Зајакнете ја самодовербата со примена на барем еден од советите што ви ги предлагаме

Супер-его

Самодоверба. Тоа е она што ни овозможува да влеземе сами во просторија полна со луѓе или да одржиме деловен состанок. И што е најважно, се стекнува без психотерапија.

Самодовербата е особина што ги привлекува луѓето повеќе од затегнато тело или скапа облека. Повеќето од нас успеваат да ги надминат најважните животни ситуации со задоволителна доза сигурност. Но дури и на релативно самоуверена личност одвреме-навреме ѝ е потребна мала инјекција на сигурност. Како што веќе кажавме, луѓето ги привлекуваат оние што добро се чувствуваат во сопствената кожа. За среќа, патот до поголема сигурност и до лична среќа не води преку психијатриска ординација, ниту преку пластичната хирургија. Еден мал потег од овие 30 што ви ги предлагаме може значајно да влијае на вашето его.

 1 Прифатете пофалба. Кога некој ќе ви упати комплимент, заблагодарете му се со насмевка. Немојте да го обезвреднувате коментарот самопотценувајќи се. Задржете се само на она што го слушнавте и немојте да размислувате што стои зад комплиментот.

2 Отфрлете ги стереотипите. Жените ги потценуваат своите способности во сферите што ги сметаат за типично машки. На пример, една од тие области е математиката. Но многу истражувања докажуваат дека жените еднакво добро ги решаваат математичките проблеми како и мажите.

3 Не анализирајте ги премногу работите.

Лицата што немаат самодоверба, често анализираат сè. Обидете се да донесете брза одлука, без да размислувате за можните сценарија, кои само ве парализираат.

4 Поправете го тенот. Генерално, постојат неколку точки на лицето што треба да се коригираат за постигнување совршен изглед: внатрешните и надворешните агли на окото, двете страни на носниците и двете страни на усните. Затоа, нанесете малку коректор на овие места.

5 Престанете да се извинувате.

Поминете барем 24-часа без да изговорите: „Извини“. Луѓето често се извинуваат кога се чувствуваат несигурно. Ослободете се од тоа и ќе почувствувате наплив на самодоверба.

6 Медитирајте. Научно е докажано дека луѓето што секој ден медитираат чувствуваат поголемо задоволство од животот. Затоа, седете мирно 15 минути во тишина и фокусирајте се на дишењето, размислувајќи исклучиво за себеси и за саканата личност.

7 Одморете ја кожата. Сонот е од клучно значење за редуцирање на воспаленијата на кожата. Во тој контекст, ноќниот сон коригира многу знаци на стареење, кои се последица од дејството на стрес-хормоните во текот на денот.

8 Елиминирајте ја напнатоста. Мирисот на зелени јаболка и краставици е најефикасен отстранувач на анксиозноста. Внатрешната страна од рачниот зглоб попрскајте ја со овој мирис и вдишете неколку пати кога ќе почувствувате напнатост.

9 Оддалечете се од огледалото. Кога жените поминуваат многу време пред огледало и вложуваат поголем труд за дотерување, помалку се среќни. Ако премногу му се посветите на физичкиот изглед, трошите премногу енергија, која можете да ја вложите во нешто попродуктивно.

10 Замислете го успехот. Визуелизирајте ситуација во која ја завршувате за вас невозможната задача. На пример, ако во главата одржите успешна презентација, експертите тврдат дека ќе успеете и во реалниот живот.

11 Исправете го грбот. Старото предупредување: „Вовлечи го стомакот, исправи го грбот и исфрли ги градите“, кое постојано ви го повторуваа родителите и наставниците, сè уште важи. Оваа положба е корисна за ’рбетот, а секоја жена ја прави визуелно повита и остава впечаток на поголема самодоверба.

12 Наградете се себеси. Пофалете си се за малите обврски што секојдневно ги завршувате. Немојте да чекате да завршите некоја голема задача. И составувајте список од работите што сте ги завршиле и од оние што треба да ги сработите.

