Свечени предјадења достојни за кралска трпеза: Три врвни рецепти што ќе ги воодушеват сите гости!

Се приготвуваат лесно и брзо

Ви предлагаме три прекрасни рецепти за свечени предјадења што ќе ги воодушевуваат сите ваши гости со својот вкус

Почна сезоната на слави, а свечената трпеза не може да помине без вкусно предјадење. Ви предлагаме три фантастични рецепти за кремливи и сочни предјадења што ќе го воодушеват секого со својот раскошен вкус.

Солен ролат од спанаќ со кашкавал и панцета

Состојки:

За кората:

  • 6 јајца
  • 3 лажици павлака
  • 7 лажици брашно
  • 1 прашок за печиво
  • прстофат сол
  • 200 г спанаќ

За филот:

  • 200 г сирење по желба
  • 2-3 лажици павлака
  • 5-6 листови панцета
  • За премачкување:
  • 1 лажица мајонез
  • 3 лажици павлака
  • 50 г кашкавал

Приготвување:

Изматете ги жолчките, па додајте павлака, брашно и на крајот, прашок за печиво. Потоа, додајте и одмрзнат спанаќ. Посебно изматете ги белките, па соединете ги со смесата од жолчки, полека мешајќи со лажица. Сипете ја смесата во голем плех од рерна, обложен со хартија за печење, па печете ја 15-тина минути на 190 степени. Проверете со чепкалка дали е испечено. Печената кора префрлете ја на чиста крпа, што сте ја намокриле со вода, па завиткајте во ролат. Оставете да се олади.

Сирењето изгмечете го со виљушка, додајте павлака и измешајте да се соедини убаво. Одвиткајте ја кората, премачкајте ја рамномерно со сирење, само оставете 2 см по должина без фил, за да не ви истекува кога ќе виткате. Преку сирењето наредете листови панцета и завиткајте во ролат. Премачкајте го ролатот со мајонез и павлака што претходно сте ги измешале, а потоа, одозгора изрендајте кашкавал. Нека отстои во фрижидер прекуноќ.

Кремлива пилешка салата со печен сусам и праз

Состојки:

  • 200 г пилешко бело месо
  • 250 г макарони
  • 100 г сусам
  • 300 мл мајонез
  • 1 лажиче сенф
  • 1 страк праз
  • 100 г крупно мелени кикирики
  • сол и бибер по вкус

Приготвување:

Сварете ги пилешкото и макароните, па ситно исечкајте го месото. Потпечете го сусамот на суво тавче, со многу често мешање. Внимавајте да не ви изгори. Измешајте мајонез, сенф и кикирики, па додајте го месото, сечканиот праз и сусамот. На крајот, додајте ги макароните, па зачинете ги со малку бибер и посолете во вкус. Салатата треба да отстои барем неколку часа во фрижидер, а најдобро прекуноќ, за да се соединат вкусовите.

Солени топчиња

Состојки:

  • 200 г сирење
  • 100 г павлака
  • 100 г мајонез
  • 250 г солени бисквити
  • 100 г сечкана шунка
  • 100 г пилешки гради
  • 50 г спанаќ
  • 80 г кашкавал
  • 2-3 кисели краставички

За валање:

  • 100 г мелени кикирики
  • препечен сусам
  • рендан кашкавал

Приготвување:

Сомелете ги бисквитите, па додајте сирење, павлака и мајонез. Замесете хомогена смеса, па поделете ја на три дела. Во првиот дел додајте сечкана шунка, во вториот дел сечкани пилешки гради и сварен и исцеден спанаќ, а во третиот додајте 80 г рендан кашкавал и сечкани краставички.

Направете топчиња од смесите, па едните валајте ги во ситно рендан кашкавал, другите во мелени кикирики, а третите во препечениот сусам. Ставете ги во украсни кошнички и оставете ги да се оладат и стегнат.

Трикови за мајсторско редење мезе: Совршено за слава и други свечености!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.