Славица Наков: „Немам идеали за кои сонувам, додека животот се случува, ги ценам малите, секојдневни радости“

ЖКК Вардар во првенството му ја одзеде титулата на Бадел, тргнувајќи го од престолот. Сега девојките на Жаклина Стојановска се апсолутни владетели со освојување на „двојната круна“. Славица Наков ја понесе наградата „најдобрата поединка“, која ја смета за „круна на својата 20-годишна кариера“.

За љубителите на спортот – е една од најдобрите кошаркарки, за Петар (5) и Андреа (3) –  најдобрата мајка. Славица Наков успешно жонглира со спортските активности во сала, со работните задачи во канцеларија и со семејните обврски дома.

Го одбрани трофејот на „Вардар“ во финалето на женскиот кошаркарски куп на Македонија против „Бадел“ и ги понесе признанијата МВП и најдобар стрелец, а вчера со „вардарки“ ја освои и шампионската титула! Таа е една од ретките спортистки кај нас што повеќе од десетина година се задржале на врвот на македонската кошарка. И покрај многуте успеси на спортски план, таа сонува за иднина во која ќе биде неизмерно горда на своите деца…

Убаво е чувството кога вложениот труд е препознаен и награден. Какво значење имаат освоените спортски титули за тебе?

Секоја победа и секое признание се од огромно значење за еден спортист. За мене, овие признанија се награда за моето целокупно залагање и трудот што максимално го вложувам во кошарката. Во животот сите се бориме да се искачиме на врвот. Во мојата кариера тој врв беше пред десетина години, но со оглед на квалитетот на женската кошарка во моментов, иако сум негде при крајот, сè уште сум тука негде горе.

Имаш изјавено дека ќе играш додека не освоиш шампионска титула со „Вардар“. Што ќе следи потоа?

Да, тоа беше мојата желба и нашата цел оваа сезона, која ја остваривме. А што потоа!? Малку повеќе одмор, пред сè. Во однос на кошарката, знам дека нема да застанам тука, бидејќи љубовта што ја имам кон овој спорт е голема и не верувам дека така лесно ќе се разделиме. Веројатно ќе продолжам, но од еден поинаков агол. Оваа година почнав да работам како тренер со помлади категории и планирам повеќе да се посветам на оваа работа, да се надградувам и да се обидам дел од моето знаење да им го пренесам на помладите.

Каков е интересот кај малите девојчиња за кошарката?

Секогаш постојат девојчиња кои имаат љубов кон спортот, односно кошарката. И покрај многубројните обврски што денешните деца ги имаат во училиште, сепак се трудат да бидат редовни на тренинзите, внимателно ги слушаат инструкциите, ги работат вежбите… Само така може да се напредува. Талентот е важен, но потребни се многу работа, посветеност и упорност за да се постигне успех.

Твојата кошаркарска кариера бележи успеси и на интернационално ниво, во Грција и Исланд…

Аспирација на секој професионален спортист е да ја збогати и надгради својата кариера со интернационално искуство. Во двете земји се натпреварував во највисоката лига и морам да потенцирам дека условите за работаи посветеноста на спортските работници се на највисоко ниво, што беше многу различно од она на кое бев навикната додека играв во Македонија. Сето тоа резултираше со шампионски титули и индивидуални признанија и награди. Од двете земји си заминав збогатена со позитивни искуства и преубави спомени, пријателства кои сè уште траат… Иако бев на врвот на кариерата и имав можност да продолжам во некои од најдобрите Европски лиги, сепак, во тој момент решив да им дадам приоритет на студиите на Факултетот за безбедност, кои веќе неколку години беа во мирување. Во истиот период ми се укажа можност да почнам со работа во претставништво на холандската фирма „React”, потоа започна и љубовната приказна со, сега мојот сопруг, Александар и така решив да останам во Македонија.

На кошаркарските трибини често може да се забележи твојата најголема поддршка: малите Петар и Андреа и сопругот Александар. Како успеваш да воспоставиш рамнотежа меѓу твојот спортски и семеен живот?

Петар, Андреа и Алек се мојата најверна публика, ми пренесуваат позитивна енергија кога сум на терен и ме мотивираат да го прикажам најдоброто од себе. Алек знаеше од самиот старт на нашата врска дека кошарката е дел од мене и дека спортот бара посветеност, а за Петар и Андреа нормално е дека мама мора да оди на тренинг и на натпревари, бидејќи се вратив на терен додека беа многу мали, па тоа им е секојдневие. Кога не сум на терен се обидувам времето поминато со децата и Алек да биде квалитетно, надвор, во природа… Водно и парк се едни од нашите омилени места за релаксација, возиме велосипеди, сè со цел да ги оттргнеме децата од пороците на 21 век – телефоните и модерната технологија.

Каква е Славица како мајка? Строга или попустлива? Кои се најважните животни вредности што би сакала да им ги пренесеш на Петар и Андреа?

Мислам дека не сум премногу строга мајка, меѓутоа сакам да се почитуваат одредени правила и родителот треба да има авторитет пред децата. А најважни животни вредности што би сакала да им ги пренесам се да веруваат во себе и своите можности, но да знаат и кои им се слабите страни. Да се сакаат себеси и своите блиски, да знаат да ги почитуваат луѓето и да немаат предрасуди. Она што би сакала да им го укажам е дека животот не е фер и дека ќе мора да се борат за да успеат.

Само пет месеци по раѓањето на Петар и Андреа се врати назад на терен. Новите мајки сигурно ги интересира како успеа да се вратиш во форма толку брзо по бременоста. Која е тајната?

Не би рекла дека има некоја тајна. Едноставно јас бев активен спортист и иако во бременоста ја зголемив тежината, по породувањето многу брзо успеав да се вратам во форма, токму поради спортскиот начин на живот. Големо влијание имаше и процесот на доење и сите предизвици што ги наметнува улогата на нова мајка, но би рекла дека оваа тема е многу индивидуална и никако не треба телото да се форсира на активности за кои тоа не е подготвено во тој период. Секоја жена треба да се чувствува удобно, да ужива во мајчинството, а организмот самиот ќе сигнализира кога е време за дополнителни активности и враќање во форма.

Покрај професијата со полно работно време, редовните тренинзи, натпревари и семејните обврски, успеваш ли да најдеш време за себе? Од каде црпиш енергија за твојот преполн распоред?

Работата, кошарката и семејството ме исполнуваат и ме прават среќна. Тоа што го правам од љубов ми дава енергија. Секако, понекогаш посакувам денот да трае барем уште неколку часа за да можам повеќе да си поиграм со децата, да изгледам некој добар филм со сопругот или да можам да поспијам барем уште пет минути.

Самата велиш дека си личност од типот „можам сè“, што е одраз на голема борбеност и висока самодоверба. Дали овие особини отсекогаш биле дел од твојот карактер или станува збор за нешто што се стекнува низ годините?

Мислам дека оваа особина е дел од мојот карактер. Отсекогаш сум била упорна и сум се борела да го добијам она што сум наумила. Никогаш не ги гледам животните падови како пораз. Верувам во себе, давам сè од себе и каков и да е крајниот резултат, знам дека сум се обидела. А самодовербата сум ја стекнувала низ годините. Знам колку не знам и верувам во она што го знам.

Соништата се движечка сила што нè мотивира и нè турка напред. За каков живот сонуваш во иднина?

Немам идеали за кои сонувам, додека животот се случува. Ги ценам малите, секојдневи радости, уживам со семејството и исполнета сум со работата што ја работам. Се надевам дека иднината ќе донесе добро здравје, тоа е најважно, а би сакала и да уживаме во интересни патувања, нови искуства и, секако, замислувам иднина во која ќе бидам бескрајно горда на моите деца.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: Александар Велов

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.