Во погрешно време: Лошиот тајминг е чест изговор што го користиме кога имаме чувство дека сме пропуштиле нешто

Филозофии на тема...

Колку пати сте чуле дека некој добил одлична бизнис-идеја, но не се осмелил да ја реализира, затоа што тогаш не било вистинското време?

Популарната култура ни налага да работиме многу напорно и да правиме сѐ што можеме за да го достигнеме нашиот целосен потенцијал и да се искачиме до самиот врв на успехот и престижот. Никој не се стреми да биде просечен.

Па, затоа, кога мислиме дека сме донеле погрешна одлука или дека сме пропуштиле нешто што веруваме дека сме го заслужиле, во нас се јавува чувство на загуба и празнина. Тоа може да биде поврзано со некаква деловна понуда, промоција, можност за подобар живот или партнерство.

Во моментот кога ќе се соочиме со пропуштање таква шанса, често знаеме да кажеме „тајмингот беше лош“. Колку пати сте чуле дека некој добил одлична бизнис-идеја, но не се осмелил да ја реализира, затоа што тогаш не било вистинското време? Можеби вие сте добиле исплатлива понуда за работа или учење во странство, но во тој момент сте сметале дека тајмингот за да ја напуштите вашата земја е многу лош. Или, пак, сте запознале прекрасна личност што совршено ви одговара, но убедени сте дека врската би опстанала ако се случела неколку години порано или подоцна.

Пропуштање можности

Лошиот тајминг е чест изговор што го користиме кога имаме чувство дека сме пропуштиле нешто или дека сме донеле погрешна одлука. Се сеќавам кога добив можност за важен јавен настап од работа, но одбив, од страв дека ќе потфрлам и ќе се посрамотам. Подоцна ми беше многу криво, но се убедив себеси дека не сум ја прифатила задачата затоа што токму тогаш бев малку настината и, секако, не би можела да зборувам гласно. Се утешив дека понудата ми дошла во погрешно време и дека причината за нејзиното одбивање не е длабоко вкоренета во некои внатрешни чувства и конфликти со самата себе.

Пропуштање на „сродната душа“?

Друг пример за „пропуштена шанса“ има една моја пријателка, која цврсто веруваше дека ја запознала својата сродна душа. Одлично се согласуваа, хемијата беше фантастична и чувствуваа како да се познаваат од некој претходен живот. Единствениот проблем беше во тоа што таа веќе беше во брак. Одлучи да не ризикува да си го уништи стабилниот брачен живот за врска што не знае дали воопшто ќе потрае или е само минлив флерт. Некое време не можеше да се помири со нејзината ситуација и долго се прашуваше дали ја донела правилната одлука. Но разумот преовладеа. Секако, и во овој случај главниот виновник беше „лошиот тајминг“. Тешко е да се признае дека веројатно има некаков проблем во бракот на кој треба да се работи, па полесно е да се впери прстот во идејата наречена време.

Не можеме да знаеме дали јавниот говор што го одбив ќе ја лансираше мојата кариера на скалата на успехот, ниту, пак, дали мојата пријателка навистина ја изгубила љубовта на нејзиниот живот. Но сигурно е дека чувствата на загуба, каење и гнев се единствените траги од неостварливата можност што ни се лизнала од рацете и ако се фокусираме на негативните емоции, наместо да се ослободиме од нив, никогаш нема да можеме да се помириме со одлуката што сме ја донеле.

Ако се случило „во погрешно време“, можеби воопшто не требало да се случи…

Тешко е да се прифати, но ако ви случило нешто во погрешно време, значи дека тоа воопшто и не требало да се случи. Ако ја запознаете вистинската личност во погрешно време, постои голема веројатност дека таа личност, всушност, не е вистинската за вас. Доколку сте пропуштиле некаква работна или животна шанса, најверојатно не сте биле подготвени за тој чекор во моментот и не постои друго сценарио за текот на настаните што веќе поминале. Нема поента да обвинувате надворешен фактор, како што е времето, за последиците од вашите одлуки. Кога ќе ја запознаете вашата сродна душа, ништо нема да може да ве спречи да бидете заедно. Кога ќе ви се укаже неверојатна можност за нешто големо, наменета токму за вас, нема да се двоумите дали да ја зграпчите. Тогаш ќе бидете незапирливи и ниту еден тајминг нема да може да ве поколеба.

       Пишува: Марија Лукаревска

Работа под притисок: Попродуктивни сме кога се тркаме со времето – вистина или мит?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.