Среќа или успех: Што е прво?

Среќата води до успех или успехот води до среќа и како да се пронајдат и двете нешта?

Фото: Pexels

Успешните луѓе точно знаат што сакаат да постигнат. Најчесто не знаат како ќе го направат тоа, но цврсто веруваат дека ќе успеат. И среќни се, а последично и – успешни. Преземете го нивниот рецепт! Направете листа на приоритети и почнете да верувате во себе!

Прашањето е како го дефинираме поимот „полесен живот“? На пример, Витни Хјустон во кариерата го достигна врвот, но се уби. Среќно суштество е она што е среќно заради она што го има, заради она што е. Луѓето почесто би требало да се запрашаат: „Утрово се разбудив во кревет, а знам ли колку луѓе на светот го немаат?“ Пред сто години повеќе од нас спиеле на слама, а денес сите имаме удобни постели.

Тоа никому не му е причина за среќа, а би можела да биде. Имаме топла вода, а дали знаете колку луѓе на планетава можат само да сонуваат за тоа? Од самото утро, кога ќе се разбудиме, се среќаваме со нешта заради кои треба да бидеме среќни и благодарни. Бидете благодарни што имате маж или жена, што немате маж или жена, што имате јакна, што имате пари за кифла, што имате пари за кафе, бидете среќни што имате со кого да го испиете… Можеме да бидеме среќни заради милион нешта, но избираме „мрчејќи“ да одиме низ животот.

Кој сака таков човек? Никој, а тој што „мрчи“ вели „никој не ме разбира, никој не ми дава шанса“… Благодарност за она што го имаме ни носи уште многу добри нешта.

Обидете се во текот на три недели секое утро да бидете благодарни за три нешта што ги имате и ќе видите колку подобро ќе се чувствувате. Ние сме среќни кога ќе ги усреќиме другите, кога нашите сакани се среќни, кога сме во служба на нешто поголемо од нас, кога учествуваме во проект во кој се препознаваме. Тогаш никој не треба да нè принудува, туку трчајќи одиме на работа.

СИГУРНИ СМЕ ДЕКА СЕГА ГОЛЕМ БРОЈ ЧИТАТЕЛКИ ЌЕ СИ ПОМИСЛАТ “УБАВО Е ТОА, НО МАКЕДОНИЈА Е ПОЛНА СО ЛУЃЕ ШТО ИМААТ РАБОТА И ЈА САКААТ, НО ПОГЛЕДОТ НА СМЕТКАТА ВО БАНКА ИМ ЈА БРИШЕ НАСМЕВКАТА“.

Секој ден читаме за луѓе што работат, а не земаат плата. Не може а да не се прашаме од што живеат?! Во таква ситуација навистина е тешко да се пронајде среќата, но не и невозможно. Концентрирајте се на позитивното во својот живот, на љубовта на семејството, на покривот над глава, на сонцето што сјае. Кога на луѓето ќе им ја зголемите платата, се радуваат максимално три недели.

Животниот стил го приспособуваат на новата ситуација, но нивниот внатрешен став не се менува поради тоа. Ако претходно знаеле да бидат среќни, такви и ќе останат, а ако не, никој нема да им помогне. Среќата е внатрешната состојба на духот.

СЕ ДОБИВА ВПЕЧАТОК ДЕКА ТОЈ ПРИСТАП Е КРОЕН СПОРЕД ЛУЃЕТО ШТО СЕ УСПЕШНИ И САКААТ ДА БИДАТ УШТЕ ПОУСПЕШНИ, ПА ИМ ПОМАГА ВРАБОТЕНИТЕ  ДА ГИ УБЕДАТ ДА БИДАТ ЗАДОВОЛНИ. МОЖЕ ЛИ НАВИСТИНА ДА ИМ ПОМОГНЕ НА „ОБИЧНИТЕ“ ЛУЃЕ?

Овој пристап е одличен за сите луѓе, не зависно од полот и од возраста. Тој не е за оние што бараат изговори, туку за оние што бараат начини. Тоа се оние што бараат, на кои можеме да им дадеме и кои се подготвени, бидејќи им дошло време за понатамошен раст и развој.

На некои тоа време сè уште не им дошло, но им доаѓа полека, а ние сме тука. Додека чекаме, работиме со оние што тоа го сакаат сега. Секој избира за себе. Поинаку кажано, ние со своите мисли и со она што го зборуваме создаваме своја реалност.

Сè почнува со автосугестија. Ако кај нас самите нема поголеми убедувања, би можеле да ги најдеме кај другите. Тоа е многу едноставно, но не е лесно. Ете, толку е сè едноставно и прашање на избор, а токму тоа е начелото со кое треба да се водиме – со своите мисли и зборови да си го програмираме животот, бидејќи тој е исклучиво наш избор. Секогаш.

СЛЕДЕЈЌИ ЈА ЗДРАВАТА ЛОГИКА, АКО МОЌТА НА АВТОСУГЕСТИЈАТА Е ТОЛКУ СИЛНА, ДАЛИ МОЖЕ СО НЕА ДА СЕ МАНИПУЛИРА?

Ние постојано манипулираме. Кога се вели манипулација, луѓето веднаш помислуваат на нешто лошо. Манипулирање не е ништо друго туку управување. На пример, секој родител што се обидува да го натера детето да ја напише домашната работа всушност манипулира со него.

Овој пристап можете да го набљудувате како алатка да извршите најпозитивно можно влијание врз себе и врз оние што ви се важни. На пример, ножот е остар и може да повреди некого, но тоа нема врска со ножот, туку со луѓето што го држат.

Дури 99% од луѓето сакаат да бидат добри мајки, добри татковци, добри ќерки, подобри работници, подобри управители, но не знаат како. Ним им помага НЛП. Често може да се слушне „на сите им посакувам добро, но луѓето се генерално лоши“. Па кои се тие други луѓе ако секој себеси се смета за добар? Значи, сите луѓе сакаат добро, само не знаат како да го реализираат тоа. Допрва учиме да бидеме најдобри што можеме, да развиеме подобра верзија за себе и да ги оствариме своите сништа.

ШТО МИСЛИТЕ, КОЈА Е НАЈГОЛЕМАТА ПРЕЧКА КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА КОМУНИКАЦИЈАТА – ДЕЛОВНА И ПРИВАТНА?

Има многу пречки, но можеби најголема е онаа од која произлегуваат сите други – недостиг на љубов и на почит кон самиот себеси, а потоа и кон другите. Кога луѓето ќе научат искрено да се сакаат и да се почитуваат себеси и сите околу себе, сите меѓучовечки односи и целиот живот им се трансформираат, а тие блескаат на сите полиња.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.