Ве инспирираме – Букет Геречџи: „На мој начин!“

Разговор со силна и моќна жена

„На врвот на бизнисот има место само за компетенции и професионализам“

„Халкбанк“ за кратко време стана препознатлив синоним за успех на банкарскиот пазар во Македонија. Нивното мото е #важниселуѓето, а и ние веруваме дека луѓето ги прават најголемите промени кон подобро. Силните и моќни жени се секогаш наша инспирација, а таква е и Букет Геречџи, членка на Управниот одбор на „Халкбанк АД Скопје“.

1. Раскажете ни за вашиот пат. Што ве донесе до самиот врв на една толку одговорна работа – сонувавте ли за успех?
Поставување цел и посветеност на целта, мислам дека тоа е клучно за сè, за секое лично чувство на задоволство.

Без разлика за каква определба станува збор или за каква амбиција, пресудно за достигнување е да се има истрајност, посветеност, да се вложува во образование, во себенадградување.

Тоа е патот до целта. Попусто е да се има само желба и амбиција, ако не развивате вештини. Желбата и амбицијата треба да поттикнуваат на акција, а на крајот вештините и знаењето се тие што го трасираат патот до целта.

Можеби мојот пат дотука, до Македонија, беше случаен, но сигурно не е случајна работата што ја работам. Знаев што сакам да работам, знаев што ќе ме преокупира и се насочив кон тоа.

2. Важите за цврст авторитет. Дали мажите, искрено, го препознаваат женскиот потенцијал во врвот на бизнисот?
Моето искуство, кое е поврзано и со мојот социолошки бекграунд, професионален пат и слично, ме уверува дека авторитетот произлегува од самата личност, од духот, од ширината на интелектот, од компетенциите и убедувањата што ги развиваме.

Не би требало и сосема е погрешно авторитетот на еден професионалец да биде поврзан со родовата припадност. Живееме во современ свет и во професионалниот развој сè помалку има ограничувања што потекнуваат од оваа класификација.

И жените и мажите ги признаваат компетенциите и потенцијалот на другите, без разлика дали тоа некогаш било машка или женска работа. Единствените ограничувања што постојат на тој пат, можат и најчесто произлегуваат од самите нас, ако не сме доволно сигурни или компетентни за одредена работа, тогаш може да бараме оправдувања во надворешни фактори.

Но да бидеме искрени, нема сила, ни авторитет, што нема да отстапи на вистинските вредности. И ова се однесува за сè, не само за професионалниот ангажман. На врвот на бизнисот има место само за компетенции и професионализам, и тоа е многупати докажано. А морам да забележам дека потенцијалот, професионалноста, капацитетите се еднакво признаени во Македонија и во оваа професионална средина нашироко се применети.

3. Во нашите традиции мајчинството е причина за откажување од амбициите, но вие пронајдовте поинаков начин.
Некои традиции навистина треба да еволуираат и оваа е една од нив. Денес сме сведоци на многу примери за успешни мајки, но и професионалци во своето поле. Кариерата и личната амбиција не треба да се жртвуваат за што било, а уште помалку најблагородната функција – да се биде мајка. За себеси секогаш велам дека сум горда мајка на две прекрасни ќерки, изградени и оформени личности. И да, тоа донекаде ме дефинира, но само дел.

Покрај тоа, во сопствениот опис би додала уште многу други квалификации што ме опишуваат. А како стигнав до сето тоа, со желба, со разум, со поставување приоритети, со рамнотежа и со љубов. За сè може да има време и може да се постигне, ако се има правилниот пристап. А тој пат, секој треба индивидуално да си го најде.

Со тоа што ќе ги остариме своите цел без да жртвуваме што било друго, даваме позитивен пример за нашите деца. Секоја мајка, всушност секој родител треба да биде пред сè пример за своите деца.

Децата гледаат и го прават тоа што го прават нивните родители. Ако родителот со грижата, емотивноста и вниманието кон своето дете, еднакво пред него ги покаже и својата амбиција, трудољубивост и посветеност на целта, и детето ќе ги осознае овие карактеристики како позитивни.

4. Од „Халкбанк“ велат дека сте силна инспирација и за жените и за мажите и тоа е еден од најголемите показатели за успех. Кој или што ве инспирира вас?

Изминативе шест години во Македонија ми отворија друга перспектива кон работите. Да се работи и живее во друга земја, одделена од семејството и пријателите е предизвик, дополнително на одговорноста на позицијата. Но исто така колку што е предизвик, толку е и можност за да ги погледнете работите од друга страна, да се фокусирате на други преокупации и да развиете нови вредности.

Работата во средина како што владее во „Халкбанк“ е секако олеснување на секој чекор кон исполнувањето на целта. И кога наидувате на позитивна енергија, на кооперативност, на професионалност, лесно е да ја најдете инспирацијата. Токму од една таква средина извира, како одговор на сето она што го добивате од околината.

А успехот, може различно да се дефинира, успехот на работа не е истиот и дома. Затоа задоволството е поважно, задоволството со она што го работите. Можеби денес нема да се покаже успехот, или ќе дојде по неколку месеци, но затоа, пак, задоволството на крајот од денот покажува дека сте на правилниот пат, а тоа може да биде инспирација за следниот ден, за следните ангажмани и обврски.

Ако сакате да најдете инспирација, можете да ја најдете насекаде. Моја инспирација е да ги надминам сопствените очекувања, да ја исполнам поставената цел и да бидам среќна и задоволна со себеси и со тоа што го правам.

5. Покрај сите големи нешта кон кои целиме или за кои сонуваме, сепак, малите нешта се неминовен вентил за менаџирање на стресот. Што ви причинува најголемо задоволство?
Убаво кажано, малите нешта и уживање во овие само навидум мали нешта, музика, изложба, патување, пријатели, книга, разговор, моменти со семејството… толку мали, но суштински нешта што богато го облагородуваат животот.

За мене задоволство е на крајот на денот да имам чувство дека денот ми поминал исполнето, продуктивно, дека сум ги завршила обврските, дека сум уживала со семејството, со пријателите, со самата себе, исполнет ден од секој аспект.

6. Луѓето секогаш на прв поглед имаат способност да ја видат само површината. Затоа изгледот е важен. Дали негата на стилот ви причинува задоволство или обврска?
Да, вистина е дека физичката појава ја има моќта да биде понекогаш и пресудна за понатамошниот тек и тоа во извесни случаи е и тажна вистина од каде што произлегуваат многу неправди. Како социјални и општествени битија, нашето богатство го носиме под површината од физичкиот изглед и појавата и тоа нѐ прави хумани.

Но, сепак, и изгледот е важен и ја игра својата значајна улога од еден сосема поинаков аспект. За мене физичкиот изглед е дополнителна алатка за надградувањето на самодовербата, сигурноста и она како самите себеси се доживуваме. Физичкиот изглед е одраз и е важен за она како се чувствуваме самите и гледаме на самите себе, а не за околината. Грижата за телото, здравјето, одржувањето и уважувањето на природниот изглед се исто толку важни како и хранењето на духот и интелектот.

Тоа прави да се чувствувате удобно во својата кожа, да ви биде пријатно со себе и да ви ја поттикнува самодовербата. За мене, одржувањето на физичкиот изглед и создавањето на стилот на облекување се одвивале паралелно со интелектуалното и емотивното градење на личноста, па затоа тоа ми доаѓа природно и, во секој случај, задоволство и уживање.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.