13 Откажете се од брзата храна. Правилната исхрана често пати е доволна за личноста да се чувствува подобро во сопствената кожа.

14 Исчистете ја кожата. Еден од најбрзите начини да изгледате свежо е пилинг на кожата. Него можете да го спроведете на козметичар или дома. Измешајте малку мед и полномасен јогурт и оваа мешавина нанесете ја како маска на лицето (јогуртот е богат со млечна киселина, а медот дејствува антибактериски).

15 Бидете физички активни. Веќе по еден тренинг во фитнес-центар ќе се чувствувате многу позадоволно од своето тело.

16 Сменете ги бојата на косата и фризурата. Жените што ја бојадисуваат косата се посигурни во себе, особено во деловно опкружување. Освен тоа, уредна и свежо исфенирана коса е голем поттик за самодовербата. Речиси сите жени се чувствуваат многу подобро по посета на фризерски салон, а тоа се забележува во нивното држење на телото.

17 Не преувеличувајте ги своите грешки. Луѓето се многу поподготвени да ги простат грешките одошто мислиме. Значи, ако се појавите несоодветно облечени за некој настан, тоа изгледа многу полошо во вашите очи отколку во очите на другите луѓе.

18 Верувајте дека им се допаѓате на другите луѓе. Ова многу лесно убедување ќе ви ги олесни контактите со околината, во сите ситуации.

19 Нагласете го позитивното. Немојте да си дозволите да размислувате дека не сте добри во одредена активност. Наместо тоа, насочете се кон учење на нешто ново. Така полесно ќе ја постигнете целта.

20 Средете си го паричникот. Секоја недела одвојте време за чистење на паричникот. Визит-картите и сметките ставете ги во посебни прегради, а сè што не ви е потребно – исфрлете. Ова ќе ви овозможи чувство на контрола.

21 Престанете да им завидувате на другите. Размислете колку навистина треба да бидете добри во сè. Објективно, поголемиот дел од луѓето не мора да бидат најдуховити, најпривлечни или најбогати за да постигнат задоволство во животот.

22 Користете цветни парфеми.

Жените што носат цветни или зачински парфеми изгледаат послаби. Конкретно, истражувањата покажуваат дека мажите сметаат дека жените што користат вакви парфеми изгледаат 5 кг послаби одошто се. Значи, ако мислите дека тежината ви ја нарушува самодовербата, употребата на цветен парфем ќе ви ја намали анксиозноста.

23 Гледајте го соговорникот во очи. Тоа е навика на сигурните луѓе. Ако лицето со кое разговарате не ја гледа вашата несигурност, нема да ја видите ни вие.

24 Започнете конверзација.

Иницирајте разговор со луѓето – во продавница, на одмор, во пошта… Комуницирањето со другите ќе придонесе да се чувствувате исполнето.

25 Не одлагајте! Одлагањето на обврските ѝ е голем непријател на самодовербата. Ако го пролонгирате извршувањето на некоја непријатна задача, почнете со нешто помало што сте го одложувале. Кога ќе го завршите тоа, поголемата задача ќе ви биде полесна.

26 Носете кармин. Благодарение на шминката, жената поинаку се гледа во огледалото. Многу психолошки студии покажуваат дека кога жените се гледаат посигурни, полесно се соживуваат со таа улога.

27 Бидете доброволец. Докажано е дека луѓето што се занимаваат со волонтерска работа многу подобро се чувствуваат во сопствената кожа.

28 Размислувајте како млада личност. Ако размислувате како помладите од вас, така и ќе се однесувате. Експертите тврдат дека лицата што одржуваат млад дух имаат поголема самодоверба во своите способности.

29 Изразете благодарност. Заблагодарете се за она што другите го сториле за вас, од дреболии до најкрупни работи. Луѓето што се заблагодаруваат се многу позадоволни.

30 Без преголеми амбиции!

Данците се најсреќните луѓе во светот, затоа што тежнеат кон реални цели. Се разбира, здрава доза на амбициозност е пожелна, но немојте да забегувате!

Текст: Н. Човиновска

Фото: Guliver/Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.