Ако сакате да бидете вити како балерина, пробајте балет-фит!

Бидете вити и здрави

Часовите по балет-фит се одлични за сите жени што сакаат да ги искусат придобивките на класичниот балет

Балерините фасцинираат со својата грациозност, правилно држење и убаво обликувани нозе, па не е ни чудо што речиси секој посакува фигура како нивната. Факт е дека не се станува балерина прекуноќ, но можете да ги искусите придобивките од класичниот балет на часови по балет-фит! Оваа активност, која стекна светска популарност благодарение на програмата Ballet Beautiful на познатата Мери Хелен Бауерс, сега е достапна и кај нас. Никита Саботковска, професионална балерина во МОБ и инструкторка по балет-фит, двапати неделно ѝ овозможува на секоја девојка да се почувствува како балерина токму на нејзините часови во СЦ „Борис Трајковски“ или онлајн!

Балет за возрасни

Балет-фит подразбира вежби инспирирани од класичниот балет во комбинација со јога, пилатес и многу истегнување, приспособени за девојки што никогаш не се сретнале со оваа активност. Токму желбата да им го пренесе своето знаење на сите оние што сакаат барем за момент да ја почувствуваат балетската магија, ја поттикнала Никита да започне со ваков тип часови: „Кога споделувам со што се занимавам, често наидувам на восхит, бидејќи природата на професијата е таква што ми овозможува да имам добро држење на телото, еластичност и флексибилност. Така спонтано ја добив и идејата за балет-фит, кој е наменет за сите оние што сакаат да ги искусат придобивките од класичниот балет“.

За да се приклучите, не ви треба никакво претходно искуство и посебна физичка подготвеност, потребни ви се само голема желба и два часа во неделата, кои ќе си ги посветите на себе и на вашето тело. Па, доколку во детството сте мечтаеле да станете балерина, но поради одредени причини не сте си ја остварила желбата, сега имате можност да го сторите тоа!

Еластично тело и дефинирани мускули

База на часовите се балетските вежби, но осмислени за почетници. Постепено се загреваат мускулите, се работи на флексибилноста, а посебно внимание се обрнува на грбот и на самото држење на телото. „За жал, поради начинот на живот и типот на работа, често се занемарува грбот. Па затоа, за време на пандемијата, многу е важно да не ја заборавиме потребата на телото да остане активно и здраво“, објаснува Никита и додава дека по кратко време практикување балет-фит, веднаш ќе се забележи подобрување на држењето, телото ќе стане еластично, а мускулите дефинирани.

Интересот за оваа физичка активност постојано расте и сè уште не е доцна да се приклучите: „И покрај секојдневните предизвици, би им препорачала на сите да издвојат малку време што ќе си го посветат само на себе. Да си најдат издувен вентил. Кога знаеме дека сме направиле нешто корисно за своето тело, се чувствуваме подобро и полесно се фокусираме на преостанатите обврски во денот, а истовремено му правиме долгорочна услуга на нашето физичко здравје“, завршува Никита.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Александар Томовски

Фитнес-експертка одговара на прашањето: Зошто најтешко се симнува вишокот од стомакот?
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.