Високата температура како надворешен фактор на ризик

Времето не смее да биде виновник за нашата нервоза, чувство на незадоволство или физичка непријатност. Ние треба да се приспособиме на времето, а не тоа на нас.

Покрај другите ризични фактори, ова лето се карактеризира со чести промени на времето, па така последните неколку дена имаме тропски температури и висока влажност на воздухот, кои не ги поднесуваат ни релативно здравите и млади луѓе, а камоли постарите луѓе и хронично болните.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ

Универзално решение не постои, бидејќи сите сме индивидуи и различно реагираме на одредени состојби. Меѓутоа, општи правила што нам ќе ни значат сепак постојат и би требало да се придржуваме.

* Престојувајте во климатизирани простори. Доколку немате клима-уред, погрижете се просторијата во текот на денот да ја замрачите (ролетни, алуминиумска фолија).

* Консумирајте храна со што помалку калории. Избирајте лесни чорби од зеленчук, јадете што повеќе зелениште. Особено е корисна чорбата од домати, која ќе ве закрепне и ќе ви ги врати електролитите што сте ги изгубиле поради преголемо потење.

* Приспособете го начинот на спиење. Сон во климатизирани простории не е пожелен. Ве советувам во текот на ноќта да го исклучите клима-уредот и да обезбедите природен проток на воздухот. Покривајте се со лесни прекривки.

* Температурата во просторијата во која престојувате усогласете ја со надворешната. Разликата може да биде најмногу десет степени.

* Облеката треба да биде светла и од природни материјали. Избегнувајте да носите црна боја и материјали што не ја впиваат потта. Заштитете ја главата (капа, шешир), но и очите – со очила за сонце.

* Не движете се без итна потреба во периодот од 10 до 17 часот. Ова особено се однесува на постарите луѓе и на хронично болните.

* Ако патувате, на секои два часа правете пауза. Освежете се и закрепнете. Изедете сендвич и овошје, кое ќе ви ја врати енергијата.

* Доколку сте во можност, одморајте се покрај река, езеро, море. Планината е вистински избор за срцевите болни.

* Не заборавајте ја патната аптека! Во неа чувајте лекови против главоболка, забоболка, болки во стомакот, редовната терапија доколку ја имате, но и прибор за санирање рани (ханзапласт, завој, трипроцентен хидроген).

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.