ЖИВОТНИ КРИЗИ: Прегрнете ги ПРОМЕНИТЕ!

Како да живеете поздраво?

Животот се состои од фази што се прелеваат една во друга, а секоја со себе носи специфични задачи, како и кризи што треба да ги надминеме – за да напредуваме.

Триесетгодишната Синди, сопственичка на стартап-компанија, штотуку излегла од врската за која не знаела каде води, па целата своја енергија ја вложила во својот бизнис со телефонската апликација. Израснала во стабилно опкружување, воспитувана е дека може да се постигне сè доколку се потрудиш доволно. Нејзините односи со семејството биле добри и родителите ѝ помогнале финансиски да го реализира својот деловен план.

Притоа, многу внимавала на својот изглед, здраво се хранела и вежбала, била полна со енергија. Меѓутоа, на деловен план нештата се изјаловиле, бидејќи инвеститорот со кој работела на апликацијата на крајот ја принудил да ја продаде по многу неповолни услови. И не само тоа, ја вовлекол во долгови, така што финансиските извршители тропнале на нејзината врата. Притоа, живееле под кирија и не сакала веќе да бара финансиска помош од родителите.

Во исто време, ја обновила врската со бившиот, па благодарение на заемната страст, повторно почувствувала љубовно прибежиште и емотивна поддршка од негова страна. Меѓутоа, само по неколку месеци, тој ја ставил врската под знак прашалник и – наместо мир и поддршка, кои во тој период ѝ биле неопходни, повторно ѝ предизвикал одлив на енергијата и загриженост, и тоа во моментот кога доживувала и професионално и финансиско фијаско.

Животни задачи

Рана возрасна доба (од 18 до 22 години)

  • Автономија во однос на родителите
  • Роден идентитет
  • Усвојување морални принципи
  • Избор на кариера

Млада возрасна доба (од 22 до 40 години)

  • Истражување на интимните односи
  • Раѓање деца
  • Работа
  • Животен стил

Средна возрасна доба (од 40 до 60 години)

  • Управување со кариерата
  • Негување на партнерските односи
  • Грижа за блиските
  • Водење на домаќинството

Рана доцна возрасна доба (од 60 до 75 години)

  • Унапредување на интелектуалните капацитети
  • Пренасочување на енергијата на нови активности
  • Прифаќање на сопствениот живот
  • Развивање гледиште врзано за смртта

Доцна возрасна доба (75 години и повеќе)

  • Соочување со физичките промени поради стареењето
  • Развивање психолошка перспектива
  • Движење по неистражена територија
  • Соочување со смртта

Ова е само една исповед со која психотерапевтката Џулија Самјуел во книгата „И тоа ќе помине“ ги претставува лицата што се наоѓаат среде животна криза. Кризата на Синди е типична за периодот на младата возрасна доба, а се случува истовремено на љубовен и деловен план.

Животните кризи не предизвикуваат само трагичен настан туку и ситуации што многу често се случуваат во одредени периоди во животот и кои, дури и за најстабилните личности, израснати во функционални семејства,претставуваат предизвик. Токму тие предизвици се она што му помага на човекот да премине од една во друга фаза на развојот – позрел и посамосвесен.

Пред кои предизвици се наоѓаме?

Џулија Самјуел, која е една од најпознатите британски терапевтки, ни претстави мапа на развојните задачи што ги осмислиле водечките американски психолози Филип и Барбара Њуман.

Промената е неминовна

Во секоја животна доба, додека ги решаваме зададените задачи, принудени сме да се справиме и со промените и да ги интегрираме во својата личност и во начинот на функционирање својствен за нас. Меѓутоа, примерите покажуваат дека секој од нас може да преземе мали чекори, кои во одредениот миг ни изгледаат недоволни, бидејќи промената ја доживуваме како огромна, но на крајот, сепак, се соочуваме со сознанието дека, колку и да е голем предизвикот, стравот и болката предизвикани од него можеме да ги поднесеме, без да се скршиме под нив.

Повеќето луѓе на овој начин учат дека можат да веруваат во себе и дека е неопходна отпорност да се издржи непријатноста за да се развиваат и растат. Важно е да имаме на ум дека на некои луѓе им се поклопуваат среќата, сништата и животот, додека, на други животот им е многу позаплеткан, делумно поради одлуките што ги донесувале, а делумно поради недостигот од среќа – за што не се виновни тие. Во секој случај, корисно е да ја прифатиме ситуацијата во која се наоѓаме, каква и да е, за да можеме да влијаеме на неа и да ја менуваме.

Кога станува збор за очекувањата, важно е да правиме разлика меѓу реална и лажна надеж. Некои луѓе сонуваат во текот на многу години од животот или не знаат од што се раководеле кога станува збор за врските или работата, па, за жал, непроживеаните, туѓи животи им се попривлечни од животот што го живееле.

Џулија Самјуел заклучува дека сите имаме искуство на побавно приспособување на промената одошто бараат условите, како и палета на негативни емоции, од незадоволство до болка. Нерешените ситуации од минатото доведуваат до потешки транзиции подоцна во животот. Добар пример се случаите кога одредени членови на семејството одлучуваат да прекинат да контактираат со другите членови на семејството.

Било да се работи за таткото, мајката или браќата и сестрите, евентуалната смрт на тие блиски личности засекогаш може да ја поништи можноста за подобрување на односот, па личноста може да има мошне интензивни негативни чувства.

Еве што помага

Џулија Самјуел осмисли практичен водич со кој можеме да си помогнеме кога нè парализираат чувствата, наречен „Осумте столба на силата“. Тоа се:

1 Односот кон себе – бидете добри кон себе како што би биле и кон пријателот во неволја.

2 Односот кон другите – приоритет се клучните врски, кои бараат да им посветиме време.

3 Управувањето со емоциите – колку сме посвесни за своите чувства и подготвени да водиме внатрешен дијалог, толку е помала шансата да нè совладаат емоциите, а поголема е веројатноста дека ќе дејствуваме рационално.

4 Времето – како што старееме, така односот кон времето радикално ни се менува и стануваме посвесни за деновите и миговите.

5 Умот и телото – сè што консумираме (јадеме, гледаме, слушаме, зборуваме) ќе влијае на нашиот ум и тело, бидејќи врската е нераскинлива.

6 Границите – личните граници нè штитат од наметливоста. Важно е да го разликуваме она што можеме да контролираме од она што можеме да го менуваме. Важно е и да знаеме што можеме денес во однос на она што сме можеле порано и да ја пронајдеме својата мера.

7 Структурата – ни помага кога времињата се нестабилни, корисно е да биде составена од здрави рутини и навики.

8 Фокусот – фокусирањето на неизговорените фрустрирачки чувства и нивното изразување и ослободување се од пресудно значење за смиреност и здрав живот.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.