МАРИЈА ЛАТИНОВСКА ни откри што (не) сака кај себе: „Денес сфаќам дека убавината е во несовршеностите“

Разговор за убавината

Со ТВ-водителката Марија Латиновска разговаравме за убавината, самодовербата и негата

Работата на телевизија подразбира редовно користење шминка и секојдневно внимавање на изгледот. Тоа најдобро го знаат ТВ-водителките, кои поминуваат многу време пред камерите, а една од нив е Марија Латиновска. Нејзината ведра и смирена енергија е нејзиниот заштитен знак, а еве како таа ја негува својата внатрешна и надворешна убавина…

Што било убаво за тебе порано, а што сметаш дека е убаво денес?

Порано мислев дека мора да изгледаме перфектно за да бидеме убави, а денес сфаќам дека убавината е во несовршеностите. Инаку, приватно користев многу повеќе шминка како помлада, не сфаќајќи дека секогаш е подобро лицето да не се оптоварува многу. Сега многу поважно ми е да се релаксирам, да отспијам, да имам енергија, а сето тоа се рефлектира и на убавината.

Како изгледа твојата рутина за нега и убавина?

Многу внимание ѝ посветувам на негата на кожа. Наутро и навечер го чистам лицето, нанесувам хидратантен крем, преку ден ставам заштитен фактор. Еднаш неделно правам пилинг и ставам маска. Кога кожата изгледа свежо и негувано, нема потреба од многу шминка.

Колку често се шминкаш во приватниот живот и каква шминка претпочиташ?

Претпочитам ненападна шминка, која, кога брзам, се состои од кармин и маскара. Верувам дека „помалку е повеќе” – сега и засекогаш. Користам помалку, а квалитетни производи, кои ќе бидат ефектни. Минимализмот е нешто што сè повеќе го применувам, како во шминкањето, така и во секојдневието.

Како ги негуваш твоето физичко и психичко здравје?

Двете одат заедно во пакет. Физичката активност е задолжителна за да се чувствуваме добро, но треба и да се чувствуваме добро за да бидеме физички активни. Танцувам, пешачам и возам велосипед. Најмногу ме релаксираат времето поминато со најблиските и читањето книги. Не треба да ја потценуваме терапевтска моќ на книгите. Најевтин, а најефектен метод на опуштање.

Си имала ли некогаш проблем со самодовербата? Постојат ли нешта што би сакала да ги смениш или подобриш кај себе?

Не постои човек кој во одреден момент не се почувствувал несигурно. Така и јас. Особено кога бев помлада, и тоа е нормално. Но самодовербата се учи со работа на себе. Кога сакаме нешто да подобриме, треба да направиме промени кои ќе нè однесат до зацртаната цел. Со секое исполнување на целта, се подобрува и самодовербата. Се трудам секогаш да бидам позитивна во комуницирањето со јавноста. Насмевката, воспитувањето, харизмата ги сметам за предност. Она што би сакала да го подобрам кај себе е почесто да ја гледам „големата слика”, помалку да обрнувам внимание на детали и да не бидам перфекционист.

Од што се состои убавината на една жена?

Вистинската убавина и самодоверба зависат од тоа каква енергија поседуваме и што мислиме за себе. Повеќе работа на себе, со мала помош од производите за убавина е сè што ни треба за да блескаме.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

„Најголемиот предизвик е да се прифатиш себеси“: Стилистката Мила Арсовска ни откри што (не) сака кај себе!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.