Тие неверојатни гени! Како функционира наследувањето?

Еве што ни овозможува познавањето на генетиката

Што ни овозможува познавањето на генетиката? Единствениот состав на ДНК-материјалот, кој, како отпечатокот од прстите, без грешка може да не доведе до извршителот на некој злостор, до откривање на татковство или откривањето на идентитетот на извршителот на кривично дело не е толку револуционерна работа за човештвото. Сепак ќе се согласите дека превенцијата на болестите е многу поважна. Како што веќе кажавме, гените се носители на позитивните и на негативните карактеристики.

Непосакуваниот облик на нос или уши не е ништо во споредба со болестите што можат да бидат дел од генетичкиот материјал. Сепак одговорот на прашањето дали за време на животот ќе заболиме од дијабетес, хипертензија, псоријаза, малиген тумор на панкреас, на дојки или на јајници зависи од голем број фактори (начин на исхрана, физичка активност, пушење, алкохол, изложеност на стрес).

Значи, гените во најголем број случаи само делумно влијаат за појава на болест и речиси никогаш не се одлучувачки фактор за нејзино манифестирање. Болестите како што се туморите не се ништо друго туку мутации на гените предизвикани од фактори од надворешната средина, бидејќи еволуцијата настанува токму на ниво на гените. Гените се тие што мутираат и чии мутации и новосоздадени особини се пренесуваат на потомството.

Еволуцијата секогаш не се движи во добра насока за организмот и секогаш не е позитивна. Пример за тоа е развојот на гените одговорни за добивање болести.

Модерната генетика може многу да ни помогне во превенција на некои од нив. Со ДНК-анализа можеме да откриеме дали постои предиспозиција за заболување од одредена болест. Во тој случај можеме да дејствуваме превентивно и да ги спречиме или минимализираме последиците од болеста. Ова е посебно делотворно во откривање рак на дојка и на дебело црево, бидејќи денес се познати речиси сите гени одговорни за нивно појавување. Ако навреме се откријат, лицето што ги носи може да се упати на редовни годишни контроли со кои болеста се открива во ран стадиум и успешно се лечи.

Веројатноста дека ќе заболите од некоја болест се зголемува ако од неа боледуваат двата родитела. Кога станува збор за болести од типот на кратковидост или хипертонија, веројатноста е пет, па и шестпати поголема. За идните родители ваквите показатели треба да бидат предупредување кое може да ги упати на примена на разни форми на превенција со која може да се намали или исклучи развојот на болеста кај нивните потомци.

Едно интересно прашање што ги заинтригира научниците во 20 век е улогата на гените во формирање на карактерот и личноста на единките. Често сме во состојба нечија пргава нарав, слаба мотивираност, претерана енергичност или необична склоност кон депресија да ги бараме во генетичките предиспозиции.

Објаснувањето воопшто не е едноставно, а според психолозите, генетиката игра незначителна улога во формирањето на карактерот и личноста на луѓето. Од гените може да зависат интелигенцијата и степенот на вроден талент за усовршување одредени моторни способности. Самата личност и карактерот се производ на низа околности, кои ни ги наметнуваат средината и содржините што ги прифаќаме за цел живот. Тоа значи дека две близначиња можат да се развијат во сосема различни личности.

Нека има црна коса и светлосини очи!

Што ни носи иднината? Значењето на генетиката е најголемо во доменот на превентивната медицина и развиените земји вложуваат многу пари во истражувањата во таа област. Сосема сигурно е дека во оваа сфера генетиката ќе напредува до неверојатни граници и дека ќе биде во состојба врз основа на неколку клетки да создаде, односно да копира, здрави органи за трансплантација.

Клонираните органи се многу подобри од оние добиени од донори, бидејќи целосно одговараат на генетичкиот код на болниот, па нема опасност организмот да ги отфрли. Исто така, со откривање на гените одговорни за предизвикување болести и со нивно изолирање може, макар во теорија, да се искоренат карциномите. А колку се далеку комерцијализацијата на генетичкиот инженеринг и отворањето специјализирани ординации во кои ќе можеме да го создадеме „совршениот” наследник или наследничка, со најдобриот генетички материјал од двата родитела? Личност совршено подготвена за секоја несреќа, предодредена за успех и напредок. Звучи како бајка? Или можеби звучи здодевно и непредвидливо?

Замислете свет во кој сите би изгледале како Жизел Бундшен, би играле тенис како Новак Ѓоковиќ, би глумеле како Колин Фарел. Дали убавината, паметот и талентот би имале некаква вредност? Колку и да ни изгледаат „трагично”, токму несовршеностите не прават луѓе, а не безлични машини што без грешка решаваат комплицирани задачи.

Веруваме дека дури и на познатите дами им недостасуваат нивните несовршени делови на телото, кои денес можат да ги видат само на своите ќерки, а кои ги потсетуваат на некое друго време и на нивната одамна загубена личност. Несовршена, но оригинална!

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Guliver/Getty Images

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.