Непријателот за кој многу жени молчат: Предменструалното дистрофично нарушување

Лекарите одамна имаат забележано поврзаност меѓу менструалниот циклус и изразените промени на расположението кај жените. Повеќето симптоми се со слаб интензитет и спаѓаат во предменструалниот синдром (ПМС). Но што кога симптомите се силни и почнуваат веќе од средина на циклусот? Дали тогаш можеме да зборуваме за ПМС?

За предменструалното дистрофично нарушување (ПДН) разговаравме со специјалистот по гинекологија и акушерство и субспецијалист за човекова репродукција д-р Ана Тиквица Луетиќ.

Предменструалното дистрофично нарушување опфаќа низа симптоми. За жените, оваа дијагноза претставува и товар и олеснување бидејќи постои назив за она што некои од нив ги следи од 20-тите години.

Забележливо депресивно расположение, безнадежност, самопотценување, изразена анксиозност, напнатост, забележлива емотивна лабилност со засилени меѓучовечки конфликти се дел од психолошките симптоми што ја придружуваат оваа дијагноза, објаснува д-р Луетиќ.

Жената често се чувствува летаргично, како да има недостиг на енергија, концентрација и интерес за вообичаените активности, како што се работата, школувањето, хобито и држењето со пријателите.

Во практиката, често се среќаваме и со променети навики во исхраната, како прејадување или желба за одредена храна, со појава на несоница или изразена поспаност, вели Луетиќ.

Она што исто така ги следи овие непријатни симптоми е и субјективното чувство за недостиг на контрола. Освен психички, жените можат да имаат и физички пречки, како чувствителност или отеченост на дојките, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, чувство на подуеност, зголемена телесна тежина.

Важно е да истакнеме дека симптомите на предменструалното дистрофично нарушување се на врвот во последната недела на менструалниот циклус, а со почеток на менструацијата, тегобите се смируваат.

Докторката Луетиќ ги советува пациентките да водат дневник на тегобите бидејќи така најлесно ќе се постави дијагнозата.

Често забележуваме дека проблемите се присутни во два последователни циклуси. Тогаш се сомневаме на ПДН. За жал, пациентките најчесто ни доаѓаат откако се бореле со симптомите речиси една година, истакнува таа.

Кога со сигурност можеме да кажеме дека станува збор за предменструално дистрофично нарушување?

Да истакнам дека ПДН не може да се дијагностицира во случај на влошување на симптомите на претходно дијагностицирано ментално нарушување, како што се голема депресивна епизода, панично нарушување или психоза, иако некогаш можат да се појават истовремено, па неопходна е голема претпазливост.

Кога наведените симптоми се големи до таа мера што го попречуваат нормалното функционирање на личноста, на пример на работа, училиште, во семејството или во односите со другите луѓе, со сигурност можеме да кажеме дека станува збор за предменструално дистрофично нарушување.

Кои се механизмите за негова појава и колку жени заболуваат од ПДН?

Според статистиката, 75-85% од жените во репродуктивниот период добиваат чувство на слаби до умерени, физички и емоционални тешкотии во периодот што му претходи на циклусот, но само 3-5% од нив развиваат сериозни пречки што ги задоволуваат дијагностичките критериуми за предменструално дистрофично нарушување.

Истражувањето спроведено врз наши студентки покажа дека 15 од 87 испитанички ги исполнуваат критериумите за ПДН. Симптомите не се културолошки специфични, иако одредени пречки почесто се јавуваат во одредени култури.

На пример, одредени жени од Кина и Јапонија истакнуваат почесто појавување на телесните одошто на емоционалните тегоби во предменструалниот период.

Причинителите за ПДН не се јасно познати, иако се знае дека некои жени имаат поголема генетичка склоност кон појавата на ова нарушување бидејќи се претерано чувствителни на физиолошките варијации во концентрацијата на женските полови хормони, прогестеронот и естрогенот, во текот на менструалниот циклус.

Етиологијата на претераната чувствителност не е сосема позната, но се верува дека се одговорни одредени невротрансмитери, како калциум, норадреналин, мелатонин и други.

Дали промената на животните навики може да придонесе во регулацијата на ова нарушување?

Никогаш не смееме да ја исклучиме улогата што може да ја одигра животниот стил во регулирањето на болеста. Жените на кои ќе им се дијагностицира предменструално дистрофично нарушување прво треба да направат промени во секојдневниот живот.

