И КАДРИЦИ

Модните дизајнери ни кажуваат да ја прифатиме нашата природна текстура на косата, без разлика дали е кадрава, брановидна или само со малку текстура. Како што ни покажа на пример Луј Витон, се носи природно и лежерно – во бохо-стил.

ПОЛУПОДИГНАТА ФРИЗУРА

Лежерното полуопавче на Шанел и Куреж донесе допир на романтика на модните писти. Брановидни, непослушни прамени, кои совршено го врамуваа лицето, беа скротени со софистицирани и интересни шноли.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.