КЛИМАКС: Што можат да направат жените за да се справат со заборавот при менопауза?

Заборавате и лошо спиете? Тоа се должи на хормоналниот ролеркостер

Менопаузата воопшто не е лесен период за жените: освен што дивеат хормоните, а со тоа периодично се менува и расположението – како „плима и осека“, се јавуваат и тешкотии со помнењето и несоница.

Влошувањето на меморијата кај жените може да биде поврзано со пониски нивоа на женскиот полов хормон естроген за време на менопаузата. Кога хормоналните промени ќе завршат, овие непријатности обично исчезнуваат. Меѓутоа, со возраста, можно е влошување на меморијата – а тоа е веќе поврзано со развој на атеросклероза… Што можат да направат жените за да се справат со заборавот при менопауза?

ХРАНА И СПОРТ НАМЕСТО ЛЕКОВИ

* Потрудете се да избегнувате храна што е богата со холестерол. И во исто време помогнете му на организмот – јадете производи богати со фитоестрогени: овесна каша, ориз, зелка, мешунки, семки, јаткасти плодови. Користете растителни масла (ладно цеденото маслиново и лененото семе се подобри од сончогледовото).

* Фитоестрогените не само што ќе ја подобрат меморијата туку и ќе помогнат да се зачува младоста и да се ублажат симптомите на климаксот. Многу е важно во исхраната да има риба, бидејќи е богата со омега-3 масни киселини, како и зеленчук со зелени листови, потоа зелениште од коренести растенија (морков, цвекло, ротквичка), спанаќ, никулци од житарки, цитруси, црна рибизла, јадења од тиква, урда, младо сирење, јајца, пилешки гради, морска зелка (ламинарии).

* Меморијата ја подобруваат чоколадото (особено црното), кафето, зелениот чај, циметот, ѓумбирот, каранфилчето, морското оревче. Затоа додавајте ги во храната, доколку не ви пречат на желудникот. Смоквите и сливите се исто така корисни за памтењето.

* Дополнително, земајте мултивитамински комплекси, по еден месец, три-четири пати годишно.

* Не заборавајте на физичката активност, таа ја зајакнува врската помеѓу невроните во мозокот, го подобрува крвотокот, а со тоа и меморијата.

ТРЕНИРАЈТЕ ГО МОЗОКОТ

Решавајте крстозбори или судоку, учете странски јазици, имиња на собни или градинарски цвеќиња, занимавајте се со нешто што ве интересира.

Не потсмевајте ѝ се на сопствената меморија. Често може да се слушне: „Памтам како златна рипка – три секунди“, „Главата ми е како сито, заборавам сѐ“ и слично. Всушност, со овие негативни реченици, човекот го програмира и го зајакнува оштетувањето на меморијата. Тоа е негативна автосугестија. Наместо тоа, често велете си себеси: „Имам добра меморија, од прва запаметувам сѐ“, „Секој ден меморијата ми станува сѐ подобра“. Така и ќе биде!

АКО ВЕ МАЧИ НЕСОНИЦА…

* За подобрување на сонот ќе помогне аптекарска тинктура од божур (лат. Paeonia anomala). Земајте по 30-40 капки три-четири пати на ден или 15 капки на ден и едно лажиче пред спиење.

! Контраиндикации: намалена коагулација на крвта, низок крвен притисок.

* Може да земате и аптекарска тинктура од маточина: 15-20 капки три-четири пати на ден, 20 минути пред јадење, или тинктура од валеријана во иста доза и распоред.

* Доколку не ви годат алкохолните тинктури, една лажица сува сечкана маточина прелејте со шолја зовриена вода, оставете ја да отстои додека се излади, па процедете ја. Земајте по една лажица три-четири пати на ден, пред јадење. Третманот е долготраен. Ова средство помага и во случај на хипертензија.

! Контраиндикации: низок крвен притисок, брадикардија (проретчен срцев ритам).

ФАКТ

Дали климаксот на жената ќе премине во потежок (патолошки) облик зависи од нејзиниот начин на живот и присуство, т.е. отсуство на придружни болести. Доколку нема лоши навики, со редовна физичка активност, правилна исхрана и редовни гинеколошки прегледи – голема е веројатноста дека реорганизацијата на хормоните (т.н. хормонална перестројка) нема да донесе сериозни проблеми.

ТЕКСТ: БОЈАНА СТОЈМЕНОВИЌ

ФОТО: COTTONBRO STUDIO / PEXELS

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.