Би требало да им се препорача редовна физичка активност, како и вештини во совладување на стресот и промена на прехранбените навики. Треба да се намали консумирањето кофеин, алкохол, јаглехидрати, заситени маснотии и сол. Се препорачуваат додатоци во исхраната, како што се мелатонин, витамин Д, калциум, магнезиум и витамин Б6. Треба да се разгледа примената на растителни билки, како масло од ноќниче.

Дали треба да се избегнува медикаментозна терапија и кои можности постојат?

Тежината на симптомите влијае врз изборот на терапијата, која може да биде немедикаментозна или медикаментозна. За слабо до умерено нарушување би требало да се почне со мерките за здрав животен стил, кои немаат некаков ризик за здравјето, а се препорачуваат и за жените на кои, поради тежината на симптомите, им е пропишана некоја од медикаментозните терапии.

Од лековите, можат да помогнат оралните контрацептивни таблети со дроспиренон.

Ако ниедна од наведените методи не даде плод, психијатар може да пропише терапија со селективни инхибитори на повторно земање серотонин кои, за разлика од другите ментални нарушувања, во случај на ПДН може да се користат само во текот на 7-14 дена од циклусот, односно пред менструалното крварење.

„Страдав од болки, бев ментално расеана и депресивна.“

Токму лековите и промената на животниот стил ѝ донеле олеснување на симптомите на нашата соговорничка. Маја (38) со години се борела со сѐ што носи ова нарушување.

Проблемите ми почнаа во адолесценцијата. Две недели пред менструацијата имав сериозни проблеми. Покрај тоа што страдав од болките, бев ментално расеана и депресивна. Често бев раздразлива, премногу емотивна, а страдав и од анксиозност. Се чувствував како да сум на работ. Никако не можев да го подобрам расположението. Долго време се убедував дека не ми е ништо, дека едноставно сум таква и дека ќе ми помине. За жал, тоа не се случи, ни раскажа нашата соговорничка.

Психотерапија, мултидисциплинарен пристап и промена на лошите животни навики

Проблемите на Маја исчезнувале со доаѓањето на менструацијата. Мачењето траело неколку години додека одлучила да побара помош. Му се пожалила на гинекологот, кој веднаш препознал за што се работи.

Когнитивно-бихејвиоралната психотерапија ми донесе олеснување. Побарав помош од психолог, кој ме научи да ги препознавам симптомите, да ги смирам и донекаде да ги контролирам. Им препорачувам на сите жени кои чувствуваат вакви радикални проблеми и промени во текот на нивниот циклус да не се срамат и да бараат помош, вели Маја.

Токму поради срамот, кај нас ретко се дијагностицира предменструалното дистрофично нарушување. Голем број жени не сакаат отворено да зборуваат за своите проблеми, се плашат од стигмата што ја носи ваквата дијагноза.

Проблем се и лекарите, кои не се целосно запознаени со оваа состојба, бидејќи науката дури неодамна почна посериозно да се занимава со неа. Честопати проблемот бара мултидисциплинарен пристап.

Покрај гинеколозите, на пациентите понекогаш им е потребна помош и од психијатар, кој е важно да процени дали се работи за некое друго скриено нарушување. Кога по деталните прегледи ќе се утврди дека се работи за проблем кој е исклучиво поврзан со циклусот, може да се тргне по патот до закрепнувањето.“

Лекови и храброст за промени

Во третманот на ова нарушување се употребуваат лекови со различно дејство. Антидепресивите се покажаа како најделотворни бидејќи овој синдром го карактеризира лошо, депресивно расположение. Понекогаш лековите се даваат само во втората фаза, а понекогаш терапијата е потребна во текот на целиот циклус. Дејството е видливо по два или три циклуси.

Аналгетици се користат исклучиво при изразена болка, во други случаи, немаат никакво дејство.

Инхибитори на овулацијата и хормони: иако е докажано дека оралната контрацепција помага при изразени симптоми на ПМС, во лекувањето на ПДН може да помогне, но не секогаш. Инхибиторите на овулацијата почесто се покажуваат како делотворни.

Чест симптом е анксиозноста. Затоа лекарите често пропишуваат анксиолитици. Најчесто се користат според потребата. Не е добро да се земаат континуирано бидејќи можат да предизвикаат зависност.

Разговарала: Барбара Бумбак

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.