Како се храни Елена Бубало: „Не постои нешто што не сакам и не можам да јадам!“

Обожава тестенини, но секогаш внимава на количеството

Секојдневно ги инспирира своите следбеници и вежбачи со активниот начин на живот, па нè интересираше кои здрави навики ги практикува една од нашите најпознати фитнес-експертки…

Елена Бубало е една од најгласните поборнички за здрав и активен живот. Зад себе има вистинска армија на следбеници, кои ги мотивира не само со зборови туку и преку свои лични примери. Таа е фитнес-тренерка, едукаторка, посветена мајка и сопруга, а од неодамна го почести пазарот и со свој производ – вкусните барови Bubalo. Во продолжение ви откриваме кои фитнес-навики се дел од нејзиното секојдневје…

ФИТНЕСОТ КАКО СТИЛ НА ЖИВОТ

Елена почнала да внимава на исхраната пред 15 години, кога сè уште не се занимавала со фитнес, но студирала биохемија, па јасно ѝ било како се одвиваат биохемиските процеси во телото: „Не беше лесно да се почне и информациите не беа толку достапни како сега. Најпрво го отфрлив од исхраната сето тоа што сметав дека не е здраво (леб, шеќер, сокови), што не е правилно, но е добро како почеток. Почнав повеќе да вежбам, не водејќи сметка дека не внесувам доволно протеини во телото. Се плашев и да помирисам протеински прашок, не пак да испијам. Така, неедуцирано, се вртев во круг три години, но потоа почнав да учам за да станам фитнес-тренерка и тогаш започнаа големите промени во исхраната. Денес, тоа е мојот стил на живот, што го препорачувам за секого.“

Иако никогаш не држела диета, имало периоди кога броела калории, без да дозволи тоа да ѝ премине во опсесија: „Јас сум против диети. Не може за секого да функционира една иста диета. Исхраната не треба да ни предизвикува стрес. Сум броела калории, но само за да добијам перцепција колку приближно јадам во денот. Секој треба да знае колку внесува и колку троши, бидејќи тоа е формулата за да се стигне до посакуваниот резултат, но и за да се биде здрав.“

РАЗНОВИДНО МЕНИ

Менито на Елена секој ден е различно, но секогаш изобилува со здрави намирници. „За појадок имам две омилени варијанти. Едната е некаков омлет со зеленчук, а ако ми се јаде благо, тоа е протеинска овесна каша со овошје. За ручек секој ден е различно, бидејќи готвам за децата и тоа го комбинирам и за мене и Атанас, од манџи до риба. Вечерата обично е салата, само го менува изборот на протеин (туна, урда, остатоци од некое месо од ручекот). За ужина претпочитам протеински шејк, новите барови Bubalo или овошје со грчки јогурт и јатки.“

Многу е важно здравите навики да им се пренесат и на децата, па иако Бубало е против тоа да им се забрануваат грицки и благо, сепак смета дека треба да знаат што е главен оброк и како треба да изгледа: „Не може чоколадото да е ручек. Не може ни да се јаде чоколадо за десерт, тоа не е правилно. Но може чоколатцето или грицките да бидат ужина. Не можеме да ги тераме децата да прават нешто што ние не го правиме. Ние сме им примерот. Тврдам дека проблемот е во родителите, а не во децата. Ако секој ден ве гледаат како се храните здраво, нема да имаат друг избор освен и тие да го прават истото тоа.“

ТЕСТЕНИНИ ЗАСЕКОГАШ!

Верувале или не, омиленото јадење на Елена се токму тестенините, и тоа приготвени на наједноставниот начин: „Не мора да бидат со најубавиот сос, доволни ми се макарони со сирење и домашен кечап. Е сега, бонус е ако станува збор за некои тестенини во ресторан. И не си ги забранувам, ги јадам, но внимавам на количеството. Не постои нешто што не сакам и не можам да јадам!“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Наташа Величковска, GETTY IMAGES

Како се храни познатата Викторија Лоба: Вечера рано, но не се откажува од чајот со торта или колач!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.