Чек-листа на Тамара Волческа: Дознајте како нашата пејачка го поминува слободното време

Одлични предлози

Предлозите на Тамара се гаранција за добар старт на неделата

Во слободно време, пејачката Тамара Волческа, која дебитира на музичката сцена со песната Do You Remember, иако има динамично секојдневје преполно со обврски, сепак успева да најде време за добри филмски, музички и книжевни дела!

ДОЗА МОТИВАЦИЈА

Мислам дека Инстаграм е најактуелната апликација кај нас. Прво бев против таквото експонирање на социјалните мрежи, но откако почнав јавно да создавам музика, пронајдов поента во тоа и сакам да ја ширам таа позитива. Би ја издвоила и CoStar – апликација за астрологија, натална карта и хороскоп. Добивам секојдневни известувања и мисла на денот, што знае да биде убав двигател.

ВО ЕДЕН ЗДИВ

Двапати досега ја имам изгледано ТВ-серијата „100-те“ (The 100) и би го направила тоа не знам уште колку пати. Приказна за опстанок, борба за своите луѓе, потрага по праведност, предавство и донесување тешки животни одлуки. Ја изгледав во еден здив, дури и ја изживеав. Ме инспирира и за мојата тетоважа што ја носам на раката!

СМИРУВАЧКА ЕНЕРГИЈА

Музиката е мојот живот! Слушам сè, во зависност од расположението и атмосферата. Периодов, балансирајќи меѓу мирот наутро и полнењето со енергија, ги слушам Hillsong United. Ме смирува нивната енергија, длабочината на нивните изведби и душата што ја носат во себе кога создаваат уметност.

КНИГИ СО СИЛНА ПОРАКА

Единствените книги што можат да го задржат моето внимание докрај се оние со мотивациски содржини, психолошки четива што поттикнуваат работа на себе. „Моќта на потсвеста“, „Души близнаци“, книгите на Коста Петров, „Волкот од Волстрит“, „Лидер без титула“ се книги со силна порака што го будат несвесното и нè поврзуваат со нашата душа.

ФИЛМ ШТО ИНСПИРИРА

Мојот омилен филм е „Потрага по среќа“ (The Pursuit of Happyness). Познатата изрека на Вил Смит„Ако имаш сон, мораш да го заштитиш“ – ми одекнува во главата по секој доживеан пораз, по секој недостиг од мотивација и инспирација да го постигнам она кон коешто тежнеам.

Уживајте во предлозите на Тамара, а ние ви предлагаме да ја преслушате нејзината Do You Remember,

ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ: Имајте фантастичен викенд со филмските и музичките предлози на Давид Мука!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.