СТУДИО 60 – Марија Кочевска: „Со секој клиент индивидуално работам на конекцијата тело-ум и свесност во движењето“

Сѐ што треба да знаете за STOTT PILATES

„Нашиот концепт е во интерес на времето на клиентите. Кога веќе завршиле со тренингот, може да направат педикир и маникир или масажа во нашите СПА-простории.“

Земајќи предвид дека „Студио 60“ е првото комплетно опремено студио за STOTT PILATES кај нас, кое набрзо по отворањето почна да ги бележи позитивните реакции на своите клинети, одлучивме да разговараме со неговата сопственичка Марија Кочевска за разликата меѓу STOTT PILATES и популарниот пилатес, кој ни е познат на сите.

Марија Кочевска, сертифицирана инструкторка за STOTT PILATES

Пилатесот, како општопознат метод, поттикнува контрола на телото и флексибилност преку изведување низа вежби со мали повторувања, кои ги зајакнуваат мускулите и создаваат силен сооднос помеѓу телото и умот. Вежбите се фокусираат на зајакнување на јадрото пред сѐ, активирајќи ги длабоките стомачни и ‘рбетни мускули. Секое движење започнува и завршува со целосна контрола и свесност.

STOTT PILATES е настанат како современа верзија на општопознатиот метод и е резултат на многубројни истражувања од страна на експерти, кои во изминативе 100-тина години активно работат во областа на фитнесот, здравјето, како и физиотерапевти.

Во STOTT PILATES-от се користи понеутрална положба на ‘рбетот при изведување на вежбите со што се овозможува мускулите рамномерно да лежат на двете страни на телото. Ова доведува до рамнотежа на агонистот и антагонистот, како и баланс помеѓу силата и флексибилноста.

Секое движење може да се манипулира за да одговара на одредена телесна фигура, а за разлика од општопознатиот метод во овој метод се користат различни реквизити како што се топки, прстени, ластици, тегови.

Сѐ уште не е познато дали Џозеф Пилатес, кој го воспоставил основниот метод, не ги користел овие реквизити поради тоа што не му биле достапни или едноставно не ги употребувал.

Она што со сигурност го знаеме е дека Џозеф Пилатес го измислил реформерот во својата основна верзија која денес е значајно усовршена и насекаде во светот активно се употребува како машина со која се постигнуваат врвни резултати помеѓу рекреативци и атлетичари. Останатите помагала кои ги измислил Џозеф се и столчето за стабилност и барелот, кои активно ги употребуваме во нашите часови во Студио 60.

Како стана сертифицирана инструкторка по STOTT PILATES и што те поттикна да отвориш студио со ваков концепт во нашата земја?

Го сакам движењето и сметам дека секој човек треба да е активен за да си го одржува здравјето. Тоа е единствениот начин со кој се обезбедува поткрепа на севкупната мускулатура, а здравото мускулно ткиво придонесува оптимизација на виталноста во текот на денот. Таа конекција помеѓу виталното тело и умот е нераскинлива и секој кој подолго од 6 месеци активно вежба го има тоа почувствувано.

Движењето го подобрува умственото здравје, а со тоа и секојдневието станува подобро и поведро. Она што најмногу ме освои и ме поттикна да се бавам со ваков вид на работа е зголемената свесност, која е клучна за вежбање на пилатес на реформер, како и сите варијации на вежби и можности кои оваа машина ги нуди.

Овој тип тренинг не може да се спореди со ниту еден друг. Самиот концепт е значително поспецифичен од сите останати и бара исцрпно знаење во областа на анатомијата и биомеханиката за да може да се примени од еден професионален тренер.

Студио 60 нуди три типа реформер пилатес-тренинзи: Power Performer, Cardio Performer и Cadillac Performer. Накратко, што опфаќа секој од нив и како вежбачите да го одберат идеалниот тренинг за себе?

Во концептот на групните тренинзи се опфатени сите оптимални вежби кои го подобруваат метаболизмот, го зајакнуваат јадрото, го подобруваат држењето на телото и ја зголемуваат флексибилноста на клиентот.

Идеален е соодносот помеѓу вежбите за сила и издржливост (Power Performer), а она што реформерот како машина го овозможува е и користење на кардио-трамполина, на која се изведуваат и кардио-тренинзи (Cardio Performer) во најбезбедна варијанта притоа имајќи контрола на сопственото тело во хоризонтална позиција.

