Онлајн-настава, онлајн-конференции, онлајн-тренинзи… Кои се предностите на новиот виртуелен живот?

Ги прашавме нашите соговорници

Колку од вашите омилени активности се префрлија во сајбер-просторот?

Пандемијата нè поттикна да бараме алтернативни начини на функционирање, па голем дел од нашите секојдневни активности се префрлија онлајн. Многу луѓе ги заменија тренинзите во сала со вежбање дома. Следеа конференции онлајн и одлучија да им дадат шанса на онлајн-претставите и концертите. Како се приспособивте вие на новите промени? Недостатоците на оваа принудна дигитализација станаа очигледни по првиот пад на интернет-конекцијата, но можеме ли да извлечеме и нешто позитивно од целата ситуација? Ги прашавме нашите соговорници, кои ги испробаа можностите што ги нуди технологијата…

ГИ ПОСОЧУВАМ ПОЗИТИВНИТЕ СТРАНИ

БОЈАНА СТОЈМЕНОВИЌ, психолог

ЗА ОНЛАЈН-ТЕРАПИИТЕ: Порано луѓето беа поскептични за можноста сесиите да се одвиваат онлајн, но, од друга страна, беа многу практични за оние што често патуваат или не живеат во градот во кој работи психологот. Пандемијата можеби само ги доближи потребата и можноста, па луѓето постепено се навикнаа. Ако тргнам од лично искуство, јас лесно и брзо ја прифатив оваа промена и,еве, веќе осум месеца работам само онлајн, поради лична заштита, но и заштита на клиентите.

НАЈГОЛЕМИТЕ НЕДОСТАТОЦИ: Присутноста и воспоставувањето контакт со клиентот се многу важни во целиот процес и ми недостигаат. Но мора да ја прифатиме реалноста и да се адаптираме. Колку побрзо прифатиме толку поефективно ќе се справиме. Најтешко ми паѓа што дел од мојата работа моментално е оневозможен, поточно организирањето настани за ментално здравје и обуките. Некако не најдов инспирација тоа да го префрлам онлајн. Барем не сè уште.

ПОЗИТИВНИ СТРАНИ: Се наоѓаме во ситуација кога треба да ги посочиме позитивните страни, за да се охрабрат оние што се двоумат да побараат професионална помош. Предностите на онлајн-терапиите се: достапноста, односно можноста да добиете професионална помош од удобноста на вашиот дом, поголемата флексибилност во однос на терминот и местото каде се наоѓате, аризикот од зараза со ковид-19 е сведен на минимум.

КАКО ДА СЕ ЗАЧУВА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ: Целата ситуација имаше и сè уште има ефекти врз менталното здравје на луѓето: стравови, анксиозност, панични напади, депресија, параноја. Иако одржување физичка дистанца е една од главните мерки, потребата за близина му е вродена на човекот, па оттаму и појавата на фрустрација и агресија и, во многу случаи, непочитување на мерките. Доколку се почувствува тешкотија во кој било дел од секојдневното функционирање и се појават симптоми што претходно не биле присутни, препорачувам да се земе предвид разговор со професионално лице, за да се зачува менталното здравје.

ДА СЕ ОХРАБРУВАМЕ МЕЃУСЕБНО

ЕМИЛИЈА ВЕЛИЧКОВА, професорка

ЗА ОНЛАЈН-НАСТАВАТА: Секој почеток е тежок, но секој од нас има задача што ја исполнува на свој начин. Се соочуваме со многу нови, непознати нешта, но се водиме со мотото дека учиме без разлика на возраста. Ништо не е тешко доколку го работиш со љубов.

НАЈГОЛЕМИТЕ НЕДОСТАТОЦИ: Овој начин на комуникација е многу неприроден за секого од нас. Како ќе знам дали им се случува нешто? Нема да сум во можност да разговарам со нив кога сакаат да прашаат илида кажат нешто, но не пред другите. Најголема пречка е и интернет-врската, која не секој ученик може да ја има непречено, или пак уред на кој може да ја следи наставата. Но во тој поглед надлежните ја нивелираат ситуацијата и сè повеќе ученици ја следат наставата без поголеми пречки.

ПОЗИТИВНИ СТРАНИ: Креативноста е сè повеќе присутна, како и несебичната помош меѓу колегите, која е многу потребна, со оглед на брзото вклучување на Националната платформа во употреба. Секој час може да биде многу покреативен и поефективен од начинот на кој се реализира во училница. На почетокот, комуникацијата меѓу наставникот и учениците речиси беше еднонасочна. Како изминува овој месец, сè почести се нивните вклучувања. Многу ме радуваат позитивните впечатоци и задоволните ученици, особено кога ќе кажат дека сè е јасно.

ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ИДНИНА: Нема зошто да размислуваме негативно. Можеби е отежнат начинот на учење, но наставниците се трудат и наоѓаат начини тоа да го поедностават и пренесат. Оваа учебна година мора да се вооружиме со огромно трпение, да наоѓаме решенија за сите пречки на кои ќе наидеме и да се охрабруваме меѓусебно, затоа што светот е полн со луѓе што критикуваат.

ПРЕДНОСТИТЕ СЕ ОГРОМНИ

РОБЕРТ ЧОБАН, претседател на медиумската куќа „Колор прес групација“

ЗА ОНЛАЈН-КОНФЕРЕНЦИИТЕ: Од април до денес, одржавме 14 онлајн-конференции. Многу од конференциите ги одржавме првпат годинава: „Српско-американските односи во време на пандемија“, „Здравството во Република Србија по пандемијата“,„Дигитална трансформација на банките и осигурителните куќи“…

ЗА ПРОЦЕСОТ НА ОРГАНИЗАЦИЈА: Откако ќе ја одредиме темата и ќе најдеме спонзори, контактираме со соговорници. Сите што ќе учествуваат, добиваат линк за да се приклучат на состанокна платформата Зум. Пред самата конференција, ги тестираме сликата и тонот. Оние што не успеале да ја следат во живо, може да ја изгледаат на Јутјуб.

НАЈГОЛЕМИТЕ НЕДОСТАТОЦИ: Најголемиот предизвик беше да се најде решение за конференциите да бидат интересни за учесниците, медиумите и спонзорите, бидејќи платформата Зум беше погодна за организирање конференции, но не и за нивно следење. Поради тоа, најдовме начин конференциите од Зум да ги пренесуваме во живо на нашиот јутјуб-канал. Однапред подготвивме видеа за сите соговорници што го илустрираат она што тие го зборуваат, така што гледачот има впечаток дека гледа телевизиска програма, а не монотон разговор помеѓу четири луѓе во „прозорчиња“ на Зум. Најголемиот недостиг, сепак, е тоа што нема можност за вмрежување, заедничко пиење кафе, размена на бизнис-картички…

ПОЗИТИВНИ СТРАНИ: Трошоците се многу помали (нема трошоци за хотели, авионски карти, ресторани, озвучување), многу полесно може да се дојде до соговорниците, бидејќи дури и кога некој не може во живо да зборува, може да се сними неговиот говор, како што беше случајот со конференцијата за здравство што ја отвори претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Медиумската покриеност е многу подобра одошто кај класичните конференции, бидејќи вклучуваме новинари од различни медиуми да поставуваат прашања во секој од панелите.

Продолжете на следната страница за да ги прочитате искуствата на преостанатите соговорници…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.