„Да ги задржиме младите дома!“ Награда за општествена одговорност на Универзитет Скопје (ФОТО)

„Не е херој тој што дозволува неговите наследници да учат далеку од дома.“

Универзитетот Скопје доби награда за општествена одговорност кон младите, бидејќи активно даде поддршка за сите амбициозни и талентирани личности да се запишат и да стекнат знаење на една од најдобрите високообразовни институции во земјава.

Ректорот проф. д-р Аце Миленковски ни ги откри мотивите за поддршката на младите луѓе.

Колкава е поддршката што Универзитетот Скопје ја обезбеди минатата година и зошто се одлучивте на тој чекор?

Ви благодарам за наградата и за признанието на Универзитетот Скопје. Ова ќе биде уште поголем мотив за нас како високообразовна институција да ги поддржиме младите луѓе и да ги задржиме во татковината.

Изминатата година 525 стипендии беа доделени во 35 општини низ земјата, се стипендираа и стотици млади луѓе, талентирани спортисти, а Универзитетот Скопје даде поддршка и за најдобрите средношколци.

Како ректор на оваа образовна институција, силно се залагам да ги задржиме младите таленти дома, да вложиме во нивната иднина, а тие своето знаење да го пренесат во татковината.

Многу политичари знаат да се пофалат дека нивните деца студираат во Солун, но моите деца останаа во Македонија и се образуваа на Универзитетот Скопје. Да ги задржиме младите дома, да ја зачуваме татковината, бидејќи децата се нашата иднина. Не е херој тој што дозволува неговите наследници да се далеку од огништето и домот.

Вашата порака до младите и до присутните на настанот беше да си ја сакаат татковината и да работат во неа за да успеат. Како да ги задржиме младите дома?

Точно, тврдам дека најголемото богатство и најголемиот ресурс на секое општество се младите. Ние мора да најдеме начин да ги задржиме дома, да останат свои на своето. Според сите истражувања, Македонија зазема високо место по одливот на високообразовани млади луѓе во светот. Ретки се оние што размислуваат да останат тука.

Универзитетот Скопје ќе продолжи да стипендира млади луѓе, да создава знаење, да спроведува највисоки стандарди и секогаш да се стреми кон одличност во образованието, бидејќи убавата страна на учењето е тоа што никој не може никому да му го одземе, ниту наученото ниту самиот процес.

Да ја потсетам јавноста дека Универзитетот Скопје, кој осумнаесет години создава знаења, има добиено и диплома за квалитет од Светската туристичка организација при Обединетите нации. Целта е да се генерираат успешни кадри во областа на економијата, маркетингот, туризмот и менаџментот, а дипломците веќе се врвни професионалци, кои работат во реномирани компании на менаџерски позиции.

Стипендиите беа овозможени преку Фондот за стипендирање „Проф. д-р Љубе Миленковски“, мојот покоен татко, кој ми беше водилка во животот и ме научи дека убавата страна на учењето е тоа што никој не може да ви го одземе или, како што рекол Нелсон Мендела, „образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.

Но што ако татковината во која сте се родиле не нуди перспектива за иднината, не нуди услови за здрав раст и развој, за воспитување на поколенијата, за образование и работа, поточно, услови за живот достоен за еден човек?

Во општеството владее апатија. Младите ја изгубија надежта, не веруваат во системот, не веруваат дека во блиска иднина ќе се смени нешто. Повеќе не се во прашање само социо-економската состојба или нискиот животен стандард во државата, туку се работи за разочараност од севкупната општествено-политичка состојба во државата, која не им нуди перспективи за нормален живот.

Од друга страна, земјите-домаќини што привлекуваат таленти се обично со развиени економии, кои нудат различни можности, политичка стабилност и подобри услови за живот. Во такви услови, тешко е да се најде едноставно решение за задржување на нашите млади дома.

Една од причините за иселувањето мислам дека е и самиот образовен систем кај нас, кој, за жал, е сѐ поблиску до работ на пропаста.