Во персоналните тренинзи, според програмата подготвена за клиентот се вклучува и кадилакот (Cadillac Performer), кој овозможува малку поинакви варијации на движења на телото зависно од потребата на клиентот. Во овој случај реквизитите како што се ластикот или топката се заменети со висечки федери или нестабилни рачки кои дополнително го предизвикуваат мускулот да работи.

Секој рекреативец може да се пронајде во нашите групни тренинзи, а со клиентите со посериозни состојби или оние кои имаат конкретни барања практикувам да работам само во индивидуален тренинг еден-на-еден.

Кои се физичките, но и психичките придобивки од редовното вежбање STOTT PILATES?

По завршувањето на тренингот, се добива чувство на леснотија при движењето, зголемена енергија, подобар фокус и подобро расположение. Со редовно вежбање барем 3-5 месеци, значително се зајакнува целокупната мускулатура, се подобрува ставот и држењето на телото и значително се зголемува активноста на мускулите околу карлицата и ‘рбетот.

Зошто ваквиот тренинг е особено препорачлив за професионални спортисти?

Пилатесот на реформер го подобрува перформансот на атлетичарите. Кај тркачите мускулите на задната регија од нозете се најчесто скратени поради долгочасовно трчање, а реформерот потпомага во нивно издолжување, па на тој начин овозможува подобар отскок за нив.

Истото е случај и кај фудбалерите со тоа што ним им е потребна зголемена флексибилност за подобро шутирање, потскокнување или зголемен опсег на отворање на нозете и одржување баланс на целото тело при изведување на сите движења.

Со селектирани вежби на реформерот сите овие цели се постигнуваат за многу краток период. Тенисерите значајно можат да го подобрат форхендот, бекхендот и да обезбедат цврсто и мобилно јадро практикувајќи го овој метод на вежбање.

Велосипедистите пак, имаат потреба зачително да го подобрат трансферот на енергија, кој се врши преку здивот, а со зајакнувањето на абдоменалните мускули и практикување на тродимензионалното дишење на нашите часови, тоа се постигнува.

„Студио 60“ е познато и по работата со лица кои закрепнуваат од повреди и други состојби.  Што сѐ е вклучено во оваа услуга? Какви резултати имате постигнато од досегашното искуство?

Пилатесот е создаден да го научи телото да се движи оптимално, во сите телесни рамнини. Токму затоа се употребува и кај клиенти кои закрепнуваат од повреди или малку поспецифични состојби. Унилатералната работа овозможува изедначување на силата на двете страни на телото еднакво.

Кога станува збор за поспецифични состојби, на самиот почеток пристапот е многу повнимателен и поконкретен сѐ додека клиентот почне да ја добива изгубената сила во одредената рехабилитациска регија.

Со секој клиент индивидуално работам на конекцијата тело-ум и свесност во движењето. Доколку има потреба, исклучуваме одредени движења или, пак, ги модифицираме додека да ја вратиме изгубената сила.

Во првите 3-5 тренинзи внимателно и постепено се навикнуваме на новиот начин на вежбање за веќе по 7-8 тренинг вежбањето да е со целосна доверба и разбирање на методот од страна клиентот. Тогаш и самиот клиент веќе ги чувствува резултатите од сработените тренинзи.

Кои други услуги ги нуди „Студио 60“?

Нашиот концепт е во интерес на времето на клиентите. Кога веќе завршиле со тренингот, може да направат педикир и маникир или масажа во нашите СПА-простории.

Да ги запознаеме читателите со лицето што стои зад првото комплетно опременото студио од ваков тип во нашата земја. Која е Марија Кочевска и колку време се занимаваш со фитнес?

Фитнесот е мојата прва љубов. Веќе 12 години редовно уживам во фитнес-тренинзите и сите нови видови тренинзи кои произлегуваат од стандардниот фитнес. Јас лично ја имам почувствувано борбата со прекумерна телесна тежина, која се провлече низ тинејџерските, па и низ адолесцентските години. Единствен излез од тој круг го најдов во фитнесот и во теговите и денес многу ги почитувам и ги практикувам.

Тогаш успеав да симнам 30-тина килограми само со редовна физичка активност без строги диети и гладување и успеав да го задржам тој резултат со континуирано вежбање.

Неделно вежбам 3 тренинзи пилатес на реформер и 1 до 2 тренинзи фитнес. Активно се движам во текот на целиот ден и во последните неколку месеци се трудам се почесто да го употребувам велосипедот како превозно средство.

Која е твојата дефиниција за убавина и здравје?

Вежбањето е навика што има позитивно влијание на физичкото и на психичкото здравје, а кога луѓето се чувствуваат убаво однатре, тоа и се гледа од надвор.

Текст: Марија Лукаревска

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.