Тату-уметност: Што треба да знаете пред да се тетовирате?

Ги одговараме најчестите прашања за тетоважите!

Доколку сакате да се тетовирате, прочитајте ги препораките на наши тату-артисти

Украс на телото или симбол со длабоко значење – бројот на луѓето што се тетовираат е сè поголем, а предрасудите за нив полека стивнуваат. Но што треба да знаете пред да се тетовирате? Како да одберете тетоважа (поради која нема подоцна да се покаете) и дел од телото на кој би ја ставиле? Колку е важна негата? Дознаваме од прва рака, благодарение на наши тату-артисти…

„ТЕТОВИРАЊЕТО Е КАКО КУПУВАЊЕ УМЕТНИЧКА СЛИКА“

ДУШКО МЛАДЕНОСКИ, тату-студио Skin Art

Кај Душко најпрво се јавува љубовта кон уметноста, поради што завршува средно уметничко образование и две години ликовна академија, но решава да го напушти факултетот и целосно да му се посвети на тетовирањето:

„Отсекогаш постоела љубовта кон цртањето и сликањето кај мене, а со помош на моите родители и нивната поддршка, тоа подоцна прерасна и во професија. Ме привлекувало и тетовирањето, а за тоа најзаслужна е ТВ-серијата ‘Мајами Инк’.“

Со Душко поразговаравме за целиот процес на тетовирањето – од самиот почеток, кога клиентите доаѓаат кај него во студио со нивната замисла, па до крајот, кога најважна е негата на тетоважата:

„Многу луѓе доаѓаат со референции од Интернет, што е многу нормално. Никогаш не прифаќам да ја тетовирам истата слика, секогаш имам тенденција да влијаам врз дизајнот. Се случувало и да одбијам клиентишто не прифаќале сугестии, туку сакале идентичен дизајн на друг артист или настојувале да спојуваме елементи што во практика се неспојливи. Се обидувам моите тетоважи да бидат препознатливи. Во светот е позната разликата помеѓу тату-артист, кој создава уметност на кожа, и тетовирач, кој изработува тетоважи со готови дизајни, односно копии. Крајниот резултат зависи од мене, но и од самите клиенти. Негата на тетоважата за време на нејзиното заздравување е многу важна од естетски причини, за да се задржи интензитетот на бојата, но и од здравствени причини, за да не дојде до разни инфекции на кожата. Најчесто се случува да не ја негуваат тетоважата во летниот период, кога луѓето се на одмор и се изложени на силно сонце, море/езеро и знаат да ме прашаат зошто тетоважата изгледа избледено откако заздравела“.

Душко ни објасни дека најдобро е фолијата по тетовирањето да се отстрани по час и половина до два, тетоважата да се измие со вода и сапун и да се намачка со кремот што го препорачал артистот. Заздравувањето трае од десет до петнаесет дена, а за тоа време е потребно секојдневно мачкање, на секои два часа, и миење со вода и сапун пред секое нанесување нов слој од кремот.

Што се однесува до тетоважите што му биле предизвик, тоа дефинитивно се портретите за кои се обидува да изгледаат исто како на приложената фотографија, а неговата омилена тетоважа е онаа што ја истетовирал заедно со двајца негови најдобри другари – пиперка.

„За мене, тетовирањето е еден вид уметност. Тетоважата не мора да има некакво значење и би ја споредил со уметничка слика. Намената на сликата е да го украси домот, па, така, сметам дека и тетоважата може да послужи како украс на телото“.

Ако сакате да се тетовирате, Душко советува да одберете професионално студио, кое работи според сите светски стандарди.

„На оние што првпат се тетовираат, би им препорачал да почнат со помала тетоважа за да дознаат дали тоа е за нив и колку можат да поднесат болка. Но денес постојат и анестетици, кои овозможуваат безболно тетовирање. Околу изборот на тетоважата, најпрво се закажува термин за консултација со артистот. Откако ќе се утврдат дизајнот и местоположбата на тетоважата, се договараат сите преостанати детали за плаќањето и терминот за тетовирање.“

„ТЕТОВАЖИТЕ СЕ ИЗРАЗ НА ЧОВЕКОТ И НЕГОВАТА КРЕАТИВНОСТ“

ИРИНА АТАНАСКОВА, Nameless Tattoo Studio

Ирина има завршено средно уметничко училиште и архитектонски факултет, работи како тату-артистка и илустраторка, па сосема е разбирливо што не би ги издвоила уметноста и тетовирањето како две посебни гранки.

