Јас и ковид-19: Сведоштва на луѓе директно засегнати од пандемијата на коронавирус

Од мој агол

Иван, Марија и Михаела ни открија како изгледа битката со коронавирус од нивни агол

Три искрени сведоштва. Тројца луѓе директно засегнати од пандемијата на коронавирус: младо момче кое очи в очи се соочува со ковид-19, дизајнерка на спортска облека заглавена во државен карантин и девојка што се наоѓа во жариштето на вирусот, далеку од својот дом. Тие споделија како изгледа битката со коронавирусот од нивен агол…

Најтешко ми падна за семејството

Новиот вирус ковид-19 не ги одминува младите лица. Деветнаесетгодишниот Иван Ников директно се соочува со болеста и херојски се справува со неа…

Првите симптоми

Студирам на Правниот факултет во Скопје, на насоката Односи со јавност, и отидов на размена на студенти во Лондон. За време на проектот, два дена имав температура и тие денови бев изолиран од другите учесници. Температурата ја симнав со парацетамол. Благодарен сум им на другите учесници од Македонија и на организаторите на проектот, кои ми носеа сѐ што ми беше потребно. Не почувствував други симптоми.

Патот од Лондон до Скопје

Аеродромот во Лондон работеше најнормално и сите процедури ги поминавме без никакви проблеми. Летавме до Софија. Пред да влеземе на аеродромот во Софија ни измерија температура и нѐ однесоа настрана, бидејќи тогаш Бугарија ги затвораше границите за сите освен за своите државјани. Уште додека бевме во Лондон воспоставивме контакт со Министерството за надворешни работи и со нашата амбасада во Бугарија, кои требаше да испратат допис за да можат да нѐ пуштат. Чекавме шест часа на аеродромот, па со такси стигнавме до граничниот премин Деве Баир. Потпишавме изјави за самоизолација и имавме превоз до дома. Се тестирав во Скопје по 11 дена самоизолација.

„Позитивни“ вести

Не бев исплашен, но кога добив повик наредниот ден по тестирањето, имав некое претчувство. Ми се јавија од Центарот за јавно здравје и ми кажаа дека сум позитивен. Најтешко ми падна за моето семејство и за тоа како тие ќе го прифатат ова, бидејќи знам дека премногу се грижат и за најмалите работи. Не примам никакви терапии, но матичниот лекар секој ден ми се јавува за да ја провери мојата состојба. Сега сум многу добар и функционирам нормално, како и пред вирусот. Во самоизолација сум 18 дена и за една недела треба повторно да се тестирам. За да се излечам целосно, потребни ми се два негативни теста.

Времето поминато дома

Со моите дома комуницирам преку телефон, а кога е убаво времето, излегувам на тераса, тие се во двор, па тогаш разговарам со нив. Деновите ги поминувам на социјалните мрежи, гледам телевизија, филмови на лаптоп, но поголемиот дел од времето спијам. Сепак, не е сѐ толку лошо. Мојот клуб каде што вежбам прави онлајн-тренинзи, па така ја одржувам физичката кондиција. Слушам и онлајн-предавања од факултет.

Битката е заедничка

Треба сите да седат дома и да ги почитуваат препорачаните мерки. Доколку излегувате надвор, немојте да имате физички контакти со други луѓе, а доколку се заразите, не паничете и не плашете се! Сите заеднички треба да се бориме против вирусот за да го победиме.

Гледајте го ова како авантура

Дизајнерката на спортска облека Мариа Дибиаџо се врати од Америка и заврши во државен карантин, во хотелот „Амбасадор“ во Скопје. Таа е голема оптимистка и со ведрина ни ја раскажа својата приказна…

Стресно патешествие

Живеам на релацијата Крива Паланка – Њујорк. Вирусот ме затече во Америка. Со помош на нашиот конзул во Софија, се решив за лет Њујорк – Амстердам – Софија. Тоа беше стресно, затоа што постојано се откажуваа летовите. Слетав во Амстердам, но таму летот за Софија ми се откажа за утредента. Не паничев, туку резервирав хотел и изнајмив велосипед да го разгледам градот. Кога стигнав во Софија наредниот ден, ми измерија температура и со организиран такси-превоз заминав за Деве Баир. Таму беше хаос, затоа што те заклучуваат во кафеана, како од филмовите вестерн и ако сакаш во тоалет (кој не е чистен со години), ѝ ѕвониш на полицијата да излезеш. Превозот за карантин доцнеше еден час. Ти објаснуваат дека не знаат каде ќе те носат и не можат да застанат за тоалет, затоа што вози полиција пред автобусот.

Како е во државен карантин?

Јас бев подготвена за полоши услови, па во мојот ранец ставив чаршафи, крпа, грицки и други секојдневни работи. Хотелот ни овозможи предобар третман и услови, сите се љубезни и имаат разбирање. Војската и полицијата се крајно професионални. Имавме посета од лекар, заштитен со професионална опрема, имавме дезинфекција, менување постелнина и добивме средства за одржување хигиена, ако сакаме да си исчистиме. Јас сум сама во соба, а тоа ми помага полесно да се справам со изолацијата. Менито е доста богато и разновидно, побарав вегетаријанско и сѐ што ми носат е превкусно.

