ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ: Топ 5 филмски, музички и книжевни предлози на нашата позната режисерка Теона Митевска

Чек-листа

Погледнете, слушнете, прочитајте!

Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона С. Митевска освои бројни признанија и беше прикажуван на многу фестивали ширум светот, а неодамна ја започна и својата светска кинодистрибуција. Ова се топ 5 филмски, музички и книжевни предлози на нашата позната режисерка…

1 „МОЈАТА ЗАМИСЛЕНА ЗЕМЈА“

Мора да се види! Минатото лето бев дел од жирито на филмскиот фестивал во Ерусалим и документарниот филм на Патрицио Гузман беше еден од најреволуционерните и најфеминистички филмови што сум ги видела во последно време. Краток синопсис: Октомври 2019 година, неочекувана револуција, социјална експлозија. Еден и пол милион луѓе демонстрираат на улиците на Сантијаго за поголема демократија, подостоинствен живот, подобро образование, подобар здравствен систем и нов устав. Чиле си ја врати меморијата.

2 ФИЛМУВАН КОНЦЕРТ

Неодамна го открив Tripping with Nils Frahm – филмуван концерт на Нилс Фрам, достапен на платформата MUBI. Воодушевена сум од него, се чувствувам како да разбрал нешто што ние преостанатите сѐ уште не сме го сфатиле. Режијата е на Беноа Тулемонд и прикажува неколку неверојатни изведби во живо на музичарот Нилс Фрам во една од легендарните згради на Берлин – „Функхаус Берлин“.

3 „СОБИРАЧИ НА ПЕПЕЛ“

„Собирачи на пепел“ е модернистички роман на писателот Давор Стојановски од 2016 година, добитник на наградата „Роман на годината“. Ова книжевно дело го следи светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност, раскажан е во прво лице еднина и зборува за чувството на недостиг, за чувството на осаменост, за стравот од блискост… Животните описи на апсурдните ситуации и деталите во портретирањето на ликовите ми се највозбудливи!

4 „СТРАВ И ТРЕПЕТ“

Данскиот филозоф и автор Серен Кјеркегор некако останува актуелен, сега дури и повеќе од кога било претходно. Неговите размислувања за верата не го губат моментот. Во книгата „Страв и трепет“ тој го истражува верскиот парадокс и прави комплексна анализа на христијанството и на човечките емоции.

5 ТАНЦОВО ШОУ

Не сум пропуштила ниту една продукција на современата танцова компанија „Пипинг Том“, откако ја открив пред околу 15 години. Нивното најново танцово шоу „Триптих: Вратата што недостасува, Изгубената соба и Скриениот кат“ претставува неверојатна комбинација на изум, креативен дух, имагинација и умешност. Уникатно искуство и празник за очите!

Уште збор-два за филмот…

Кој филм е култен според тебе?

„Белата панделка“ од Михаел Ханеке. Оваа црно-бела приказна претставува мрачен приказ на општеството и семејството во село во северна Германија, непосредно пред Првата светска војна. Според Ханеке, „Белата панделка“ зборува за корените на злото, без разлика дали станува збор за верски или политички тероризам. Најдоброто од уметноста на кинематографијата, чисто совршенство!

Со кои актери/актерки би сакала да работиш?

Саманта Мортон, Верле Батенс, Ирена Ристиќ, Вики Крипс, Јана Стојановска, Мадс Микелсен, Ингвар Егерт Сигуросон, Јул Бринер…

„Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска продолжува да го освојува светот

Последна серија што ти оставила впечаток?

Првата сезона на „Младиот папа“. Режијата е на Паоло Сорентино, а во главните улоги се појавуваат Џад Ло и Дајан Китон. Дејството го следи почетокот на понтификатот на првиот американски папа, контроверзниот Пиј Тринаесетти.

Каква иднина му предвидуваш на македонскиот филм, а каква му посакуваш?

Посакувам да биде и да продолжи да биде храбар и без компромиси!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ИВАН БЛАЖЕВ, ИНТЕРНЕТ

Филмски лексикон на Даријан Пејовски: Погледнете филмови по препорака на нашиот режисер
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.