Најлошиот подарок за празниците: ГРИПОТ

Зимата и празниците поврзани со неа се убави кога сме здрави. Ви го посакуваме само тоа

Иако оваа сезона фокусот на грижата за здравјето е поврзан со заканата од сарс-ков-2, сепак не треба да заборавиме на ризикот од сезонскиот грип, особено ако ние или нашите најблиски ѝ припаѓаме на некоја од ризичните групи…

Секоја година наидуваме на списоци за најлошите новогодишни подароци. Во списоците среќаваме различни работи, како што се чорапи или крпи, па до апсолутно неупотребливи предмети за одредена личност.

Вистината е дека она што ние не го сакаме, не може да го сака ниту некој друг. Сепак, постои еден подарок што никој не би сакал да го добие. Дефинитивно најлошиот „подарок“ што можеме да им го дадеме на нашите најблиски е грипот.

Грипот значи пропуштени моменти

Знаеме колку е непријатно да се биде болен од грип – болки во мускулите, треска, течење на носот, константен замор, работи што толку нѐ мачат што престануваме да имаме интерес речиси за сè околу нас.

Замислете дека сте болни непосредно пред или за време на празниците!

Сите се среќни, разменуваат подароци и се гушкаат, додека вие лежите во кревет. Ужасно! Не сакате ни да помислите дека треба да бидете примени во болница? Тешко дека некој посакува вакво нешто за себе или за своите роднини и пријатели.

Уште полошо е ако деновите поминуваат, а се појавуваат дополнителни компликации. Така што ако меѓу вашите роднини има луѓе од ризичните групи, бидете внимателни. Обидете се да ги заштитите, бидејќи најдобриот подарок е здравјето.

Можни компликации

Факт е дека помладите луѓе заболени од грип, кои во истиот момент немаат некои други заболувања, најчесто немаат компликации по грипот. Но дали размислуваме за хронично болните и за старите лица?

За роднините што ги гушкаме, пријателите со кои сме во постојан контакт? Луѓето постари од 65 години имаат тешкотии да закрепнат од грипот, тешка е грижата за нив потоа, а често развиваат и пневмонија. Состојбата на хронично болните може да биде комплицирана и доколку се разболат од грип.

Додека, пак, ризикот од срцев удар по грип е трипати поголем. Ова е особено застрашувачко за оние што имаат кардиоваскуларни заболувања.

Секоја година околу половина милион луѓе умираат од грип или од негови компликации. Не потценувајте го ризикот и бидете внимателни кога комуницирате со други или носите одлуки за себе. Оваа зима предизвикот ќе биде уште поголем поради присуството на ковид-19, што е уште една сериозна закана.

Најлошиот можен „подарок“ за празниците дефинитивно е грипот. Затоа, ве советуваме да бидете внимателни во текот на зимските месеци и да се заштитите себеси и вашите најблиски. Инфекцијата понекогаш е многу лесна, за разлика од закрепнувањето.

Светската здравствена организација препорачува вакцини против грип – единствената ефективна превенција од грип. И за оваа година има бесплатни вакцини за лица над 65 години – споделете со вашите најблиски.

Зимата и празниците поврзани со неа се убави кога сме здрави. Ви го посакуваме само тоа.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.