МАЈА КИКИРИТКОВА ТРАЈКОВСКИ: „И повторно да се родам, би го избрала истиот овој живот“

Што (не) сакам кај себе

Со нашата позната дизајнерка разговаравме за убавината, негата и самодовербата…

Минатата година прослави 15 години постоење на македонската модна сцена со брендовите „Елеазар“ за дами и „Совршен пар“ за деца. Естетиката несомнено е важен дел од нејзиното секојдневје, па нè интересираше како модната дизајнерка Маја Кикириткова ја перципира убавината и кои се нејзините тајни за беспрекорен изглед и висока самодоверба.

Како се има менувано твојата перцепција за убавината низ годините?

Низ годините, мојата перцепција за убавината порасна на едно повисоко, поинакво ниво. Мислам дека тоа дојде и со моето созревање. Некако по 30-та како да се менуваат многу работи. Стилот го изострив, го сведов на минимум, а интензивните бои ги заменив со впечатливо парче накит, добра чанта и со обувки.

Колку ти се допаѓаат моменталните трендови и колку се обидуваш да ги следиш?

Јас сум жена што слепо не следи трендови. Во мојот плакар може да се најдат безвременски парчиња облека стари и 10-15 години. Имам и облека што ја носела мајка ми, па сега и јас ја носам. Ја сакам безвременската класика. Имам и трендовски парчиња облека, но тоа е минимално, речиси незабележително. Моите колекции ме отсликуваат мене, па 90 отсто од облеката што ја носам е мој дизајн.

Како би го опишала твојот стил на облекување?

Суптилен со доза на елеганција. Женствен, но и строг истовремено, надополнет со модни додатоци кои му даваат доза на храброст.

Кои се твоите правила за нега и убавина од кои не отстапуваш?

Дневната и вечерната рутина за нега на лице се задолжителни чекори во моето секојдневје. Негуваната жена е половина од убавината, остатокот го прави облеката.

Одржувањето рамнотежа помеѓу мајчинството, кариерата, грижата за домот и грижата за себе е вистински предизвик. Како ги негуваш менталното здравје и внатрешната убавина?

Јас сум човек што барем еден час во денот сака да е сам со себе. Тој час правам рестарт, спојувам мисли, бришам тоа што не е добро. Има денови кога не можам да го направам тоа, едноставно немам време и веднаш се чувствувам оптоварено.

Си имала ли период во животот кога си била несигурна во себе?

Јас сум јарец и секогаш тежнеам кон сѐ подобро и подобро. Моите амбиции се огромни, понекогаш ми предизвикуваат тежина и несигурност, но тоа брзо го надминувам со работа. Единствено несигурна во себе бев кога се роди Лазар, предвремено родено бебе, и кога на мојот роденден си отидов дома со празни раце, а тој остана во болница. Цело време се прашував што направив погрешно за да се случи ова.

Постои ли нешто што би го сменила кај себе?

И повторно да се родам, би го избрала истиот овој живот, со истата јас.

Можеш ли да ни споделиш твои топ три совети за поголема самодоверба?

1. Верувајте во себе и во своите амбиции.

2. Изгледајте убаво и средено (мене ова многу ми помага).

3. Немојте да се плашите од неуспех.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ИНСТАГРАМ

МАРИЈА ЛАТИНОВСКА ни откри што (не) сака кај себе: „Денес сфаќам дека убавината е во несовршеностите“
Прочитајте и

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More