Разговор за убавината со Мери Бајрамовска: „Не постои совршенство, треба да се прифатиме такви какви што сме!“

Бидете единствени

Нашата мејкап-артистка ни откри што (не) сака кај себе

Многу домашни и регионални ѕвезди поминале низ нејзините вешти раце, а нејзините видеа на инстаграм-профилот @makeupmeri ѝ донесоа светска популарност. Мејкап-артистката Мери Бајрамовска е синоним за автентичност и авангарда – прочитајте ги нејзините совети за убавина и шминка.

Дали убавината исчезнува со текот на годините?

Годините честопати се само бројка, а убавината, ако се негува, останува вечна. Сите се убави додека се млади. Умешноста е во тоа да ја задржиш убавината и елеганцијата согласно годините, односно да старееш со стил и да останеш убав.

Кои се твоите правила за нега и убавина од кои не отстапуваш?

Првиот и најважен чекор во негата на кожата е одржувањето на нејзиното здравје. Не следете ги трендовите слепо, туку информирајте се. Козметичката индустрија нè опсипува со многу прекрасни производи наменети за нега на кожата, а агресивниот маркетинг не нè остава имуни и не ни дозволува да им одолееме. Но мора да бидеме внимателни, бидејќи убавата амбалажа и привлечниот мирис не се најважни, туку состојките што ги содржат. Од лично искуство имам осознаено дека салицилната киселина е одлична за отстранување акни, зелениот чај го намалува црвенилото на кожата, а витаминот К ги брише темните кругови околу очите.

Кои се најголемите мејкап-трендови ова лето?

Ги оставаме на страна сите посмирени варијанти и им даваме предност на впечатливите бои. Ова лето шминката ќе биде смела, интензивна и гламурозна. Шминката, секако, е еден од најдобрите начини да се подигне расположението, а имајќи го предвид тоа што ова лето ќе биде блескава и ведра, позитивните вибрации со сигурност нема да изостанат.

Кои се најголемите грешки што девојките ги прават при шминкањето?

При шминкањето, кога ќе се погледнеме в огледало и ќе го воочиме крајниот резултат, најважно е да се чувствуваме удобно во сопствената кожа. Од кружно нацрвени јаболчници до темно нашминкани очи: кај некои екстравагантни мејкап-изгледи не станува збор за тренд, туку за грешка во шминкањето.

Кои работи кај себе ги сметаш за твои најсилни страни, а на кои „слабости“ сметаш дека би требало да поработиш?

Различна сум од другите, зашто диктирам урбан и препознатлив правец во шминкањето, секогаш во чекор со најсвежите модни трендови. Многу сум дисциплинирана и одговорна во својата работа и клиентите ми се светост. Во однос на слабостите, можеби би требала да симнам понекој килограм.

Како да се стекне поголема самодоверба?

Ја знаете теоријата на Шарл Бодлер дека во секоја грдотија има убавина и во секоја убавина има грдотија? Не постои црно-бел свет, не постои совршенство и сите ние треба да се прифатиме такви какви што нè создала природата. Сакајте се себеси такви какви што се, само тогаш ќе ве почитуваат и другите.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.