„Љубовта кон тетовирањето некако природно произлезе од желбата за цртање и сликање. Отсекогаш сум сакала да цртам, но не знаев дека ќе го одберам тој пат. Сакав и математика и јазици, меѓутоа на крајот се одлучив за уметност.“

И Ирина не претпочита да работи туѓи дизајни или копии симнати од Интернет, па секогаш се обидува да најде компромис и заеднички јазик со клиентите:

„Во последно време и самите клиенти знаат дека работам свои дизајни, па доаѓаат кај мене токму поради тоа што сакаат да добијат уникатен дизајн наместо нешто што е веќе направено и видено.“

Одговорноста за грижата откако е направена тетоважата е исто толку важна колку и самото тетовирање, се согласува Ирина и нагласува дека обично нејзините клиенти се грижат за своите тетоважи и немаат никакви проблеми.

„Се случува одвреме-навреме некој да ја заборави рутината на чистење или да не ја негува тетоважата докрај како што треба. Во тој случај има потреба да се повторат некои делови од тетоважата, каде што бојата не фатила убаво.“

Ја замоливме и да ни открие која е нејзината омилена тетоважа што ја има на себе, но на ова прашање речиси е невозможно да се даде одговор:

„Сите тетоважи што ги имам на себе ги сакам на одреден начин, бидејќи сите ми носат убави спомени. Моите омилени тетоважи што сум ги изработила за клиенти се обично оние за кои сум имала целосна слобода во однос на дизајнот и стилот – тогаш и јас и клиентот сме најзадоволни на крајот. За најголем предизвик ги сметам тетоважите што ги имам работено на тату-конвенции, бидејќи условите за работа се поинакви од оние во студио: те гледаат многу луѓе како работиш, имаш рок до кога треба да ја завршиш тетоважата, а доколку решиш да се натпреваруваш, притисокот е уште поголем!“.

За Ирина, тетоважите претставуваат израз на човекот и неговата креативност.

„Сите ние сме различни, а тетоважите само ги нагласуваат тие разлики на најубавиот можен начин“, додава таа.

Па, доколку сè уште се двоумите дали да се тетовирате, можеби советот на Ирина ќе ви помогне:

„Во ред е ако некој не сака да се тетовира или ако размислува подолго на оваа тема. Кога ќе дојде вистинскиот момент и кога ќе се почувствувате подготвено, ќе знаете и потоа нема да се каете за вашата одлука. Во однос на дизајните за тетоважа, претпочитам да ги правам сама. Доволно е клиентот да има само идеја за мотивот на тетоважата, па потоа со консултации заеднички ќе дојдеме до финалниот продукт. Откако ќе се направи дизајнот, печатиме различни големини и гледаме која големина најмногу би одговарала според одбраното место на телото. Се прави шаблон од тетоважата, кој се лепи на кожата за да се утврди конечно како би стоела и потоа по него се работи тетоважата. Самиот процес е доста отворен и има простор за целосна транспарентност околу тоа како ќе изгледа финалната тетоважа.“

„СЕКОЈА ТЕТОВАЖА ПРЕТСТАВУВА РАЗЛИЧНА ПРИКАЗНА“

СИМОНА НОВАКОВИЌ, студио Eternity Tattoo

Симона отсекогаш сакала да црта, но шоуто LA Ink со една од најпознатите тату-артистки во светот, Кет вон Ди, било пресудно за нејзината одлука да се занимава со тетовирање. Почнала да вежба на портокали и на свинска кожа, но немала трпение, па најважниот момент за неа бил кога ја нашла првата „жртва“:

„Првата тетоважа што ја направив беше на мој најдобар другар од основно училиште. Бев премногу возбудена, но тој ми рече: ‘Ти верувам, знам дека ќе биде топ’. Најголема поддршка добив од моите родители и мојот партнер – тој е ‘виновникот’ за тоа што денес тетовирам. Заедно го отворивме нашето тату-студио, кое постои повеќе од три години“.

Кога станува збор за тоа дали тетоважите треба да имаат значење или само да го красат телото, Симона смета дека кај секого е различно:

„Имам тетоважи што премногу ми значат и ми служат како спомени, но имам и такви што сум ги нацртала како дизајн, па сум си ги ставила онака. Секоја тетоважа е предизвик, носепак најинтересни се големите, кога треба да склопам цел ракав со повеќе тетоважи“.

Фактот што некој ѝ го доверува своето тело ѝ помагауште повеќе да си ја цени работата, а, според неа, тетоважите се новата уметност:

„Секоја тетоважа претставува различна приказна, со добар или лош спомен. Тетоважите се новата уметност, студиото е ателјето на уметникот, платното е кожата на човекот, а машинката е четката“. А што би ги советувала оние што сакаат да се тетовираат, но не собрале храброст? „Не двоумете се, туку слушајте се себеси – еднаш се живее! Процесот е многу едноставен, но треба да пронајдете заеднички јазик со вашиот тату-артист. Важни се идејата и желбата на клиентот, за сè друго ќе се погрижи тату-артистот.“

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Најубав моден детаљ за цел живот: 30 секси-тетоважи за жени
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.