РЕТРОГРАДЕН МЕРКУР: Дали навистина верувате дека планета може да биде виновна за вашето непромислено однесување?

Колумна

Set of people flying in space vector flat illustration. Collection of wom n holding planet with dream universe. Concept in flat graphic. Vector Illustration

Филозофии на тема…

Дали периодов ви се случуваше да се расправате за секоја дреболија со партнерот? Или можеби ви се вратил некој дух од минатото и ве ставил пред искушение да направите нешто за што подоцна ќе се покаете. Не сте единствени ни ако сте експлодирале како атомска бомба при најмалата забелешка што ви ја дала вашата пријателка.

Знам дека мене ми се случуваше лесно да избувнам и да реагирам на начин што не е својствен за мене. Па, така, се однесував како детиште кога не ми се погоди музиката на местото каде што бевме излезени со пријателките и едноставно морав да им ја расипам вечерта на сите со моето муртење, а тоа потоа доведе и до жестока караница со една од другарките (се смиривме утредента, сè е во ред). Еднаш е случајност, си реков, но кога се испокарав и со партнерот за тоа кој филм да го гледаме следно, си помислив: ова мора да е ретрограден Меркур!

Астролошки феномен

Сигурно сте слушнале за овој астролошки феномен, но дали знаете за што, всушност, станува збор? Планетата Меркур го добила името по римското божество што служело како посредник меѓу боговите и луѓето. Астролозите велат дека ова е планета на комуникацијата, патувањата и технологијата. Ни помага да пренесуваме пораки со тоа што влијае врз она што го кажуваме и врз начинот на кој го процесираме она што ќе го слушнеме од другите. Три или четири пати годишно, Меркур се движи наназад во небото. Иако и другите планети исто така се движат ретроградно, се верува дека ова ретроградно движење има потенцијал да ги отежне сите работи поврзани со комуникацијата и преносот.

За време на овој период се препорачува да внимаваме на начинот на кој се изразуваме, по неколкупати да ги проверуваме сите пораки и мејлови пред да ги испратиме и внимателно да ги објаснуваме нашите намери. Астролозите советуваат да не донесуваме големи одлуки, како и да ги одложиме патувањата ако е можно. Тие предупредуваат дека е можно да ни се појават и луѓе од минатото (како што се поранешни љубовници), па во тој случај најдобро е љубезно да се одбијат неочекуваните покани за кафе.

Кој е виновен?

Кога ќе се земе предвид сето ова, лесно е да се обвини ретроградниот Меркур за нашето непромислено однесување, особено кога цела една псевдонаука нè поддржува во тоа. Но дали навистина верувате во тоа дека планета може да биде виновна за нашите не толку сјајни постапки? Ако размислите подобро, навистина имаме тенденција да им ја припишуваме нашата фрустрација на натприродните појави. Кога сме меланхолични, велиме дека тоа е поради лошото време. Кога ништо не ни оди од рака, мислиме дека тоа е така зашто сме заборавиле да си го ставиме „среќното“ синџирче утрината или зашто црна мачка ни го пресекла патот.

Психолозите ќе се согласат дека тоа е природно, бидејќи кога луѓето чувствуваат дека светот околу нив се распаѓа, бараат надворешни извори на контрола, како што се суеверијата. На тој начин, луѓето се обидуваат да добијат чувство на контрола во сиот тој хаос и неизвесност. Но и да пронајдат оправдување за своите негативни мисли и дејства.

Не заборавајте да се грижите за себе!

Колку и да е примамливо да се прибегне кон оваа теорија, пред да го вперите прстот во кутриот Меркур или во кој и да е вашиот изговор за вашето чудно расположение, обидете се да тргнете од себе. Зошто се чувствувате така? Има ли вашето негативно однесување подлабок корен? Од што сте незадоволни и што можете да промените? Издвојте време за контемплација и рефлексија. Не заборавајте да се грижите за себе. Побарајте помош ако имате потреба. Опкружете се со луѓе што ви шират позитивна енергија. Правете ги нештата што ве исполнуваат. Можеби „влијанието“ на ретроградниот Меркур, всушност, е аларм дека сте се занемариле себеси периодов.

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.