За љубителите на литературата од античкиот/класичниот период: „Писма до пријателите“ и „Античка драма“

Во издание на Издавачкиот центар ТРИ деновиве излегоа од печат две важни изданија кои се занимаваат со литературата од античкиот/класичниот период – „Писма до пријателите“, книга која нуди избор од римската епистоларна книжевност и „Античка драма“ авторско дело на проф. Весна Томовска и проф. Даниела Тошева, која дава целосен приказ за појавата и развојот на различните драмски видови во хеленската и римската книжевност.

Книгата „Античка драма“ претставува сеопфатен научен труд кој ги контекстуализира драмските појави во нивниот автентичен историски, културен и лингвистички простор, и ја опишува посебноста и нужноста на различните авторски и генерички особености во процесот на менување на драмските видови.

Античката драма претставува сложена културна појава дефинирана со својот автентичен и реализиран идентитет во конкретна временска и просторна рамка. Таа претставува задолжителна почетна етапа во развојот на европската театарска уметност и драмска книжевност и обединува неколку драмски вида: трагедија, комедија и сатирска драма, еден лирски облик: дитирамб и препознатлив презентациски модел: театар. Од друга страна, античката драма обединува две култури: хеленската и римската и книжевна продукција на два јазици: старогрчкиот и латинскиот. И хеленските и римските драмски објави исполнуваат определена еволутивна задача во севкупниот развој на античката драма со што и се оправдува нивното здружено разгледување.

 „Писма до пријателите во себе содржи избор од коресподенцијата на пет славни личности од римската историја – Кикерон, Хоратиј, Овидиј, Сенека и Плиниј Помладиот во кои дознаваме многу детали од нивниот живот и работа, за нивните карактери, за јавниот и политичкиот живот, за местото и улогата што ги имале во бурниот Рим. Исклучително образовани, создавале под влијание на филозофските школи актуелни во периодот и пишувале под влијание на општествено-историските настани испреплетени со нивните лични приказни кои се одвивале во тие најбурни времиња на римската цивилизација. Писмата се кратки состави и есеи, во стих и проза, вистински бисери на епистоларната книжевност,  многу познат книжевен вид во римската традиција.

Изборот на д-р Наталија Поповска потврдува дека односите меѓу луѓето кои се одржуваат преку писма се секогаш интригантни и дека писмата се многу повеќе од обичен текст или порака – тие се сведоштва на субјективно доживеани настани.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.