„Топер“ ќе израдува 5 читателки со најновото ремек-дело на Хана Филдинг – „Наследство“

Хана Филдинг: „Без искреност не може да има среќен крај“

По „Скандал и чест“ и „Љубов под маски“, Хана Филдинг ја завршува трилогијата „Андалузиски ноќи“ со романот „Наследство“, кој беше промовиран на Саемот за книга, а верните читатели имаа можност да се запознаат во живо со наградуваната авторка…

Романот „Наследство“ на авторката на најубавите љубовни романи Хана Филдинг, се заснова на сето срце и душа во „Скандал и чест“ и „Љубов под маски“ и ги поврзува сите ликови и нивните приказни во една кохезивна целина. Со неа разговаравме за инспирацијата да го создаде ова ремек-дело.

Зошто токму „Наследство“ ќе ја стави точката на епската љубовна приказна инспирирана од шпанскиот темперамент?

„Наследство“ ги истражува наследствата на љубовните приказни од претходните романи: како третата генерација, децата и внуците на моите херои и хероини од „Скандал и чест“ и „Љубов под маски“, се справува во модерната доба? Дали животот и љубовта се поедноставни или покомплицирани за нив? Според мене, „Наследство“ се заснова на сето срце и душа во „Скандал и чест“ и „Љубов под маски“ и ги поврзува сите ликови и нивните приказни во една кохезивна целина.

„Наследство“ раскажува за уште еден страстен и мистериозен љубовен заплет, кој се случува под андалузиското сонце. Како оваа книга се разликува од претходните две во истата трилогија?

 Сите мои хероини од трилогијата „Андалузиски ноќи“ се силни жени, но Луна е најнезависна и, можеби, најхрабра. Таа е научна новинарка, која патува на другиот крај од светот за да работи на тајна мисија. Се работи зарационална жена, која цврсто стои на земја. Загубата на нејзината мајка ѝ оставила траен белег. Додека Луз, хероината од „Љубов под маски“, ги има љубовта и поддршката одсвоите родители (Александра и Салвадор од „Скандал и чест“), Луна е сосема сама.

Главната хероина Луна Вард се соочува со еден од најголемите човечки конфликти – борбата помеѓу срцето и здравиот разум. Што треба да се одбере во таква ситуација?

 Во Шекспировиот „Хамлет“, таткото го советува синот: „Над сè друго, остани верен на себеси“. Без оглед на вашата историја и наследство, најважно е вашето сопствено патување, кое може да го одредите само ако го следите вашето срце. Секако дека е лесно да се даде овој совет, но понекогаш многу е тешко да се примени, бидејќи за да го следите срцето треба да бидете отворени и искрени со вашето вистинско „јас“.

Тајните честопати се најголемите виновници за крајот на најсилните љубови, а за истото тоа се зборува и во „Наследство“. Зошто луѓето упорно се обидуваат да скријат одредени работи од своите партнери?

Мислам дека на многу луѓе им е тешко да бидат отворени во врска со своето вистинско „јас“, поради стравот од одбивање. Многу љубовни приказни го обработуваат овој недостиг од искреност. Сетете се на Рочестер од „Џејн Ер“, кој не може да ѝ каже на Џејн, неговата љубов, дека има умоболна сопруга. Но, сепак, ако двајца луѓе сакаат да се посветат еден на друг, треба целосно да се предадат и да се разоткријат себеси. Треба да веруваат дека партнерот нема да ги осуди или одбие, туку дека ќе ги сака целосно. Сите мои љубовни приказни ги доведуваат ликовите до оваа искреност, бидејќи како би можеле да имаме среќен крај без да бидеме искрени кон себеси и другите?

Вашиот омилен цитат е „Ако постои книга што сакате да ја прочитате, но сè уште не е напишана, тогаш морате сами да ја напишете“ од писателката Тони Морисон. Па, ја имате ли прочитано оваа книга или сè уште работите на неа?

Секоја книга што ја пишувам е книга што сакам да ја прочитам, со пејзаж што ме инспирира, теми што ги сметам за трогателни и значајни и ликови што се многу реални за мене. Кога ќе ми дојде некоја приказна, чувствувам дека ме прогонува додека не ја напишам. За мене, пишувањето е еден вид ослободување. Откако ќе ја напишам приказната, станувам слободна… сè до следната идеја!

Издавачката куќа „Топер“ ќе израдува пет читатели на мајскиот број на „Убавина и здравје“ со по еден примерок од романот „Наледство“. Доколку сакате да ги добиете на подарок, треба да нè лајкнете, да нè споделите на вашиот фејсбук-профил, доколку сакате, оставете ни и ваш коментар (вашите коментари ни значат многу) и со тоа станувате потенцијален добитник на подароците од роденденската (мајска) „У&З-лавина“.

Добитниците од „лавината на подароци“ ќе ги објавиме во јунскиот број на списанието „Убавина и здравје“.

Следете нè! Забавувајте се со нас! Читајте нè! Ние сме тука за вашата убавина и здравје!

Разговарала: Марија Лукаревска

 

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.