Рок-спектакл во Скопје: Легендарниот гитарист Стив Ваи ја покажа сета своја виртуозност пред македонската публика!

Концерт за паметење

Поводот за ова незаборавно рок-шоу беше промоцијата на неговиот актуелен албум Inviolate

На 26. април  во малата сала во „Борис Трајковски“ одекна моќниот звук на гитарата на Стив Ваи, еден од најпознатите гитарски виртуози во светот.

Поводот за ова незаборавно рок-шоу беше промоцијата на неговиот актуелен албум Inviolate, кој го зазема првото место на листата Hard Rock Albums, а концертот се одржа во организација на „Авалон продукција“.

Десетина минути по 21 часот, Стив се појави на сцената заедно со својот бенд и ја поздрави публиката со неколку изведби на песни од последниот албум. Потоа, пријатно ги изненади присутните кога им се обрати со „Добро вечер“ на македонски јазик и го продолжи спектаклот со некои од неговите добро познати ремек-дела, како што се Tender Surrender и Bad Horsie.

„Одам на музички турнеи цели 43 години. Годинава ќе полнам 63. Мојата сопруга ме советуваше повеќе да зборувам на концертите, па обвинете ја неа за ова“, се пошегува Стив кој во текот на целиот концерт ги почестуваше фановите со тоа што им фрлаше трзалици, им дозволуваше да ја допрат гитарата и ги поздравуваше.

Тешко може да се изброи колку гитари смени оваа рок-легенда, но шоуто кулминира кога на сцената се појави фамозната „Хидра“ („гитара“ со три вратови, една седумжичана и една дванаесетжичана гитара, бас гитара, каде половина од вратовите се без прагови). Со изведбата на Teeth of the Hydra од новиот албум, Стив Ваи ја покажа сета своја сестраност и ја воодушеви публиката.

Два и пол часа не им беа доволни на обожавателите, па со громогласни овации го вратија музичарот на сцена кој со задоволство отсвири уште една песна пред да се поздрави и да вети дека повторно ќе се врати во Скопје!

За Стив Ваи

Стив Ваи е дел од листата на 10-те најдобри гитаристи на сите времиња, свирел и бил дел од студиските албуми на Френк Запа, Моторхед, Дејвид Ли Рот, Вајтснејк и други. Истовремено, има изградено богата кариера како виртуоз со крајно индивидуалистички и иновативен пристап кон својот инструмент. Има издадено 8 соло албуми, а има добиено и три награди „Греми“.

Погледнете уште фотографии од овој рок-спектакл…

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Горан Десковски

Прочитајте и

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More