УМЕТНОСТА НА ЈАВАЊЕТО: Цеце Георгиев ни раскажа сè за љубовта кон коњите и за нејзиното пријателство со Чек Поинт Чарли

Ве инспирираме

„Да се има сопствено грло коњи е исто како да се има дете, обврската и одговорноста се исти, а можеби и поголеми, бидејќи станува збор за животно“

Грациозни, благородни и слободни. Велат дека коњите можат да ни ги позајмат крилјата што ни недостигаат. Достоинствени се и предизвикуваат страхопочит. Вистински успех е да се скроти ова елегантно животно и да се изгради цврст и лојален однос со него. Цеце Георгиев, една од нашите најпопуларни поранешни манекенки и моделки, има успеано во тоа и нејзиното пријателство со коњот Чек Поинт Чарли е добро познато. Започнала да се занимава со рекреативно јавање на 26 години, но набргу ѝ се разбудила желбата за препонско јавање, па цели шест години Цеце и Чарли бележат големи успеси на разни натпревари. За љубовта кон коњите и тајните на јавањето, прочитајте во продолжение…

Никогаш не е доцна

Цеце била опкружена со коњи и домашни животни уште од раното детство, но немала услови да се занимава со овој спорт:

„Дури сега се отвораат коњички клубови во помалите градови и руралните средини. Секако, и патувањата низ светот и учествата на многу меѓународни натпревари за убавина некако ги потиснаа таа моја желба и вродениот талент, за тој да се развие малку подоцна во мојот живот. Но никогаш не е доцна доколку постои голема желба и доколку се работи на нејзиното остварување. Денес ја живеам мојата желба и уживам во неа.“

Со Чек Поинт Чарли се дружат веќе шест години и со задоволство вели дека тој е нејзиниот најдобар и најверен пријател, партнер во скокалиштето, кој секогаш знае како се чувствува и го извлекува најдоброто од неа.

Победите не се најважни

Оваа сезона Цеце и Чек Поинт Чарли учествувале на три меѓународни натпревари во Мирновец Самобор, Шимановци Белград и во Нови Сад, каде што се закитиле со розети и медали. Од сите натпреварувања низ годините, најдраго ѝ е освоеното прво место на Меѓународниот куп на град Скопје во 2016 година, кој се случувал само неколку дена пред нејзината свадба: „Тоа ми дојде како свадбен подарок од Чек Поинт Чарли. Исто толку значајно ми е и второто место во Загреб минатата година, победа што ми се случи по неколкумесечна пауза поради моја повреда.“

Сепак, Цеце вели дека победите не се толку важни колку што се важни довербата и комуникацијата помеѓу јавачот и коњот: „Предизвик и привилегија е да се освои срцето на коњот, да се комуницира со него без еден кажан збор и ретко кој успева во тоа.“

Нашата соговорничка посочува дека коњите се силни и моќни, но и плашливи и нежни истовремено, па колку и да е цврста врската, секогаш се случуваат непредвидливи ситуации и затоа мора да се биде многу внимателен со овие животни.

„Во јавањето нема страв, коњот има толку развиен слух и вид што може да го слушне срцебиењето на човекот на неколку метри оддалеченост. Тоа значи дека ако јавачот се плаши или е несигурен, истото тоа ќе му го пренесе и на коњот. Станува збор за екстремен спорт, па многу е важно да се слуша тренерот или одговорното лице“, порачува Цеце.

Трпението е клучно

Доколку размислувате да почнете со јавање, Цеце потенцира дека најпрво треба да одберете соодветен клуб и тренер, бидејќи основата е најважна. Потребно е да поседувате и опрема за јавачи, која се состои од шлем за јавање, чакшири и чизми или чипови, а еве како изгледа еден тренинг:

„Само што ќе пристигнам во шталата, се поздравувам со Чек Поинт Чарли, гледам како е расположен, добива јаболка или моркови, потоа го чистам, го заседлувам и излегуваме во манежот за јавање. Тренингот почнува и завршува со многу ходом, по ходом следува кас, па галоп. Се работи прескокнување пречки и се дресира послушноста на коњот, имаме и кондициски тренинзи, одење на терен и слично. Секој тренинг е различен.“

 

Покрај негата на коњот и грижата за неговото здравје, важно е да се изгради доверба меѓу јавачот и коњот, а за тоа се потребни време, трпение и многу љубов.

„Јавањето за мене претставува живот и преродба. Навистина е посебно чувството кога си на коњ, особено ако тоа е коњ што ги слуша сите мои команди и безусловно ми верува. А кога се прескокнуваат пречките, адреналинот е на толку високо ниво што не може да се опише со зборови, туку може само да се доживее“, заклучува Цеце.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, Мики Трајковски-Манца

И птиците грабливки можат да му бидат верни пријатели на човекот: Доказ за тоа се јастребот Хари и соколарот Трајче Китановски!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.