Спиритуална нега: Еве што можете да направите за убавината, душата и за телото!

Дали верувате во шаманизам заради убавина?

Духовен пристап кон убавината – зошто да не?! Шаманизам заради убавина, козметика врз база на кристали која ја смирува кожата, но и душата, лунарна нега… Звучи како поинаков свет, но спиритуализмот во козметиката дефинитивно привлекува големо внимание. Еве што можете да направите за убавината, душата и за телото!

Кога се работи за нега на кожата, повеќето од нас се потпираат на препаратите со докажан квалитет, чија делотворност е научно потврдена. Ретко кој при изборот на овие препарати ќе се потпре на одреден хороскопски знак, месечева мена, дејството на кристалите или на некоја слична „езотерија“.

Во дигиталниот свет, во кој паметните телефони станаа нашите амајлии, дури и најголемите „неверници“ можат да видат зошто новиот бран на спиритуални производи привлекува сè поголемо внимание. Луѓето сè повеќе сфаќаат дека изгледот е директна последица на емотивната и на духовната состојба и дека не е доволно дејството исклучиво на естетска основа.

Значи, потиснете го скептицизмот и дознајте што може да направи за вас спиритуализмот во козметиката.

Компанијата Ceremonie од Ванкувер е зачетник на овој нов тренд во козметиката. Нејзиниот основач Мими Јанг е шаман, односно шаманка. За оние на кои не им е јасен овој термин, шаманизам е практикување спиритуална интеракција со растенијата, минералите и со природните елементи заради излекување и трансформација.

Принципот на работењето на оваа компанија е испраќање примероци од производите врз основа на онлајн-барањата на потенцијалниот купувач. Сепак, примероците не се исти за сите. Госпоѓата Јанг прво ги повикува личните духовни соработници, или чувари, да ѝ помогнат во изборот на соодветниот козметички производ од понудата, а потоа му го испраќа на купувачот.

Фото: Getty Images

Духовни соработници? На ова прашање, шаманката Јанг одговара:

Работам со духови, а кога ќе примам нарачка, се поврзувам со клиентот и барам од своите билки да ми ‘кажат’ што ѝ е потребно на таа личност.“

Пакетот со порачаните производи се осветува со посебна енергија и се прска со света вода од посебни тревки за да стаса неоштетен до примачот. Со производот пристигнува и специјално упатство за употреба. Ако се работи за средство за чистење на кожата, тоа вклучува изговарање посебна мантра:

Се соочувам со својата реалност исчистена од илузијата на чудата.“

Мантрите се разликуваат во зависност од типот на производот и од ефектите што треба да се постигнат со неговата примена. Во почеток, повторувањето на мантрата пред огледало изгледа доста бизарно, но кај оние што пробале дејствува смирувачки. Потоа, препаратот полека се нанесува на кожата и истовремено се замислува дека сите негативни перцепции што личноста ги има за себе се растопуваат во рацете и исчезнуваат.

Потоа следува нанесување на еликсир и крем за лице (секој со различна мантра), за да се оствари крајната цел – блескава кожа што зрачи. Всушност, тешко е да се каже дали ефектот е резултат на духовната мантра или на дејството на ладно цеденото етерично масло од органски одгледуваните билки на госпоѓата Јанг.

КРИСТАЛИ – ПОВИСОКО НИВО НА ДУХОВНАТА КОЗМЕТИКА

Еден камен, една мисија Овие материи сè почесто влегуваат во состав на препаратите за нега на лице. Во нивните ефекти, освен подобрување на текстурата и бојата на кожата, се вбројува и зголемување на енергијата и на менталната снага, како и релаксирање и враќање на доброто расположение. Луѓето стануваат поотворени кон дејството на кристалите заради здравјето и убавината.

Еден од пионерите во производството на кристална козметика е компанијата Själ. Нејзината сопственичка Кристин Петровиќ вели:

Кога првпат ги промовиравме своите препарати, не истакнавме дека нивните формули се темелат на кристали – мислевме дека нашите луѓе ќе нè прогласат за луди или за измамници. Меѓутоа, кристалите веќе не се доживуваат како нешто наменето исклучиво за хипи-популацијата.“

Бидејќи вибрираат на висока фреквенција, ја зголемуваат клеточната енергија во кожата, ја стимулираат микроциркулацијата и го освежуваат нејзиниот изглед. Но, како некој да одреди кој камен е најдобар за неговата кожа (и душа)?

На пример, розовиот кварц е одличен за смирување иритации, црвенило, како и за отворање на срцето кон љубовта и утехата“, вели Кристин.

Жад е камен што носи смиреност и му помага на лимфниот систем да ги отстранува отровите од телото и вишокот течности.

За турмалинот се верува дека го поттикнува свежиот изглед на кожата.

Лунарната козметика како следен чекор

Стручните лица предвидуваат дека следен чекор во духовната козметика би можела да биде лунарната нега. Во блиска иднина, препаратите за нега на кожата ќе бидат во согласност со ритамот на планетите и со месечевите мени, а не само со годишната доба. Фазата на полна месечина е идеална за детоксикација и за ослободување од притисок, додека фазата на млада месечина е совршено време за исхрана на кожата и на организмот.

На светскиот пазар веќе постојат препарати кои се претставници на месечевиот тренд, како што е морската сол за периодот на полна и млада месечина Species By The Thousands.

Значи, останува прашањето дали приврзаниците на конвенционалната козметика и на проверено делотворните материи што се користат во неа (хијалурноска киселина, ретинол и коензим Q10), ќе ја усвојат новата духовна козметика која се темели на сосема поинакви принципи? И дали може да се постигнат оптимални резултати со комбинирање на овие две врсти козметика за нега или за тоа е потребно да бидете „100% верник“?

Изгледа дека оваа приказна е слична на ефектите од јогата. Дури и ако не сте апсолутен приврзаник на филозофијата што стои зад јогата, вежбите несомнено ја подобруваат психофизичката состојба на оние што ги практикуваат.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.