Сметам дека најпрво треба да му се посветиме на образованието. Нашите млади заслужуваат квалитетно високо образование што ќе им го трасира животниот пат, заслужуваат квалитетно знаење што ќе вроди со квалитет на работните места на кои ќе се најдат во годините што доаѓаат, заслужуваат поквалитетни работни позиции и поквалитетен живот.

За таа цел, неопходно е посилно поврзување на образовниот сектор со бизнисот секторот. Овозможувањето на условите за квалитетно образование за младите е наша должност.

Како да се спречи белата чума и да создадеме позитивна клима за живот во Македонија?

Пред сѐ, треба да ја вратиме правната држава во земјата, правната сигурност, за да може да почнеме повторно да веруваме во системот, да почнеме повторно да веруваме и да се надеваме дека со труд и со работа може да се постигне и тука сѐ што ќе се посака во животот. И да го донесеме дома европското образование, сите добри светски програми да ги имплементираме во македонскиот образовен систем.

 Неодамна високообразовната институција со која менаџирате се ребрендира од Универзитет за туризам и менаџмент сега сте Универзитет Скопје.

Точно, во духот на името на метрополата, нашиот Универзитет гордо ќе го носи името Скопје. Остануваме синоним за највисоки стандарди и барања за одржување на квалитет, што му обезбедува место во редот на универзитетите што се лидери во областа на високото образование во Европа и во светот.

Како што покажува и статистиката на вработување на нашите кадри, ова лидерство е препознаено и од пазарот на трудот и денес работодавачите не очекуваат од нас ништо друго освен висококвалитетен и стручен кадар.

Живеете динамично, некогаш денот е прекраток за сите ваши средби, состаноци, предавања. Што ве исполнува приватно?

За некого успехот значи да можете да го правите она што го сакате и да постигнете одлични резултати без да ги мерите во парични единици. За некого успехот може да значи токму спротивното, резултатите да ги мерите во парични единици без разлика што работите и какво влијание имате врз окружувањето. Со други зборови, за да станете успешен човек, најпрво мора јасно да дефинирате што е успех за вас. За мене е успех, меѓу другото, и умеењето да ги избалансирате потребите на работата со потребите на луѓето што ви значат.

Секој работи за да обезбеди подобар живот за себе и за своето семејство, но и за да го ужива тој живот со него. Токму овој баланс помеѓу работата и приватниот живот е сѐ поголем предизвик за современиот човек, па и за мене како човек што одлучил да води еден ваков бизнис.

Иако најголемиот дел од моето време му го посветувам на мојот бизнис, на водењето една институција како што е Универзитетот Скопје, сепак се обидувам да ја воспоставам рамнотежата секогаш кога ми дозволуваат моите работни обврски. Јас сум човек со конзервативно воспитување. Од мојот татко научив дека неделата и неделниот ручек имаат посебно значење и треба да му бидат посветени на семејството.

Затоа, секој викенд претставува најинтимен момент во мојот живот, момент кога сум дома со моите најблиски, со моето семејство, со мојот внук Давид. И порано мислам дека сум кажал, Давид е една од навиките без кои не можам.

Секој празник, секој значаен датум за мене и за тие што ми значат е исто така момент кога заборавам на работата. Тоа се важните датуми на моето семејство, но и важните датуми на моите роднини и пријатели, за кои често знам да кажам дека се моето најголемо богатство. Тоа се денови посветени на нив, посебни мигови кога сум само Аце, сопруг, татко, дедо и пријател.

Тие моменти се можеби оние што ме прават целосно среќен, исполнет и задоволен. Она што ми дава поттик и сила да се справам со предизвиците што неминовно ќе ги донесе следниот ден.

Многу често знам да кажам дека среќата не е азно, не е во парите. Таа е во пријателствата што сте ги формирале и што сте успеал да ги одржите во животот. Таа е во семејството, во мојот внук и во моите деца. Моите пријатели и моето семејство се мојата најдобра животна инвестиција што ме прави среќен и задоволен. Тоа се за мене вистинските вредности.

Текст и фото: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.