Време за себе

Се шегував дека јас можеби сум единствената што едвај чека да биде во карантин. Прво, доаѓам од Њујорк, каде што вирусот е проширен, и не би сакала некој да се чувствува небезбедно околу мене. Особено не би сакала да мислам дека би можела да ја заразам мајка ми, со која живееме во близина. Второ, мислам дека ова е добро за да видиме какви сме кога сме ограничени. Јас си развив рутина на вежбање, читање, медитирање и пишување. Сега за сега немам кризи. Кога сум во Македонија, живеам на село, каде што има само три куќи, а сѐ наоколу е природа, па најмногу ми недостигаат кучињата и коњот.

Сѐ е минливо

Оваа ситуација треба да нѐ научи дека сѐ е минливо и дека сме едно со природата. Да ги цениме пријателите и семејството, но да не забораваме и на животните. Овој период е идеален, затоа што си сам со себе и можеш да дознаеш што сакаш. Мислам дека многу луѓе очекуваат премногу од државниот карантин и забораваат дека фокусот на државата треба да е на борбата со вирусот, а не на нашите егоистични потреби. Ако знаете дека ќе бидете во карантин, треба да се подготвите психички и да знаете дека можеби ќе бидете сместени во лоши услови. Гледајте го ова како авантура, а не тортура, зашто сѐ ќе заврши, а ние ќе бидеме побогати со едно ново искуство и сознание колкумина од нас се човечни во доба на криза и хаос.

Градот изгледаше апокалиптично

Кога започна пандемијата на коронавирусот, Михаела Јермилова беше во жариштето – Кина. Таа работи како учителка по англиски јазик и целосно ни пренесе каква е атмосферата таму…

Разликата е во менталитетот

Живеам во градот Суџо, во провинцијата Џиангсу, на 90 км од Шангај. Доста долго во градот, кој инаку има 15 милиони жители, немаше регистрирано случаи, но на почетокот на февруари бројката почна секојдневно да расте и достигна над 600 до март. На почетокот, мерките не се чувствуваа. Можеше да се патува и освен тоа што сите носевме маски, сѐ друго беше нормално. Но веќе од 1 февруари, мерките беа драстични: затворени ресторани и училишта, забранет градски и меѓуградски превоз, продавниците работеа со скратено време. Тука секоја зграда има портир и на секое излегување и влегување ни ја мерат температурата. Ова е веќе секојдневна практика, но главната разлика е во менталитетот на луѓето. Немаше официјален полициски час, но беше препорачано да не се излегува без потреба и улиците изгледаа апокалиптично. Луѓето се придржуваа до овие мерки и тоа даде брзи резултати.

Изолација далеку од дома

Немав избор да се вратам дома, а сега веќе и побезбедно ми е тука. Сите летови беа откажани, Кина ги затвори границите и аеродромите за меѓународни летови, а на сите ни ги продолжија летовите за два месеца. Држам часови онлајн, но затоа платата ми е преполовена. Покрај тоа, немав можност да запознаам многу луѓе пред епидемијата, бидејќи кратко време сум тука. Си најдов ново хоби, почнав да свирам на тапани, завршив некои обврски за факултетот ги испробав сите рецепти за кето-исхрана, трчав во паркот кога можев или вежбав дома и се слушав со пријателите онлајн. Но би излажала кога би кажала дека сето ова не ме ослабна психички. Се соочив и со смрт на родител без можност да се вратам дома, но полека закрепнувам од сѐ. Сега, кога животот тука е вратен во нормала, гледам да посветам време на грижа за себе.

Крај на епидемијата во Кина

Моментално сите новорегистрирани случаи се во карантин, бидејќи Кина има капацитет да се справи со ваква ситуација. Пред да се затворат аеродромите, на сите патници од странство им правеа тестови. Без исклучоци, 14-дневниот карантин беше задолжителен за сите. Само на мојот кат до пред една недела имаше околу 10 стана во карантин. Тука животот се врати во нормала по околу три месеци, но не знам колку би траело ова во Европа. Има голема разлика помеѓу ситуацијата овде и во Македонија. Тука сѐ уште имаме код преку апликација на телефон што го покажуваме секаде каде што влегуваме: во супермаркет, вежбалница, трговски центар, јавен превоз, и сите носат маски надвор и во јавни затворени места. Искрено, се сомневам дека во Македонија сѐ ќе профункционира толку брзо и нормално како овде, ќе треба повеќе време.

Мерките се зададени со причина

Следете ги препораките и почитувајте ги мерките. Тие мерки се зададени со причина, а тоа е што побрзо да се извлечеме од ова. Останете дома, нека не ве мами убавото време да се дружите без да држите дистанца, не собирајте се во групи. Ако веќе морате да излезете или да имате директен контакт, носете маски и ракавици, мијте ги рацете и не заборавајте редовно да ги пребришувате чевлите.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.