Страв од чудовишта: Приказна за преземањето ризици и освојувањето нови врвови!

Филозофии на тема...

„Погледни! Личи на змеј и блуе оган“, врескале луѓето. Одеднаш Мајоби почнал да го гледа чудовиштето

Некогаш одамна, во далечната Етиопија, си живеело момче што го викале Мајоби – страшливиот, бидејќи било срамежливо и исплашено од светот околу него. Но тој во еден момент решил дека мора да најде начин да го победи стравот, па, така, тргнал да патува низ светот за да дознае од што се плаши и да се соочи со тоа.

На своето патување стигнал до едно село каде што го пресретнале група исплашени селани. Кога ги прашал што се случува, тие му објасниле дека им се заканува ужасно чудовиште на врвот од планината. Мајоби погледнал кон планината, но не можел да види ништо. „Погледни! Има глава на крокодил!“, извикал еден човек. „И тело големо како на носорог“, „Личи на змеј, фрла оган од челуста!“, врескале селаните. Сега Мајоби почнал да го гледа чудовиштето. Ги гледал чадот и оганот, неговата збрчкана кожа и гневните очи.

Каде и да поминел, ги слушал извиците на селаните: „Децата не можат да одат на училиште, чудовиштето ќе ги изеде!“, „Не можеме да работиме! Ако излеземе на полињата, чудовиштето ќе нѐ фати!“ Мајоби забележал дека никој не работел во селото, никој не правел ништо од страв од чудовиштето.

Иако бил исплашен, Мајоби не се откажал од својата помисла да докаже дека е храбар, па решил да се соочи со чудовиштето. На подножјето на планината погледнал нагоре и почувствувал како го лазат морници по целото тело. Чудовиштето изгледало пострашно од змеј и погневно од глутница волци! Се сетил на деновите кога бил исплашен. Зел длабоко воздух и почнал да се искачува.

Како што се качувал, погледнал нагоре, но сега се чинело дека чудовиштето се смалува. Продолжил понатаму. Кога стигнал на половина пат, чудовиштето повеќе не блуело оган и неговите очи не изгледале толку страшно. Колку повеќе му се доближувал, толку изгледало помало! Кога стигнал пред самата цел, чудовиштето исчезнало! Спокој и тишина. На врвот немало ништо. Одеднаш пред себе забележал едно мало суштество што личело на жаба. Го зел и го однел во селото. „Еве го чудовиштето“, им го покажал на селаните. Мајоби го победил чудовиштето. Се викало страв.

Кое е вашето чудовиште?

Можеби тоа е стравот да прифатите нова работа, бидејќи се плашите од поголеми одговорности и неуспех. Можеби се плашите да му ги признаете вашите вистински емоции на саканиот од страв дека ќе бидете одбиени и повредени. Можеби се колебате секогаш кога треба да го искажете вашето мислење, бидејќи се плашите дека ќе бидете погрешно разбрани.

За жал, многумина од нас одбиваат да излезат од својата удобна зона и да се соочат со непознатото, кое се крие таму некаде на врвот на планината. Постојано слушаме приказни за тоа колку е тешко да се напредува, колку љубовта боли и колку е страшно да се остане сам. Токму тие приказни го хранат чудовиштето во нашата глава до таа мера што тоа станува големо, ужасно, блуе оган и нѐ парализира од страв. Нѐ спречува да преземеме нешто, да го смениме тоа што нѐ прави несреќни. Но никој друг не може да ни помогне да го победиме тоа чудовиште, освен ние самите. Исто како Мајоби, мора да донесеме одлука дека сакаме да се соочиме со нашиот страв!

Сторете го тоа денес! Почнете храбро да се искачувате на планините што водат до непознатото. Станете свесни за тоа дека ако ништо не преземате, ништо нема да се промени во вашиот живот. Доколку продолжите да правите едно исто, никогаш нема да добиете ништо повеќе од тоа што веќе го имате. Запомнете дека искачувањето планини е единствениот пат до нови можности, слобода, развој и поголема среќа. Ќе се уверите во тоа на врвот!

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Уметноста на манипулацијата: Знаете ли да ги препознаете манипулаторите?
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.