За среќа е потребно толку малку…

Тогаш, која е тајната на среќата?

Фото: Pixabay

Танцување пред огледало, гестови на љубезност, омиленото слатко… Ви откриваме како да бидете среќни – сега и засекогаш!

Експертите се согласуваат дека одговорот се наоѓа во нашето однесување. Всушност, секој може да ОДЛУЧИ да биде среќен, да го подобри расположението и позитивно да гледа на работите околу себе. Но за да ви го олесниме спроведувањето на оваа одлука, составивме листа на брзи, едноставни и по малку бизарни идеи за постигнување константна среќа. Значи, одете со дигната глава, станете од канцелариската маса и прошетајте, гледајте комедија, правете… сè што ви предизвикува насмевка.

 1 Смејте се искрено. Чарлс Дарвин меѓу првите открил дека изразот на лицето може да влијае на расположението. Смејте се и вашиот мозок ќе креира чувство на среќа. Толку е едноставно!

2 Испробајте акупунктура во домот, но без примена на иглички. Кога ќе почувствувате дека сте под стрес, притиснете ја акупунктурната точка меѓу веѓите и држете ја неколку секунди.

3 Не нервирајте се поради нередот. Купиштата алишта во спалната соба сметајте ги за одраз на вашата личност. Одредена доза неред во домот може да даде повеќе топлина и среќа отколку совршено уреден дом.

4 Споделете љубов. Изберете три блиски личности и кажете им колку ви значат. Вербализацијата на чувствата е многу посилно чувство од изразување на емоциите преку однесувањето.

5 Гледајте комедии. Иако сè уште не е утврдено на кој начин смеењето го штити срцето, познато е дека стресот ги оштетува срцевите крвни садови. Затоа, пуштете комедија и смејте се гласно!

6 Размислувајте позитивно. Обидете се еден час да не помислите или да кажете нешто негативно. Тоа ќе ви помогне да ги препознаете мислите што ве онерасположуваат.

7 Отфрлете ги финансиските грижи. Ако сте должни, направете сè да го вратите долгот. Испланирајте го најефикасниот начин да ги средите финансиите. Кога ќе ја вратите контролата, ќе се чувствувате подобро.

8 Немојте да сте материјалист. Сите се фаќаме во стапицата дека она што го поседуваме ни го обезбедува статусот. Всушност, тоа има спротивен ефект. Искуството покажа дека луѓето со интересен живот привлекуваат поголемо внимание и восхит од оние со материјалистичко однесување.

9 Гушкајте ги саканите. Во некои ситуации делата зборуваат повеќе од зборовите. Понекогаш нежната прегратка може да ја отстрани болката и да ви даде чувство на сигурност.

10 Опкружете се со мирис на зелено јаболко и краставица. Научно е потврдено дека овие два мириса го намалуваат чувството на анксиозност. Купете кремови за лице и за раце, шампони и купки, аранжмани цвеќе или освежувачи на воздухот со овие ароми.

11 Испијте чашка или две. Истражувањата покажаа дека луѓето што пијат една до две чашки дневно се дружат повеќе и не се изолирани, но три чашки дневно ја намалуваат среќата и предизвикуваат мамурлак.

12 Освежете си ја врската. Повеќе двојки во долгогодишни врски не разменуваат нежности онолку колку што правеле во почеток на врската. Затоа, подарете си повеќе време и внимание и обидете се повторно да се поврзете со партнерот.

 13 Бидете реални. Поставувајте си помали и објективно остварливи цели. Нивното реализирање ќе ви донесе чувство на задоволство и ќе ве поттикне на нови, можеби повисоки достигнувања во животот.

14 Jадете слатки. Ако повремено се почестите со омиленото слатко, тоа нема да ве попречи да ја одржите витата става, а сигурно ќе ви го подобри расположението.

15 Извинете се. Ако некому сте му згрешиле, извинете му се. Без разлика дали се работи за пријателка, колега или за саканата личност, искреното извинување ги намалува последиците од вашето дело и ви носи олеснување.

16 Танцувајте таму каде што никој не може да ве види. Навлечете ги завесите во собата, пуштете ја омилената музика и препуштете му се на ритамот. Танцувајте додека не почувствувате дека психичкиот грч попуштил.

17 Оддалечете се од канцелариската маса. Ако почувствувате стрес, станете од масата и излезете на воздух. Затворете ги очите и сетете се на местото на кое сте се чувствувале прекрасно. Или поканете ги колегите на кафе.

18 Прекинете го кругот на расправии. Неверојатно е колку многу двојки се караат за исти работи. Прифатете го фактот дека не постои права и крива страна, туку дека едноставно имате различни погледи на свет и не вреди да се карате.

19 Пробајте нешто ново и предизвикувачко. Така ќе стекнете чувство на успех и задоволство, поради тоа што ги користите своите потенцијали. Тоа може да биде нов спорт, сликање, пишување…

20 Бидете великодушни и помагајте им на другите. Колешката почестете ја со кафе, помогнете ѝ на старата сосетка да се качи по скали, посветете му се на партнерот. Нивната среќа поради вашиот добар гест ќе биде од непроценлива вредност за вас.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Guliver/Getty Images, Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.