Зошто ѝ се враќаме на старата љубов?

Да му се вратите на бившиот?

Ретрото е во мода, и тоа во секој дел од животот. Цветни дамски фустани, ретро-автомобили, розови „веспи“, велосипеди со плетени кошници, молив и хартија… Се враќа сè. Но дали тоа значи дека би требало да размислиме и за враќање на бившиот во нашиот живот?

Сигурно сте се сретнале со бившиот барем еднаш во животот. И јас исто. Беше зима, но не и романтична. Студена, влажна, тмурна и по малку баксузна. Ја чекав другарка ми во блиското кафуле, во кое се најдов сосема случајно – зимата сакаше така.

А таа, како и секое женско, доцнеше. Под изговорот дека патиштата се замрзнати и дека владее хаос во сообраќајот, ја чекав подолго од еден час. Да не должам… На вратата на кафулето се појави мојот бивши. Сè уште не беше романтично – повеќе непријатно и неочекувано. Ниту да се израдувам, ниту да ја завртам главата. По краток формален разговор, секој од нас продолжи со чекање на пријателот. За време на таа непријатна тишина, се запрашав: „Што ќе беше денес доколку останевме заедно?

Дали ќе бев среќна или сè уште ќе се лутев поради чорапите среде собата? Дали ќе успеевме да ги надминеме проблемите или ќе се каравме и за обична тоалет-хартија?“

Сакал-нејќел, се присеќаш прво на убавите работи… на грдите и не се сеќаваш, особено ако си раскинал поодамна. Кој да влече куфер со лоши мисли толку многу години. И така, навираат убавите спомени, кои ја будат и убавата емоција што си ја чувствувал тогаш, па емоцијата ја буди „малата лошотија-носталгијата“, а носталгијата те тера да помислиш тивко „можеби би можеле повторно да се обидеме“…

И тој црв на сомнежот почнува да копа низ мозочните клетки и да ги отвора фиоките што ги затворив одамна. Па почнав посериозно да се преиспитувам. Така дојдов до некои заклучоци, поточно – ги начнав. Зошто се вљубуваме? Зошто сакаме? Која е разликата меѓу овие чувства? Зошто ѝ се враќаме на старата љубов?

Што се чувства, а што се осети?

Дефинитивно не се исто. Осетите се резултат на постојаната надворешна дразба на сите наши сетила. Чувствата се многу покомплексни од тоа, а се смета дека ги доживуваме само во ситуациите што ги проценуваме како значајни. Секој човек е единствена, неповторлива појава во живиот свет.

Затоа секој може да интерпретира една иста ситуација или суштество – на начин што е својствен и индивидуализиран на самиот себе. Од квалитетот на сите наведени структури што учествуваат во изградбата на човековата личност и од обликувањето на неговите емоции, зависи и нашето емоционално доживување на одредена ситуација или личност.

Која е разликата меѓу заљубеноста и љубовта?

Иако се сосема различни по својата структура, и заљубеноста и љубовта се комплексни, социјални чувства, кои се јавуваат како наш одговор на личноста што ни значи. Заљубеноста е ирационален феномен, илузија. Станува збор за односот на човекот кон неговата претстава за партнерот. Се работи за однос кон фантазијата за идеален партнер, која е сочинета од желби и од потреби. Но како и секоја претстава, таа има свој крај.

Времето поминато со партнерот носи ситуации низ кои го запознаваме и кои ја менуваат првичната идеализирана и нереална слика за него. Доколку новооткриените црти на партнеровата личност не се во согласност со нашите психолошки потреби, чувствата ни се менуваат и се оддалечуваме од него, поточно „се одљубуваме“. Заљубеноста е феномен на незрелост и затоа е најчеста во периодот на адолесценцијата и на младоста. За разлика од неа, љубовта е феномен на зрелоста.

Таа не е само емоција, туку подразбира мошне комплексен партнерски однос. Постои таму каде што е и способноста на личноста да го согледа и да го прифати партнерот во целост, со сите негови доблести и мани.

Љубовта е одлука токму со таа личност – која со својот доминантен начин на размислување и однесување ја негува суштината на нашето битие и е во согласност со нашиот интимен систем на вредности – заедно да чекориме низ животот, да траеме и да останеме. За љубов се способни лица што можат да развијат блискост. Затоа за љубовта е предуслов психолошка зрелост на лицето што сака.

Значи, не може секој да го сака другиот. Исто така, за љубов е неопходно личноста да поседува мноштво позитивни морално-психолошки особини, затоа се вели дека е привилегија на посебни луѓе. Со созревањето, човекот ја губи способноста за вљубување и станува поподготвен да сака.

Се разбира, и заљубеноста може да премине во љубов, но искуствата на терапевтите зборуваат дека таа, поради својата фантазматска природа и поради незрелата подлога, почесто завршува со оддалечување на партнерот по неговото осознавање.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.