СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: „И во најболните периоди се трудев во очите на моите деца да бидам мајка-херој, а не мајка-жртва“

Ве инспирираме

Советите на Сузана Турунџиева за тоа како да исчекорите од минатото и да продолжите понатаму се бесценети

Познатата водителка, музичарка и писателка Сузана Турунџиева иако се има соочено со многу падови, бури и загуби, секогаш се труди да продолжи понатаму со гордо крената глава. Нејзините совети се бесценети.

Велат дека времето лечи сè, но во многу случаи тоа се покажува како обична флоскула. Вие сте една од храбрите личности што секогаш отворено зборувале и за своите подеми, но и за своите падови. Од вашето животно искуство, постојат ли загуби за кои времето не е лек?

Времето е голем учител и голем сојузник, ако навреме сфатиш дека од секое невреме можеш да излезеш како победник и да не дозволиш да останеш заглавен во болното  минато. Да, секој ден не е добар во животот,  надоаѓаат и лоши денови, и тоа некогаш во долгометражна серија, ама јас се трудам во секој ден да го давам најдоброто од себе.  Инаку не постои тоа време кое лечи се’, едноставно се навикнуваш да живееш со отсуството на тие кои веќе ги нема, а за сметка на тоа дознаваш колку многу си можел и умеел сам.

Што ви помага најмногу во најтешките мигови? Од кого добивате најголема поддршка?

Најголемата поддршка и сила ја црпам од мојата мајка Блага и од моите деца. Секогаш кога ми е многу тешко помислувам на нив и продолжувам гордо со крената глава, потполно свесна дека мене не ми е дозволен таков луксуз да кукам и да се жалам се’ додека некој се’ уште зависи од мене. И во најболните периоди низ кои поминував се трудев во очите на моите деца да бидам мајка херој, а не мајка жртва.

Како да се собере сила и да се продолжи понатаму? Може ли вистински да се преброди минатото?

За жал, не постои гума за бришење минато. Колку и да било болно, тешко и трауматично,  не можеме ниту да го поништиме, ниту да го заборавиме. Но затоа можеме да работиме на себе, непрестано да учиме, да ги препознаваме знаците кои ни праќа животот, да извлечеме некакви поуки од се што ни се случувало во минатото и да го научиме и применуваме чувството на благодарност.  Секој ден, без исклучок!

Што би им кажале на оние кои се соочиле со слични или исти животни предизвици како вашите? Како би ги советувале?

Би ги советувала да не се воздржуваат да се исплачат секогаш кога имаат потреба од тоа, да стекнат добри пријателства и да ги негуваат истите. Да гледаат само напред, за да не останат заглавени во болното минато. Да имаат макар по едно хоби во кое ќе уживаат. Да ги одржуваат и негуваат и семејните релации, покрај пријателските, бидејќи тоа се луѓето кои најмногу можат да те разберат, поддржат и да те подигнат секогаш кога животот ќе сака да те спушти на колена.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Исчекорете од минатото: Совети од психотерапевт како да се свртите кон иднината и да продолжите понатаму
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.