Нордискиот концепт friluftsliv е токму она што ни е потребно на сите – особено сега!

Ве инспирираме

Фото: Getty Images

Сè поголем број од нас ѝ се враќа на природата. Тоа е одлична вест, земајќи предвид дека науката покажува дека „дружењето со природата во траење од 130 минути неделно има позитивно влијание на сите аспекти на физичкото и менталното здравје“.

Нордискиот концепт friluftsliv го нуди токму она што ни е потребно во овој миг: престој на отворено и задоволство од сè што ни дава природата. Еве како да го усвоите овој животен стил.

Изгледа дека сите копнееме по природата и зеленилото. Во една голема студија спроведена над градските жители во 2017 година, повеќе од половина од испитаниците одговориле дека поминуваат помалку од пет часа неделно во природа.

Сепак, три четвртини од нив изјавиле дека престојот во природа им е едно од најголемите задоволства во животот. Но нештата се менуваат на подобро.

Имено, истражувањата покажуваат дека затвореноста во домовите поради пандемијата придонесе повторно да ѝ се вратиме на природата. Тоа е одлична вест, бидејќи науката покажува дека дружењето со природата во времетраење од 130 минути неделно има позитивно влијание на сите аспекти на физичкото и менталното здравје.

Во многу култури постојат ритуали за повторно сплотување на луѓето со природата, а нордискиот концепт friluftsliv е токму она што ни е потребно на сите – особено сега!

Уживајте во конкретниот миг. Чувството на сплотување со природата и со она што моментално се случува во неа го засилува чувството на среќа.

Размислувајте локално

Една од лошите појдовни точки е природата да ја доживуваме како нешто „географски оддалечено“ од нас. Тоа го покажуваат истражувањата. Затоа е потребно вниманието да го насочиме кон природното опкружување во близина на локацијата на која живееме – тоа може да биде парк, игралиште, речен брег или долг дрворед  во центарот на градот.

Луѓето мора да сфатат дека има многу придобивки од тоа природата да биде дел од градовите. И во урбаните средини постојат посебни места што може психички да нè смират и да нè ресетираат, како што се парковите и тревниците, а кои, всушност, веќе не ги забележуваме и ги земаме здраво за готово. Затоа, развијте навика уште на почетокот на денот да уживате во „првата доза на природата“, ветете си дека првото утринско кафе ќе го пиете надвор, без разлика каде се наоѓате.

Малите ритуали водат кон големи резултати. На пример, јапонските истражувања покажуваат дека веќе по 15-минутен престој во природа почнува да опаѓа крвниот притисок, а расположението се подобрува.

Излезете надвор за време на паузата за кафе или ручек. Престојот на отворено, макар и во времетраење од 15 минути, значително го подобрува расположението.

Одвојте време за прошетки
Во еден ден никогаш немаме доволно време да правиме сè што сакаме. Затоа е неопходно да одвоиме време за активностите што нè релаксираат и закрепнуваат. Излегувањето во природа мора да ни стане приоритет, па затоа запишувајте ги личните планови, затоа што ќе чувствувате повисок степен на обврска да го остварите она што е запишано „црно на бело“.

На пример, „Оди да трчаш! Биди надвор 30 минути. Оди да прошеташ за време на паузата за ручек!“ Препораката е природата да ја прифатиме како примарен дом. Со други зборови, научете да размислувате за неа како за основа на својот живот.

Опремата за активностите на отворено чувајте ја при рака, тоа ќе ви овозможи брзо излегување од дома секогаш кога ќе посакате да прошетате, да возите велосипед, да трчате…

Опремата за престој во природа секогаш нека ви биде при рака
Без разлика на вашата идеја за забава на чист воздух, обезбедете достапност на неопходната логистика во секој миг кога ќе посакате да излезете.

На пример, торбата со реквизитите за рекреација нека ви биде во близината на влезната врата. Таа треба да содржи сува храна, шишенца со вода, СПФ-препарат, батериска ламба и резервни батерии за гаџетите што ви се неопходни во природа.

Ако претпочитате возење велосипед, тогаш секогаш нека ви биде лесно достапен и организирајте го времето така што ќе имате минимум еден час во деновите за возење велосипед.

Нека ве водат сетилата
Визуелните и звучните сигнали се најважни за чувството дека се спојуваме со природата. Науката повторно потврдува дека постојат три вида природни звуци што особено ја активираат реакцијата на нашиот мозок и предизвикуваат чувство на смиреност и регенерација.

Тоа се звукот на водата, звукот на ветрот и црцорењето на птиците. Кога планирате излет во природа, изберете место што вклучува барем еден од споменатите звуци.

Шумот на водата, црцорењето на птиците и звукот на ветрот докажано имаат релаксирачко дејство. Притоа, не е потребно да сте во некоја смарагдна лагуна, и звукот на градската фонтана го креира истиот впечаток.

Слушајте ги капките на дождот, седнете покрај некоја фонтана, слушајте ги песната на птиците во блискиот парк и шумот на листовите на ветрот, набљудувајте го заоѓањето на сонцето. Најважно од сè е навистина да го набљудувате и чувствувате она што се случува околу вас (наместо да го фотографирате со мобилниот телефон!). Уживајте во мигот. Чувството на сплотување со природата и со нејзините звуци го засилува чувството на среќа.

Одете на одмор
Ако само една недела престојувате на некое друго место, во природно опкружување, ќе стекнете искуство што може да ви стане основа да развиете навика за одење во природа до крајот на животот. Изберете центар што нуди разни содржини со активности на отворено, според вашите интереси или според авантуристичкиот дух и желбата да пробате нешто ново и поинакво.

Дури и ако искуството на ваков одмор не остави посебен впечаток на вас, имајте на ум дека придобивките се евидентни. Всушност, студиите укажуваат на подобрување на креативноста за 50% веќе по тридневен одмор.

Па, што чекате?! Почнете полека да го пакувате куферот!

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.