За љубителите на филмот: Три филмски препораки што отвораат многу филозофски прашања

Филозофии на тема...

Три филма – многу филозофски прашања

Во недостиг од подобар извор на инспирација, овој пат ќе посегнам по мојата филмска архива, со надеж дека можеби ќе добијам одговор на некои прашања што ми ги начнаа неколку филма периодов.

„Баншите на Инишерин” (The Banshees of Inisherin)

Режисерот Мартин Мекдона ја сместува оваа трагикомедија на фиктивен остров во Ирска и ги проучува „баншите”, односно „демоните” што се кријат во секого од нас. Добриот и по малку прост Падриак (Колин Фарел) не може да разбере зошто Колм (Брендан Глисон) одеднаш одлучува да го прекине нивното долгогодишно пријателство. Падриак е скршен и одлучен да направи сè за да си го врати изгубениот пријател, што доведува до бизарни последици.

Прашања што ме мачат: Колм не сака веќе да се дружи со Падриак, бидејќи му е здодевен и чувствува дека си го губи времето кога е со него. Не му згрешил ништо, туку сака да биде попродуктивен и конечно да создаде нешто по кое ќе биде запаметен. Па дали навистина постојат пријатели што не ни требаат и нè кочат во животот? Треба ли така безмилосно да ги отпишеме иако не направиле ништо за да нè повредат? Дали тоа е себично и бесчувствително или е чин на правилно приоретизирање на нештата во животот? Факт е дека немаме многу време: треба ли да го поминуваме со луѓе што не нè стимулираат духовно и интелектуално и покрај тоа што долги години ни се добри и лојални пријатели?

„Не грижи се, драга” (Don’t Worry Darling)

Актерката Оливија Вајлд, овој пат во улога на режисерка, создава нетипичен психолошки трилер што се занимава со феминистички прашања. Алис (Флоренс Пју) и Џек (Хери Стајлс) живеат во утописко општество, каде што мажите работат на важен таен проект, а жените се грижат за домот и уживаат во навидум совршениот живот.

Прашања што ме мачат: ВНИМАНИЕ – СПОЈЛЕРИ! По низа необични настани што отстапуваат од логиката на нештата, Алис забележува дека нешто не е во ред со овој свет. Да скратам: сите живеат во виртуелна реалност, експериментална симулација што мажите, незадоволни од сопствениот живот, ја одбрале за своите сопруги без нивна согласност, со надеж дека ќе живеат посреќно. Па дали навистина светот би било подобро место ако се задржат принципите на патријархатот? Иако современите мажи тврдат дека сакаат амбициозна и независна партнерка, дали длабоко во себе идеалната жена ја замислуваат како домаќинка која ќе седи дома, ќе се грижи за децата, ќе ги пречекува со пијачка по работа и целиот нејзин живот ќе се врти околу сопругот?

„Кит“ (The Whale)

Дарен Аронофски повторно не разочара и успеа да создаде емотивна приказна за време на чии последни 45 минути нема да можете да ги сопрете солзите. Чарли (Брендан Фрејзер) е изолиран професор по англиска книжевност со прекумерна тежина, кој се крие во своето станче и се прејадува до смрт.

Прашања што ме мачат: На врвот од својата самодеструктивна агонија, Чарли им дава задача на своите студенти да напишат нешто искрено. Нешто што го носат длабоко во себе, но не го искажуваат, од страв дека ќе бидат осудени или погрешно разбрани. Бара од нив да бидат искрени самите со себе. Иако звучи едноставно, понекогаш тоа е најтешкото нешто. Ме натера да се запрашам: кога последен пат сум била искрена самата со себе? А вие? Да го парафразирам Чарли: Вашата работа не е важна. Обврските што ги имате секој ден не се важни. Тоа што го прават другите не е важно. Важно е само тоа што искрено го чувствувате и мислите. Па кога последен пат сте биле искрени самите со себе?

Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.