Под закана – сите органи: Коронавирусот влијае на здравјето на усната празнина

На сувата уста, која се јавува како несакан ефект по прележан ковид-19, малкумина обрнуваат внимание, што е грешка! Повеќе за тоа ќе ни каже д-р Елена Алексеевна Хромова, стоматолог-пародонтолог.

Не е тајна дека коронавирусот дејствува погубно не само на белите дробови туку и на другите човечки органи, а последиците од тоа може да бидат катастрофални. Многу пациенти што ја прележале оваа подмолна болест се жалат на сува уста и лош здив…

Објективна слика за влијанието на коронавирусот врз човечкиот организам може да се добие само по посериозни долгорочни студии, но сега, како стоматолог, сакам на читателите да им обрнам внимание на фактот дека влезната врата во организмот за САРС-КоВ- 2 е слузокожата на устата, носот и очите, низ која вирусот навлегува во горните дишни патишта и почнува да се размножува во нив.

Многу вирусни инфекции, вклучувајќи и ковид-19, на еден или друг начин влијаат на плунковните жлезди, односно на лачењето на плунката, и може да предизвикаат чувство на сувост во устата или носот. Оваа состојба се нарекува ксеростомија и е поврзана со намалување или прекин на лачењето на плунката.

Ксеростомијата е последица на разни системски заболувања, ревматоиден артритис, хипертензија, дијабетес мелитус, анемија поради недостиг од железо, ХИВ, несакани ефекти од лекови, па дури и стрес. За жал, сè уште не знаеме дали самиот вирус е виновен за настанокот на ксеростомијата или лековите што пациентите ги земале за време на лекувањето.

Како се манифестира ксеростомија?

Поради постојаното сушење на устата, пациентот има отежнато зборување, џвакање, голтање, болка при јадење зачинета, топла и тврда храна, чувство на печење и скокоткање на слузокожата, забележани се и нарушувања во сетилото за вкус. Покрај тоа, можно е оштетување на слузокожата на устата, кое се манифестира со лупење, пукање, лепење на забите, промена на бојата.

Што можете да ни кажете за стоматолошките проблеми што ја придружуваат инфекцијата со коронавирус?

Постојаната сува уста влијае на главните аспекти од животот на пациентот и може да доведе до многу стоматолошки состојби, како што се гингивитис (воспаление на непцата) и периодонтитис (воспаление на ткивата околу забите). Тоа се должи на прекумерната насобирањето и на меките наслаги и на супрагингивалниот и субгингивалниот камен.

Терапијата со лекови, вклучувајќи ја и употребата на антибиотици од различни групи и други лекови за лекување на основната болест, во голема мера придонесува за намалување на одбранбената сила на организмот и усната празнина, што, пак, предизвикува развој на кандидијаза (инфекција предизвикана од специфични габи).

Неопходна е посета на стоматолог

Дали во случај на такви симптоми е задолжително да се посети стоматолог или тоа ќе помине само“?

Резултатите од прегледите на пациентите со ковид-19 ги потврдуваат потребата и целисходноста од вклучување стоматолошки преглед по нивното клиничко закрепнување, а задачата на стоматологот е да го избере најсоодветниот алгоритам за нивно лекување, во зависност од клиничките манифестации во усната празнина. Запомнете: дури и ако ковид-19 се појави асимптоматски, може да остави долгорочни штетни последици во вид на ослабен имунолошки систем или склоност кон автоимуни процеси, вклучувајќи ги и оние во усната празнина.

Каков е планот на лекување ксеростомија? И што може да направи пациентот во домашни услови?

Само лекар по прегледот може да препорача лек за лекување ксеростомија. А дома, треба да обрнете внимание на изборот на пастата за заби за секојдневна нега на забите. Таа во својот состав не смее да содржи антисептици, антибиотици или бои. Само таквите пасти обезбедуваат долготрајна хидратација и удобност на слузокожата на усната празнина, ја намалуваат сувоста и штитат од негативни влијанија.

Дури и ако ковид-19 се појави асимптоматски, може да остави долгорочни штетни последици во вид на ослабен имунолошки систем или склоност кон автоимуни процеси, вклучувајќи ги и оние во усната празнина.

Текст: Бојана Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.