Разговор за убавината со Сашка Мирчевска: „Бушави веѓи и мачкини очи не се за секое лице“

Талентираната и креативна визажистка ни ги откри тајните на беспрекорната шминка.

Како изгледа твојата секојдневна рутина за убавина? 

За да се чувствувам убаво, секој ден ми започнува или со тренинг или со вежби за истегнување на телото. Кога работите со клиенти, цело време сте на нозе, а за тоа ви е потребно да сте во добра физичка состојба.

Продуктите што ги користам како дел од утринската рутина за нега на мојата кожа се: пена за чистење на кожата, активен кислород, серум со витамин Ц, хијалуронски серум и крем со заштитен фактор. Секојдневна нежна шминка ставам по потреба.

Секако, неизоставен дел од мојата рутина е и косата, за која секогаш се трудам да е убаво стилизирана.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sashka M | Makeup Artist (@sashions)

Кога првпат почна да се шминкаш и како тоа прерасна во твоја професија? 

Шминката е дел од мојот живот откога паметам за себе. Од градинка, низ основно и средно училиште, па до факултет, јас бев другарката од друштвото што сите ги шминкаше. На факултет веќе почнав да работам со клиенти и повеќе му се посветив на тогашното хоби, кое ми прерасна во секојдневна работа.

Денес моето знаење и искуство им ги пренесувам на нови успешни шминкери во школата во која предавам.

Љубовта и напорната работа ме донесоа тука каде што сум денес – во почетокот на април го отворам мојот салон!

Кои се најголемите грешки што ги прават девојките при шминкањето? 

Мислам дека една од најголемите грешки е слепото следење на трендовите за шминка. Секој тренд не одговара на секој лик и карактер. Бушави веѓи и „мачкини“ очи не се за секое лице, но доколку од нив се одвојат неколку карактеристики и се направат со модификации адаптирани за цртите на девојката, нема сомнение дека таа ќе изгледа одлично.

Кој е продуктот без кој не можеш да работиш? 

Многу би било тешко да одберам само еден, бидејќи многу продукти ми се клучни и не би можела да ја замислам професионалната шминка без нив, затоа ќе набројам неколку. Активен кислород, хијалуронски серум и транспарентна пудра.

Колку често ти ставаш шминка? 

За некој што цело време го гледате со јака шминка на Инстаграм, верувале или не, многу ретко можете да ме сретнете со целосна шминка во вистински живот.

Гледам кожата да ја негувам колку што можам повеќе, затоа, кога имам потреба, ставам минимално шминка, која се состои од коректор, средување на веѓите, маскара, сјај за усни и, секако, на сето тоа претходи добра нега за кожа. Еднаш или двапати неделно сум со целосна шминка, бидејќи ми е потребна за фотосесии.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sashka M | Makeup Artist (@sashions)

Која шминка е во тренд сезонава?

Според ревиите за пролет/лето 2022 и актуелните филмски случувања, трендот на акцентирање на очите со остри линии и линии во боја ќе се задржи уште некое време.

Шминката украсена со кристали инспирирана од серијалот „Еуфорија“ повторно стапува на сцена со премиерата на новата сезона. Лицето е изработено нежно, со изразени јаболчици, со помош на контури и руменило, додека устата е изразито сјајна.

Текст: Љ. Ѓошева

Фото: Приватна архива, Инстаграм

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.