Одблизу со актерот АНТОНИО ТАШКОВСКИ: Најмногу го смеат вицовите на неговите баби, а би сакал да соработува со Сидни Свини

Маж во фокусот

Некои луѓе не треба да се трудат да бидат интересни, доволно е само да бидат природни. Актерот Антонио Ташковски е еден таков човек: духовит, шармантен и секогаш искрен.

На Инстаграм е познат како 1Човек – човекот што секојдневно ги смее следбениците со креативните видеа на различни теми, најчесто во соработка со Александар Михајловски. Тоа е неговото алтер-его и на стендап-сцената: „Нежни мажи“, „На линија“, „Натпросечен Македонец“ се само дел од шоута што се прераскажуваат долго по спуштањето на завесата. Но Антонио не е само комичар. Иако е многу млад, неговата биографија вбројува многу телевизиски проекти, театарски претстави, филмови и кабаре-изведби. Јас би рекла дека неговиот успех се должи на неговиот непосреден шарм и професионален пристап кон секој ангажман, а тој ќе каже дека сцената „го сака“ затоа што на секоја улога успеал да ѝ најде место во своето срце. И тоа одново докажува дека љубовта е најсигурниот патоказ за сè што правиме во животот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Antonio Tashkovski (@1covek)

Која улога ти била најголем предизвик досега, а во која најмногу си уживал или си се пронашол?

Досега сум успевал да ги разберам и да ги засакам сите ликови кои се нашле на мојот пат на театарската сцена, но не сум се пронашол во сите. Со некои сме биле дијаметрално спротивни во секој поглед, но сум успеал да им најдам место во моето срце. Секој проект, секоја улога е предизвик сама по себе, но како најголем предизвик би ја издвоил претставата „Замисли нов свет”“ во Македонскиот народен театар.

Голем хит беше стендап-шоуто „Нежни мажи“, во кое настапуваше заедно со Душан Петровски и Бојан Кирковски. Колку им е дозволено на мажите да бидат „нежни“ денес?

И денес и вчера, а и утре, секому ќе му биде дозволено да биде „нежен“, без разлика дали е тоа маж или жена. Границите ги поставуваме ние самите.

Најискрено, кој има подобра смисла за хумор – мажите или жените?

Од досегашното искуство – во секој град во Македонија одговорот е различен, а трката е тесна!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Antonio Tashkovski (@1covek)

Со која актерка би сакал да соработуваш еден ден, од домашната или светската сцена?

Со Сидни Свини, затоа што има една фантастична хемија помеѓу нас двајца на сцена, а и многу од колегите ни имаат кажано и на двајцата дека би биле победничко дуо во некоја романтична комедија. Па се надевам дека наскоро ќе нè видите заедно и на филмското платно, покрај театарот.

Кој женски лик, од некоја театарска претстава или драмски текст, ти има оставено голем впечаток?

Не голем, туку огромен и доживотен впечаток – ликот на Електра во истоимената драма во МНТ пред 11 години. Улогата ја толкуваше нашата прекрасна Дарја Ризова, но не би можел да не ја издвојам и малата Електра, која ја играше Анастасија Ташковска, мојата драга сестра, на што сум особено горд.

Во денешно време жените честопати знаат да кажат дека „нема вистински мажи“. Мажите, пак, велат дека жените ја изгубиле својата женственост. Што мислиш ти за ова?

Мислам дека и двата пола на погрешно место ја бараат вистинската личност. Без претерани анализи, сметам дека „коцките“ на љубовта се местат на најнеобичните места и во најнеобично време. Совршен партнер не постои, се создава по пат на компромиси и меѓусебна адаптација.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Public Room (@public.room)

Секојдневно ги смееш твоите следбеници со интересните видеа на социјалните мрежи, но што може да те насмее тебе?

Шегите на моите пријатели и вицовите на моите баби. А и на социјалните мрежи секојдневно има барем еден „циркус“ од секојдневниот живот во Македонија. Мислам дека имаме многу материјал за хумор и смеење на наша сметка. Убавото е што смеењето е здраво!

Каков е Антонио приватно, кога нема влезено во ниту една улога?

Тоа ќе треба да ги прашате пријателите и колегите. За себе единствено можам да кажам дека сакам да бидам добар другар, достапен и присутен во животите на моите блиски, како што се и тие во мојот.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе