Можеби среќата е преценета, а мирот е вистинскиот луксуз
„Со среќа“ и „Среќно“ се најчестите зборови што ги одбираме кога сакаме некому да му честитаме нешто или да му посакаме успех. Живееме со цел да ги искусиме тие мали моменти на среќа, кои траат безобразно кратко. Но животот не е низа на среќни мигови, туку серија на подеми и падови. Некогаш се чини дека на падовите им нема крај и тогаш ќе си кажеме: „Ич немам среќа“. Но дали сме во право? Дали можеби ја преценуваме среќата и цело време трагаме по нешто толку променливо што забораваме дека постојат и други суштински внатрешни состојби?
Мудрост на монах од Шаолин
Пред некое време на Инстаграм ми излезе еден подкаст во кој гостуваше монах од Шаолин. Водителот го праша дали е среќен, а тој, откако длабоко се замисли и констатира дека тоа е многу тешко прашање, одговори дека тој не трага по среќа.
„За да постои среќа, мора да постои и тага. За да има подем, мора да има и пад. За да добиеме нешто, мора и да изгубиме нешто. Затоа, не трагам по среќа. Состојбата што се стремам да ја постигнам е мир“, објасни.
View this post on Instagram
Ме замисли и сфатив дека и јас отсекогаш сум се сомневала во значењето што ѝ го даваме на среќата. Не ме сфаќајте погрешно, и јас сакам да сум среќна. Среќата е супер. Проблемот е во тоа што среќата се однесува како гостин кој никогаш не кажува колку долго ќе остане. Се појавува драматично, ти го празни фрижидерот, ти ја менува радиостаницата и токму кога ќе се привикнеш на сите промени, таа исчезнува, оставајќи го лабавото полно со валкани садови. И ти одеднаш не знаеш што со себе. Зашто, среќата има своја противтежа, едноставно така стојат работите.
Никој не ти кажува дека си се зафркнал ако среќата ти е главна цел…
Секоја еуфорија евентуално доведува до крах. Секоја добивка предизвикува страв од загуба. Секое уживање мора да заврши некогаш. Можеби затоа сите сме толку исцрпени. Постојано се прашуваме нешто. Дали врската сè уште ме возбудува доволно? Дали сум доволно исполнета? Дали сум доволно успешна? Дали сум посреќна за разлика од минатата година? Дали сум посреќна од мојот поранешен партнер? Социјалните мрежи само долеваат масло во огнот, зашто сега среќата не е нешто што само се чувствува. Сега е нешто што треба и да се документира додека се доживува. По можност покрај море.
А никој не ти кажува дека си се зафркнал ако среќата ти е главна цел, затоа што човечкиот нервен систем се адаптира буквално на сè. Може да се вљубиш, да се преселиш во омилениот град, да ја работиш работата од соништата, конечно да ги симнеш вишокот килограми и мозокот повторно ќе изреагира во стилот: па добро, што е следно?
Повеќето од нас не се несреќни, само не знаеме како да ја толерираме неутралноста. Мислиме дека ако не сме еуфорични, нешто сигурно не е во ред.

Мир наспроти среќа
Мирот е нешто сосема различно. Тој не е возбудлив, не лачи допамин. Но дава емоционална стабилност. Кога ќе размислам подобро, некои од најубавите моменти во мојот живот не биле „среќни“ во драматична смисла. Биле мирни. Како седење на пластични столчиња со моите најдобри пријатели Јуле и Фичо на одмор на Скијатос и зборување за сè и сешто. Како јадење нудли и играње Hogwarts Legacy на Сони во вторник вечер, затоа што сум возрасна личност со слободна волја. Како пиење кафе од мојата омилена сива шолја со мачиња додека седам на тераса, а природата допрва се буди. Мирот е многу потценето спиритуално искуство. Можеби не е толку гламурозен како среќата, но е многу постабилен.

Среќа е да добиеш на лотарија. Мир е да не го проверуваш телефонот секои три секунди. Среќа е првиот месец во нова врска. Мир е кога не живееш во постојан страв дека ќе бидеш оставен. Среќа е да ти се восхитуваат. Мир е да не ти пречи кога не добиваш доволно внимание. Мир е да прифатиш дека животот не е константен. Некои периоди се возбудливи, некои се осамени. Некои се продуктивни, а некои се конфузни. Некои се едноставно убави од причини што никој друг не може да ги види. Можеби време е да престанеме да си посакуваме среќа и да почнеме да одбираме мир.
Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES