Ве мачи низок крвен притисок? Еве како да го кренете!

Имам низок притисок. Понекогаш толку ми паѓа што не можам да го кренам ни со помош на кафе ни со тинктури од женшен или елевтерокок. Чувствувам слабост, несвестица… Што друго да пробам?, Милена до редакцијата на „Руски доктор“.

Одговара ревматологот Павел Валеревич Евдокименко, академик на Руската академија за медицински и технички науки, Москва.

Често слушам препораки да се пие тинктура од женшен, родиола розе, елевтерокок… Но јас на моите пациенти им советувам нешто сосема поинакво.

АЈДУЧКА ТРАВА

Ефикасна е во случите кога на подлога на сериозни крвавења се развива анемија, а веднаш потоа се снижува притисокот. Го смирува нервниот систем и дејствува како антидепресив.

Две лажици иситнета сува суровина прелејте со шолја зовриена вода во термос и оставете да отстои 30–60 минути. Изладете го и исцедете го. Пијте по две-три лажици топол одвар два-три пати дневно, од десет минути до половина час пред јадење. Чувајте го во фрижидер најмногу два дена. Курата трае месец-два. По пауза од три до шест месеци повторете го лекувањето.

! Контраиндикации: индивидуална неподносливост, бременост, период на лактација.

МАНЏУРИСКА АРАЛИЈА

Добро го подига притисокот и го тонизира организмот.

Земајте по 30–40 капки аптекарска тинктура двапати дневно (наутро и за ручек), но по јадење. Почнете од десет капки, постепено зголемувајќи ја дозата. Курата трае 15–30 дена. Повторете ја по препорака од лекар.

! Контраиндикации: индивидуална неподносливост, зголемена нервна раздразливост, артериска хипертензија, епилепсија, бременост, период на лактација.

ШИСАНДРА

Има општо тонизирачко и психостимулативно дејство.

Пијте по 20–30 капки аптекарска тинктура на гладно или четири часа по јадење двапати дневно (наутро и навечер). Почнете од десет капки, постепено зголемувајќи ја дозата. Курата трае две недели, а по потреба може да се повтори по еден месец.

! Контраиндикации: индивидуална неподносливост, хипертензија, зголемена раздразливост, епилепсија, несоница, акутни респираторна заболувања, бубрежна инсуфициенција, бременост, лактација.

Уште нешто! Препаратите немојте да ги мешате. Доколку не ви одговара еден, внимателно пробајте друг, потоа и трет.

ОД НИЗОК ВО ВИСОК ПРИТИСОК

Цел живот страдав од низок притисок. Кога ќе ми паднеше, знаев како да си помогнам. Меѓутоа, неодамна се почувствував многу лошо. Го измерив притисокот – 140/90! И тоа кај мене, кај која никогаш не преминал 90/60. Може ли нискиот притисок ненадејно да премине во висок?, прашува Олга Г., Скопје.

Одговара Светлана Францевна Хадасевич, заменичка на главниот лекар на болницата, Минск.

За жал, да. Со годините артерискиот притисок може да се менува. Притоа, ризикот од развој на артериска хипертензија (висок притисок) со секоја деценија расте. Затоа е важно редовно да ги следите броевите на мерачот.

Доколку при мерењето тие показатели барем еднаш преминале 140/90 ммХг, неопходно е притисокот да го контролирате неколку недели. А ако забележите негов секојдневен пораст, задолжително посетете лекар по општа практика.

Навремено пропишаната терапија во почетниот стадиум на хипертензија овозможува да постигнете многу добри резултати и да спречите развој на тешки компликации, а и да го подобрите квалитетот на животот.

Но веднаш ќе ви кажам дека е тешко да се лекува хипертензија. Сепак, за разлика од хипертензичарите, кај кои се добро познати целните вредности на притисокот, кај луѓето што страдаат од низок притисок показателите на оптималниот притисок се многу различни. Можете да ги регулирате само со внимателен избор на лекови.

Текст: Руски доктор

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.