Марија Васиќ Атанасовска за убавината и негата: „Девојки, внимавајте и негувајте го својот природен изглед!“

Бидете единствени

Нашата поранешна мисица ги сподели своите тајни на убавината

На јавноста ѝ стана позната како мис на Македонија во 2003 година, но потоа се пренасочи кон медицината и денес е специјалист по анестезиологија со интензивно лекување. Сепак, нејзиниот став кон убавината се нема сменето: Марија Васиќ сè уште ја сфаќа физичката убавина како нешто релативно и минливо, а еве кои се другите нејзини гледишта на оваа тема.

Сметате ли дека младите девојки денес имаат погрешна перцепција за убавината?

Секое време си носи свое бреме, па така, без намера да навредам некого, би сакала да им укажам на младите девојки да внимаваат и да го негуваат својот природен изглед, без претерувања во некакви вештачки естетски интервенции. Најважно е многу повеќе да работат на својата внатрешна, духовна убавина, за да се изградат во комплетни личности.

Сè уште важите за жена која секогаш е во топ-форма. Како ја одржувате вашата вита става?

Би ја потенцирала генетиката како значаен фактор, но исто толку важни се и вежбањето и исхраната. Поради професионалните и семејните обврски, не можам да вежбам секогаш, но повремено умеам да уживам во фитнес-вежби, пливање и скијање. Во исхраната користам буквално сè, но во помали количини.

Како ја негувате вашата внатрешна убавина?

Физичката убавина е само еден сегмент и таа не е комплетна без другиот, уште позначаен внатрешен дел, кој подразбира воспитување, образование, култура, хуманост, алтруизам, емпатија, верба, љубов и многу други духовни драгоцености. Можеби ќе звучи смешно, но духовната убавина денес најмногу ја негувам преку секојдневното повторување со моите два малолетни сина, буквално како што некогаш моите родители духовно ме обликуваа мене.

Постои ли нешто што би го промениле или подобриле кај себе, и физички и карактерно?

Сите ние тежнееме кон некакво совршенство, но совршен е само Бог. Секако дека би променила по нешто, можеби сосема малку во мојот пренагласен алтруизам и емпатија.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.