По 40 години тивка борба, Македонката Мила Арсовска првпат зачекори без страв благодарение на протетичко стапало!

Инспиративна приказна

Приказната на Мила е потсетник дека зад насмевката на многу луѓе се кријат борби за кои никој не знае

Понекогаш најголемите битки се оние што никој не ги гледа. Таква е приказната на Мила Арсовска – успешна шминкерка и стилистка за коса која живее и работи во САД, а која повеќе од четири децении се справува својата животна борба далеку од очите на јавноста.

Кога имала само две години, додека си играла на железнички шини, ја прегазил воз. Тешките повреди довеле до компликации поради кои лекарите морале да ѝ ампутираат дел од стапалото, па останала без прстите на ногата.

Последиците не биле само физички. Како што растела, се соочувала со ограничувања што многумина ги земаат здраво за готово. Не можела да спортува како своите врсници, не можела да носи отворени обувки, а слушала и сурови коментари дека поради инвалидитетот никогаш нема да се омажи.

Сепак, наместо да дозволи трагедијата да ја дефинира, Мила научила да живее со неа. Болката ја криела зад насмевка, а својата состојба ретко ја откривала. Дури и кога играла одбојка, инвалидитетот го чувала во тајност за да не биде гледана поинаку од другите.

„42 години луѓето ме познаваа, работеа со мене, се смееја со мене и делеа моменти од животот со мене, но речиси никој не знаеше каква борба носев во себе“, напиша неодамна на својот Инстаграм профил.

Таа признава дека станала вистински мајстор во криењето на болката – научила да се смее кога ѝ било најтешко, да продолжи напред и тогаш кога секој чекор бил болен. Не сакала луѓето да ја паметат по инвалидитетот, туку по личноста која станала, по успехот што го изградила и по силата со која ги надминувала животните предизвици.

Но годините си го направиле своето. Неправилното одење почнало сериозно да го оптоварува нејзиното тело, а лекарите ја предупредиле дека без соодветна протеза ризикува сериозни оштетувања на колковите и колената, па дури и идни операции.

Тогаш, првпат решила да побара помош. Преку платформата GoFundMe ја споделила својата животна приказна – нешто што, како што самата признава, било едно од најтешките нешта што некогаш ги направила.

Одговорот бил неверојатен. Благодарение на донациите од луѓе кои ја поддржале, Мила успеала да го собере потребниот износ и да добие современо протетичко стапало.

Моментот кога, по повеќе од 40 години, ја добила протезата бил исполнет со емоции.

„Плачев. Не поради тоа како изгледа, туку поради тоа што значи. Тоа е надеж. Тоа е слобода. Тоа е иднина за која не бев сигурна дека некогаш ќе ја имам“, открива таа.

За првпат во животот може да носи сандали и високи потпетици без да се чувствува ограничено. Иако сè уште учи повторно да оди и процесот на адаптација не е лесен, вели дека секој чекор сега има поинакво значење.

„За првпат по многу долго време чувствувам дека чекорам кон нешто, наместо само да се обидувам да го поминам денот“, напиша Мила, заблагодарувајќи им се на сите што поверувале во неа и ѝ помогнале да започне ново поглавје од својот живот.

Нејзината приказна е потсетник дека зад насмевката на многу луѓе се кријат борби за кои никој не знае, но и дека понекогаш една подадена рака може целосно да му го промени животот некому.

ФОТО: ИНСТАГРАМ

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе