Сандра сопругот ја изневерувал со порно-актерка: Додека таа им помагала на сите, животот сурово ѝ вратил

Холивудската миленичка зад себе има блескава кариера, но и болни лични приказни – од брачна измама и развод што го потресе светот, до загубата на човекот кој ѝ бил најголема поддршка.

Сандра Булок е една од најомилените и најплатените холивудски актерки, чие име со децении е синоним за успешни филмови, харизма и професионализам. Но зад блескавата кариера и насмевката на црвениот тепих се крие животна приказна исполнета и со големи победи, но и со тешки лични удари.

Кариерата ја почна кон крајот на осумдесеттите години, а светската слава ја стекна со улоги во романтични комедии и филмови што станаа дел од филмската историја. Публиката најмногу ја памети по остварувањата „Брзина“, „Љубовни магии“, „Додека ти спиеше“, „Мис таен агент“ и „Две недели за заљубување“.

Филмовите „Предлогот“ и „Гравитација“ се меѓу нејзините најуспешни проекти според заработката, но најголемото професионално признание го доби за драмата „Невидлива страна“ (The Blind Side) од 2009 година. За оваа улога освои златен глобус за најдобра актерка во драмски филм, како и оскар за најдобра актерка во главна улога.

Сандра Булок влезе во историјата и како првата актерка чиј филм заработил повеќе од 200 милиони долари на американскиот пазар, но и како единствена жена која во иста година беше прогласена и за најдобра и за најлоша актерка според различни филмски признанија.

Љубови што ја одбележаа младоста

Пред бракот, Сандра имаше неколку познати љубовни врски. Беше свршена со актерот Тејт Донован, кого го запозна на снимањето на филмот „Љубовен напиток број 9“, а нивната врска траеше четири години.

Подоцна беше поврзувана и со фудбалерот Трој Ајкман, музичарот Боб Шнајдер, како и со актерите Метју Меконахи, со кого се запозна на снимањето на филмот „Време за убивање“, и Рајан Гослинг, нејзиниот партнер во филмот „Убиство по ставки“.

Сепак, најголемо внимание привлече нејзиниот брак со телевизиската личност и мотокрос-возач Џеси Џејмс.

Бракот што заврши по голем скандал

Сандра и Џеси се запознаа во 2003 година, а во брак стапија на 16 јули 2005 година. Неколку години изгледаа како еден од најстабилните парови во Холивуд, но нивната приказна доживеа драматичен пресврт.

Само неколку дена откако Сандра го освои оскарот, во јавноста излегоа информации за неверството на Џеси Џејмс. Медиумите ја објавија неговата наводна афера со актерката во филмови за возрасни Мишел Мекги, што предизвика огромен јавен скандал.

Поради случувањата, Булок го откажа доаѓањето на лондонската премиера на филмот и им се извини на британските обожаватели, а неколку дена подоцна ја напушти куќата во која живееше со сопругот.

Разводот беше официјализиран на 28 јуни 2010 година.

Мајчинството – нејзината најголема улога

Во периодот кога минуваше низ брачната криза, Сандра направи голема животна одлука – да стане мајка.

По тригодишен процес на посвојување, во 2010 година таа го посвои момчето Луис од Њу Орлеанс. Одлуката за посвојување ја донела откако со Џеси Џејмс престојувала во овој град, каде што помагала по разорниот ураган Катрина.

На синот му го дала името Луис, по нејзиниот омилен музичар Луис Армстронг.

Пет години подоцна, во 2015 година, актерката откри дека посвоилa уште едно дете – девојчето Лајла.

Сандра ја презеде целосната родителска одговорност и често истакнуваше дека семејството е нејзиниот најголем приоритет. Таа внимателно избираше проекти што ѝ овозможуваа повеќе време со своите деца.

Љубовта со Брајан Рандал и тивката животна борба

Во 2015 година во нејзиниот живот влезе фотографот Брајан Рандал. Иако не беше биолошки татко на нејзините деца, тој веднаш ги прифати како свои и стана важна фигура во нивното растење.

Сандра често зборуваше за тоа колку ѝ значи што нејзините деца имаат човек кој им дава љубов, сигурност и поддршка.

Но јавноста подоцна дозна дека Рандал со години се борел со тешка невролошка болест – амиотрофична латерална склероза (АЛС).

Болеста ја чувал во приватност цели три години. Дури по неговата смрт во август 2023 година стана познато низ каква тешка борба минувал.

Сандра била покрај него до последниот момент, обезбедувајќи му грижа и поддршка. Брајан Рандал почина на 57-годишна возраст.

Нејзината сестра подоцна откри дека токму грижата за него била една од најважните улоги во последните години од животот на актерката.

Најголемата Сандра, онаа што многумина никогаш не ја виделе, беше жената која беше покрај Брајан. Се грижеше за него со огромна љубов и почит“, изјавила нејзината сестра.

Хуманитарка со огромно срце

Покрај актерството, Сандра Булок е позната и по својата долгогодишна хуманитарна работа.

На Американскиот Црвен крст четири пати му донирала по еден милион долари – за помош на жртвите од терористичките напади на 11 септември 2001 година, за погодените од цунамито во Индискиот Океан во 2004 година, за жртвите од земјотресот на Хаити во 2010 година и за последиците од земјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година.

Во 2012 година донирала 25.000 долари за колеџот Ворен Истон во Њу Орлеанс, а во 2017 година дала и еден милион долари за помош на жртвите од ураганот Харви во Тексас.

Сандра Булок останува пример за жена која, и покрај личните бури, продолжи да гради живот исполнет со љубов, посветеност и хуманост – далеку надвор од светлата на Холивуд.

Фото: Printscreen Instagram (sandrabullock)

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе