Поглед кон иднината со д-р Анис Сефиданис: „Роботите се како миленичиња, треба да ги припитомиме со тоа што ќе ги научиме на емпатија и етика“

Вештачка интелигенција

Како невидлив двигател на иднината, вештачката интелигенција не само што ги менува нашите навики туку и ја преобликува самата суштина на секојдневјето. Што нè чека зад аголот?

Моментално, нашата прва асоцијација за вештачка интелигенција е ChatGPT. Ајде, признајте, што го прашавте последно нашиот нов омилен сојузник во секојдневниот живот? Еве, јас ќе почнам. Последно го замолив да ми објасни како најефикасно да си ги исчистам безжичните слушалки без да ги оштетам, по што љубезно се понуди да ми изработи дијаграм за илустрација на процесот. Претходно го имам прашувано и како најлесно да ги исчистам прозорците, како да ги исперам белите патики, колку калории има во порција турли-тава… Листата продолжува.

Покрај за многуте практични работи, морам да признам дека имам разговарано со ChatGPT и за поделикатни, лични прашања што ме мачеле, и изненадена сум од тоа колку добро ја игра улогата на психолог. Притоа, секогаш сум љубезна, користам „благодарам“ и „те молам“ во комуникацијата (со надеж дека мојот нов „пријател“ ќе ме поштеди во случај да дојде до ВИ револуција), иако некаде прочитав дека користењето фрази од овој тип трошат премногу електрична енергија и ја чинат компанијата десетици милиони годишно! И јас не сум единствената што го прави тоа.

Сè повеќе луѓе почнуваат да развиваат блиски врски со оваа напредна алатка, која е способна да имитира емпатија и разбирање на посуштинско ниво.

„На дневна основа луѓето, свесно или несвесно, имаат повеќе коресподенција со ВИ-агенти одошто интерперсонална комуникација“, вели д-р Анис Сефиданис, професор на Факултет за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.

Тој додава дека дури и нашите меѓусебни релации во киберпросторот сè почесто се посредувани од ВИ-агенти, а наскоро, благодарение на роботите истото ќе се случува и во реалниот свет. Несомнено е дека ВИ е предводник на четвртата индустриска револуција, која го трансформира секој сегмент од животот, а дали тоа значи напредок на човештвото на сметка на живот како во епизода од Black Mirror (знаеме каков крај имаат сите приказни од оваа дистописка ТВ-серија), дознајте од нашиот разговор во продолжение…

Д-р Анис Сефиданис, професор на Факултет за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“
Велите дека секојдневно имаме многу повеќе интеракција со вештачката интелигенција одошто сме свесни за тоа. Па колку, всушност ја разбираме ВИ? Кои се најголемите заблуди што луѓето ги имаат за ВИ?

Најголемата заблуда поврзана со вештачката интелигенција е дека таа е „вештачка“. ВИ е производ на човечкиот ум, кој е производ на природата, па следствено, сѐ што создаваме е во рамките на законите на природата. Таа, всушност, е дел од невродиверзитетот кој отсекогаш постоел околу нас и може само да го збогати спектарот на искуствени и креативни ентитети.

На кои начини ВИ може да ни го подобри животниот стил? Може ли да ни помогне да бидеме покреативни или само претставува замена за човечката имагинација?

Доколку ВИ е подобра во нешто од нас, тоа значи дека самите ние не сме доволно добри. Големите јазични модели (Large Language Models – LLMs) и системите базирани на генеративна вештачка интелигенција (Generative Pretrained Transformers – GPTs) се тренирани врз основа на човечкиот интелектуален и креативен капитал и истите се лимитирани на нашето спознание за светот. Можеби ВИ е добра нова појдовна точка од каде ќе може да ги надминеме сопствените граници за да го трансцендираме нивото на свест на кое постојано се соочуваме со истите проблеми?

Честопати слушаме дека постои опасност ВИ да ни ја „преземе“ работата. Треба ли навистина да бидеме загрижени за ова?

