Експертите откриваат што го прави некого сексапилен
Секоја година, љубителите на поп-културата расправаат за изборот на магазинот „Пипл“ за „Најсексапилен маж на светот“. На таа листа, низ децениите се нашле Бред Пит, Џад Ло, Идрис Елба, Мајкл Б. Џордан, Крис Еванс… А оваа година, ласкавата титула ја понесе Џонатан Бејли. Но што, всушност, значи да се биде најсексапилен? И зошто некои луѓе магнетно нè привлекуваат, додека други, еднакво убави, не го предизвикуваат истиот ефект?
Експертите тврдат дека сексапилот не се сведува само на физичките особини. Тој, всушност, е комбинација од биологија, хемија, карактер и култура. Како што вели експертката за говор на тело Бланка Коб:
„Сексапилот е во окото на набљудувачот. Некого може да го привлече погледот, тонот на гласот или мирисот. На други привлечен ќе им биде начинот на кој некој се движи, зборува или зрачи со самодоверба.“
Топлиот, отворен говор на телото, самоуверената насмевка и природноста, честопати, се многу попривлечни од совршено обликуваното тело.
View this post on Instagram
Нашата биологија има голема, можеби и клучна улога
Психологот Келси Латимер објаснува дека привлечноста делумно е предводена од нагонот за интимни односи, но и од она што постојано го гледаме околу себе:
„Привлечноста има и биолошки и научени фактори. Сè влијае врз нас: од облините што симболизираат плодност, до фактот што ни станува привлечно она на коешто сме најчесто изложени.“
Симетријата на лицето, мирисот и познатоста, честопати, го поттикнуваат чувството на „клик“ – оној момент кога некој едноставно „ни лежи“.
Но експертите се согласуваат: карактерот неретко прави разлика. Личноста која на прв поглед изгледа просечно, може да стане исклучително привлечна кога ќе го запознаеме нејзиниот хумор, топлина или харизма.
„Карактерот може комплетно да ја промени перцепцијата за привлечноста“, открила Латимер.
„Самодовербата, шармот и харизмата буквално можат да го преобликуваат начинот на кој го гледаме некого.“
Бланка Коб додава дека љубезноста, емпатијата и емоционалната интелигенција се тивки засилувачи на сексапилот. Научно е потврдено: истражување од Универзитетот Сајмон Фрејзер покажало дека луѓето кои се духовити и харизматични, биле оценети како попривлечни по само неколку минути разговор.
Она што се смета за сексапилно не е исто секаде, ниту на иста возраст. Трендовите и идеалите за убавината се разликуваат од култура до култура, но и помеѓу генерациите.
„Стандардите за привлечноста постојано се менуваат. Она што денес е сексапилно во Америка, утре може да биде тренд во Азија и обратно. Со други зборови, сексапилот е флуиден и го обликува нашето опкружување, културата, искуството и личниот вкус“, објаснува Латимер.
Па така, не постои совршена формула која одредува што е сексапилно. Привлечноста е мешавина од биологија, карактер, енергија и момент, нешто што се чувствува, но тешко е да се објасни. Па затоа, иако светот можеби не се согласува околу тоа кој ја заслужува титулата на најсексапилен маж годинава, едно нешто е сигурно: сексапилот не е она што го гледате, туку тоа што го чувствувате.