СОФИЈА МАНЧЕВА: „Во тешки животни ситуации имаш два избора: или да паднеш во депресија или да се заблагодариш што си жив!“

Силни и бестрашни

Инспиративен разговор со Софија Манчева

Софија е една од фитнес-тренерките кај кои може да се забележи доследност и континуиран напредок во работата. За три години успеа да формира огромна заедница SomaFit, да се погрижи за безброј трансформации и да го афирмира менталното здравје како клучен дел од целиот фитнес-процес.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Софија 🥑 (@manchevas)

Како би го опишала твојот професионален развој?

Искрено, почетоците ми беа многу тешки и напорни. Иако тренирав, се едуцирав и сонував, немав поим во што се впуштам. Мислев дека луѓето се отворени за поддршка и помош на младите претприемачи, но набрзо се соочив со суровата реалност. Како млада и неискусна девојка, имав многу обиди, се истоштував до максимум, паѓав и станував. Многу сум благодарна што го поминав тој трнлив пат, зашто конечно можам да кажам дека стојам на цврсти нозе со одличен тим зад себе.

Кој е најголемиот предизвик во твојата работа моментално?

Да направам баланс помеѓу онлајн и офлајн-светот. Кога одлучив дека ќе ја оставам работата со работни часови од 8.00 до 16.00, не бев свесна дека тоа значи работа 24/7, ако сам не кажеш стоп. Многу си ја сакам работата, но сфатив дека тоа не е здраво и дека нема да можам уште долго да издржам со тоа темпо. Сфатив дека мирот ми е многу важен и дека нема да се откажам од нештата што ме доближуваат до самата себе.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Софија 🥑 (@manchevas)

Пред повеќе од една година доживеа тешка сообраќајна несреќа…

Во такви ситуации имаш два избора: или да паднеш во очај и депресија или да му се заблагодариш на Бога што си останал жив. Јас бев многу практична, слушав совети, бев дисциплинирана, одев на психотерапија и воопшто не размислував што, зошто и како. Добив скршеница на бутната коска и сè уште закрепнувам, а во септември треба да ја извадам прачката од ногата. Во ниту еден момент не се запрашав зошто баш мене ми се случи. Психички добро се држев, иако ми беше тешко на моменти. Првпат се соочив со панични напади и депресивни епизоди, иако по природа сум ведра и енергична. Но тоа ми помогна да се запознам себеси уште подобро, да станам посвесна и да бидам присутна во дадениот момент. Поддршката од семејството, пријателите и заедницата ми беше главен мотиватор за да продолжам и да се вратам уште посилна. Не ми оставија друг избор.

ФИТНЕС-ЛЕКЦИИ НА СОФИЈА

Улогата на менталното здравје во постигнувањето на фитнес-целите:

По вокација сум психолог и психотерапевт и уште од самиот почеток кога почнав да држам персонални тренинзи, знаев дека нема да можам да одберам една од двете професии. Така ја креирав првата и воедно најкомплетната онлајн фитнес-програма, која освен исхрана и тренинзи, вклучува и психолошки вежби за работа на себе. Со нивна помош, многу девојки и жени успеаја да осознаат многу работи за себе, што понатаму им помагаат полесно да ги постигнат своите цели и да не се откажуваат, да имаат повеќе самодоверба и да бидат посвесни за самите себе. Синергијата помеѓу умот и телото е најважниот сегмент во мојата работа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Софија 🥑 (@manchevas)

Совети за полесно стекнување фитнес-рутина:

1. Постави си реални и конкретни цели.

2. Биди доследна. За долготрајни резултати, мораш да ги правиш и работите што не ти се прават во моментот.

3. Научи да бидеш дисциплинирана, а не мотивирана. Мотивацијата денес е тука, утре ја нема.

4. Сè е приоритет. „Немам време“ е само изговор.

5. Биди во заедница со луѓе што имаат слична или иста цел како твојата.

6. Работи на себе, биди отворена за нови искуства. Удобната зона нека не ти биде пријател, само придружник.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: КРИСТИАН ЃОРГИЕВ

SOMAFIT REATREAT: Успешно се одржа првото велнес-патување во организација на Софија Манчева и Предизфит
Прочитајте и

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More