Доколку одредена човечка активност може да биде заменета од машина, тоа значи дека истата не е дизајнирана соодветно за нас луѓето. Една од првите применети апликации на вештачката интелигенција и роботиката беше автономната правосмукалка, глобално прифатена иновација, која веќе е дел од многу домаќинства. А кој не би сакал да има робот кој со помош на вештачка интелигенција ќе може да ги извршува сите наши обврски, и со тоа ќе ни ослободи повеќе време за наша дружба со саканите, самоеманципација и забава?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Anis Sefidanis, PhD (@sefidanis)

Може ли да произлезат некои етички ризици од брзиот развој на вештачката интелигенција, особено во поглед на нарушувањето на приватноста, воспоставувањето контрола врз популацијата и ширењето дезинформации?

ВИ како и секоја друга технологија може да се користи за добро и за зло. Говорот е една од првите технологии на човекот, и за жал до денешен ден се користи за манипулации и дисеминација на лаги. Доколку ВИ го прави истото, тоа значи дека ние сме ѝ дале лош пример. Роботите се како миленичиња, треба да ги припитомиме со тоа што ќе ги научиме на емпатија и етика.

Колкава е опасноста општеството да стане премногу зависно од помошта на ВИ? Каде треба да ја поставиме границата?

Зависноста од ВИ е еднакво штетна како и зависноста од што било друго. Умереноста и самоконтролата се клучни за долгорочно извлекување на бенефитите од оваа технологија. ВИ веќе спасува животи со рана детекција на канцер и превенција на мноштво болести. Регулирање на нејзината употреба и соодветна едукација од најмалата возраст се неопходни процеси за поставување здрави темели на иднината.

Верувате ли дека во иднина ВИ ќе може да имитира човечки емоции и да гради вистински релации со луѓето? Кога оваа можност станува проблематична?

Таа веќе го прави тоа. Проблематично е кога ќе поверуваме во имитацијата, без разлика дали таа доаѓа од роботи или луѓе.

Од ваша гледна точка, како ВИ ќе ги обликува нашите животи во следните 5 до 10 години?

Времето е релативно за ВИ, не може со точност да се предвиди што и кога ќе се случи. ВИ припаѓа на експоненцијалните и рекурзивни технологии, односно таа се движи со огромна брзина на раст, и има потенцијал да се повикува самата себе и да си зададе нови почетни вредности кои не биле предвидени кога ние сме ја конципирале. Не знаеме кога и што точно ќе роди.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Anis Sefidanis, PhD (@sefidanis)

Сметате ли дека ВИ ќе успее целосно да трансформира одредени индустрии и области од животот?

Секако. Хуманоидниот робот Алшар, кој беше изработен од тимот на „Сефиданис“ во Охрид, и ја врши функцијата на диџеј, веќе е продаден на европскиот пазар и е на пат да ги трансформира културниот живот и забавата на милиони луѓе. ВИ е тука да му додаде квалитет на нашето искуство. Секој бизнис-процес, независно од индустријата, е производ на човечката интелигенција. ВИ ја аугментира, односно комплементира природната интелигенција, и роботите во заемна синергија со луѓето можат да создаваат многу покреативни индустрии од оние кои, за жал, сѐ уште го експлоатираат човекот.

Несомнено е дека ВИ значително влијае врз иднината човештвото. Како луѓето полесно да се адаптираат на оваа голема промена? Што би ги советувале оние кои не можат да прифатат дека работите се менуваат?

Секоја промена е тешка и, секако, дека бара откажување од нешто. Но кога во историјата на нашата еволуција сме станале нешто помалку со откажување? Мора да бидеме отворени за промени, тие се основата на опстанокот и прогресот. ВИ е тука да ни помогне да избираме помудро, да го живееме животот со повисок интензитет и да се спознаеме себеси уште подлабоко…

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: AI, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе