Храна за сила и задоволство: Што е толку моќно во зелените никулци?

Имаат лековита моќ

Со редовна употреба на никулците се придонесува за нормализација на активностите на срцето и снижување на притисокот, за регулација на телесната тежина и на работата на гастроинтестиналниот тракт, зголемување на хемоглобинот, подобрување на состојбата на кожата, косата и на забите

Никулците се вистинско богатство за човечкиот организам: ферментите, витамините, минералните супстанци и аминокиселините брзо ја пренесуваат својата лековита моќ, придонесувајќи за чистење, закрепнување и подмладување на организмот. Во моментот на ’ртење количеството корисни супстанции повеќекратно се зголемува, зрното преминува во лесно сварлив облик, се активираат матичните клетки на билките.

Кафен синап ќе ги замени холеретиците

Во составот на семето на кафен синап (лат. Brassica juncea) влегува големо количество мрсно масло, кое содржи олеинска, лимонска и други масни киселини. Семките се богати со фитонциди, етерични масла, витамин Ц, калиум и железо.

* Никулците на кафениот синап се користат за лекување и превенција од атеросклероза, хипертензија и заболувања на гастроинтестиналниот тракт.

* Тие се ефикасни и како холеретик (го стимулираат создавањето на жолчката) при лекување хроничен запек и дискинезија (отежнато празнење) на жолчните канали. Нормализирајќи ја работата на црниот дроб и на жолчното ќесе, помагаат да се избориме со егзем, псоријаза и атописки дерматитис.

* Никулците на кафениот синап лекуваат настинка, манифестирајќи противвоспалителен и антисептички ефект.

Лекување камен во жолчката и во мочниот меур: 50 г изгмечени никулци прелејте со 500 мл суво црно вино, оставете го тоа да отстои две недели, со секојдневно протресување. Земајте по една лажица трипати дневно, пред јадење, една недела.

Хелда за срцето и за крвните садови

Никулци дава само зеленото непечено семе од хелда. Од него веќе е отстранет грубиот горен слој, но зародокот не е оштетен и способен е да изрти. Хелдините никулци содржат големо количество рутин – биофлавоноид што ефикасно ги зајакнува ѕидовите на крвните садови, како и калиум, калциум и магнезиум. Во нив има и кобалт, бора, силициум, железо, витамини од Б-групата и аскорбинска киселина.

* Никулците се користат за лекување и превенција од васкуларни заболувања: исхемија, атеросклероза, тромбофлебитис, хемороиди, проширени вени.

* Употребата на никулците од хелда се препорачува во случај на големо губење крв, дебелина и дијабетес.

* Тие го нормализираат притисокот и помагаат во борбата со вишокот тежина.

* Благодарение на тоа што полека ги чистат цревата, придонесуваат за поефикасно лекување на кожните заболувања.

Начин на употреба: секое утро изедете по едно лажиче никулци (добро изџвакајте ги). Покрај тоа, можете да пиете чај од тревки или одвар од шипка. За една недела зголемете ја дозата до две лажичиња, а третата недела земајте по три лажичиња никулци.

Амарантот ѝ помага на кожата

Никулците на амарантот се богати со витамин Е, полинезаситени масни киселини и аминокиселини. Белковините од оваа билка по својот состав се блиски на белковините од мајчиното млеко. Амарантот е богат и со калиум, калциум, железо, цинк.

Никулците содржат рутин, кој ги зајакнува ѕидовите на крвните садови, и пектин, кој ги исфрла канцерогените и солите на тешките метали од организмот. Скваленот, кој го има во никулците на оваа билка, учествува во процесите на метаболизмот, пренесувајќи го кислородот во ткивата и органите. Тој има бактерицидно и имуностимулативно дејство и го снижува нивото на холестеролот во крвта.

* Скваленот е многу ефикасен за лекување кожни заболувања: псоријаза, егзем, трофички чирови.

* Бактерицидните својства на никулците помагаат да се избориме со воспалителните процеси и со болестите на горните дишни патишта.

* Никулците на амарантот се препорачуваат за лекување и превенција од болести на кардиоваскуларниот систем: стенокардија, атеросклероза, хипертензија.

* Помагаат и за лекување заболувања на гастроинтестиналниот тракт: гастритис, хепатитис, па дури и цироза на црниот дроб.

* Никулците се ефикасни во случај на хормонски дисбаланс и проблеми со уринарниот тракт.

Начин на употреба: Едно и пол лажиче никулци од амарант зачинете со лажиче ленено масло и јадете секојдневно пред појадок, во текот на четири недели. Се препорачува годишно да спроведувате две кури – напролет и наесен.

Советува: Алјевтина Кремњева, треварка

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.